Прогресивистичка настава

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Прогресивистичка наставанастава која произлегува од педагошкото движење на прогресивистичко образование или прогресивистичка педагогија што започнало во доцниот 19 век и се задржало во различни форми до ден денешен. Епитетот „прогресивистичка“ е даден со цел да се разграничи оваа настава од традиционалната настава од Европа и Америка од 19 век, која се основа на класична подготовка на учениците за универзитет и која е силно диференцирана по општествени класи. За споредба, прогресивистичката настава се основа на сегашното искуство. Главни карактеристики на прогресивистичката настава се следните:

  • Нагласување на учење преку правење нешто - проекти кои вклучуваат мануелна активност, учење преку искуство;
  • Интегриран наставен план фокусиран на тематски единици;
  • Вклучување на претприемништвото во образованието;
  • Силно нагласување на решавање на проблеми и критичко мислење;
  • Работа во група и развивање на општествени (социјални) способности и вештини;
  • Разбирање и дејствување се целите на учењето, наспроти учењето напамет;
  • Проекти за учење кои се темелат на соработка;
  • Воспитание за општествена одговорност и демократија;
  • Силно персонализирано учење кои води сметка за личните цели на секоја индивидуа;
  • Вклучување на служењето на општествената заедница во наставниот план;
  • Одбирање на наставното градиво со земање предвид кои вештини ќе бидат потребни во идното општество;
  • Ненагласување на учебниците во полза на различни други ресурси за учење;
  • Нагласување на доживотното учење и трајните општествени вештини;
  • Проверка на совладаното од ученикот преку евалуација на неговите изработени проекти и изведби.