Прогласување надвор од законот

Прогласување надвор од законот — целосно или делумно лишување на едно лице од правна заштита од страна на државата (вклучувајќи и дозвола за секој да може да го убие лицето што е прогласено за „надвор од законот“).[1] Лицето на кое му е изречена ваква мерка најчесто се нарекува одметник или изгнаник. Во минатото, одметникот го губел правото на судење и секаков граѓански статус, а неговото убиство не се сметало за злосторство.
Во зависност од контекстот, за англискиот поим outlaw како личност, во македонскиот јазик можат да се користат синонимите: одметник, изгнаник, разбојник, бунтовник, востаник, бандит или беззаконик.
Стар Свет
[уреди | уреди извор]Прогласувањето надвор од законот е еден од најстарите видови казни. Овој концепт постоел во државите на Стариот Близок Исток, како и во Стара Грција и Стариот Рим (лишување од вода и оган, на латински: aquae et ignis interdictio).
Кај Старите Германци, прогласувањето надвор од законот се нарекувало „лишување од мир“ (германски: Friedlosigkeit). Изрекувањето на ваквата пресуда се вршело на свечен начин, при што куќата на осудениот била спалувана или уништувана. Тој бил прогласуван за непријател на народот, а секој граѓанин не само што смеел, туку бил и должен да го прогонува, додека за неговото убиство понекогаш била одредувана и награда. Ваквиот осуденик често се криел во шумите и бил нарекуван wavc или wavg, што дословно значи „волк“. Лишувањето од мир можело да биде безусловно и вечно, но можело и да престане со плаќање на откупнина (вергелд).
Во Русија и СССР
[уреди | уреди извор]Според „Руската правда“, разбојниците, потпалувачите и крадците на коњи биле предавани на „прогон и разграбување“ (руски: поток и разграбление). Содржината на овој поим се менувала низ времето: првично значел прогонство на престапникот и конфискација на имотот, а подоцна престапникот бил претворан во роб, додека неговиот имот бил ограбуван.
Прогласувањето надвор од законот под името шельмование (јавно жигосување) било воведено од страна на Петар I во „Воениот статут“ од 1716 г. Под закана со казна, било забрането на вака озогласеното лице „да се прима во друштво“; тоа било „лишено од општеството на добрите луѓе“; не смеело да биде примено „за никаква работа, ниту како сведок“. Доколку некој „таквото лице го ограби, претепа или рани, или му одземе нешто, жалбата на оштетениот не се прифаќала и не му се судело; единствено ако некој го убиел до смрт, тогаш на сторителот му се судело како на убиец“. Според указот од 11 јануари 1722 г, со кој им се заканувало со вакво казнено жигосување на сите благородници што ја избегнувале службата, дури и нивното убиство било прогласено за дозволено.
За време на царицата Елисавета Петровна, од јавното жигосување се развил концептот на политичка смрт или граѓанска смрт.[2]
„Водечките начела на кривичното право на РСФСР“ од 1919 г. исто така предвидувале прогласување надвор од законот како една од мерките за казна.[3] Со уредба на ЦИК на СССР од 21 ноември 1929 г., граѓаните на СССР што биле чиновници во странство и одбиле да се вратат во земјата („пребегани во редовите на непријателите на работничката класа“), биле прогласувани за „надвор од законот“. Тоа значело дека во случај на нивно приведување на територијата на СССР, тие подлежеле на стрелање во рок од 24 часа по утврдувањето на нивниот идентитет.[4]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Яновский А. Е. Вне закона // Энциклопедический словарь Брокгауза и Ефрона : в 86 т. (82 т. и 4 доп.). — СПб., 1890—1907. (руски)
- ↑ „Руководящие начала по уголовному праву Р.С.Ф.С.Р.“. Архивирано од изворникот 2018-04-28. Посетено на 2018-04-27.
- ↑ „Гражданская смерть“. Енциклопедиски речник „Брокхаус и Ефрон“ : во 86 тома (82 тома и 4 доп.). Санкт Петербург. 1890–1907.
- ↑ „Постановление Президиума ЦИК СССР от 21.11.1929 «Об объявлении вне закона должностных лиц — граждан Союза ССР заграницей, перебежавших в лагерь врагов рабочего класса и крестьянства и отказывающихся вернуться в Союз ССР»“. Архивирано од изворникот на 2018-04-28. Посетено на 2018-04-27. no-break space character во
|title=во положба 90 (help)