Прејди на содржината

Пробиотик

Од Википедија — слободната енциклопедија
Живи микроорганизми во пробиотици под микроскоп
Пробиотиците природно се наоѓаат во ферментирани млечни производи и ферментиран зеленчук .

Пробиотици — живи микроорганизми кои помагаат во намалувањето на телесната тежина, односно микробни состојки на храната кои се консумираат во соодветна количина и чие присуство во човечкото тело благотворно влијае на одржување на здравјето. Пробиотиците природно се наоѓаат во ферментирани млечни производи и ферментиран зеленчук. Бактериите на млечно-киселото превривање и бифидобактериите се најчесто користените и најбезбедните микроорганизми кои се користат како пробиотик.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]
Илја Илич Мечников бил првиот што предложил цревна колонизација со корисни бактерии на почетокот на 20 век.

Историјата на пробиотиците може да се проследи наназад до првата употреба на сирење и други превриени млечни производи, кои претставуваат една од најстарите техники за чување на храната,[2] што им била добро познато на Старите Грцит и Старите Римјани кои препорачувале да се јаде така подготвена храна.[3]

Изворната современа хипотеза за позитивната улога на одредени бактерии првпат ја претставил рускиот научник и нобеловец Илја Илич Мечников, кој во 1907 година предложил промена на цревната микробиота и замена на штетните микроби со корисни микроби. Мечников, кој во тоа време бил професор на Институтот Пастер во Париз, ја објавил хипотезата дека процесот на стареење е последица на дејството на гнилежни (протеолитички) микроби кои произведуваат отровни супстанции во дебелото црево. Според оваа хипотеза, протеолитичките бактерии како што се клостридиите (кои се дел од нормалната цревна микробиота) произведуваат отровни супстанции вклучувајќи феноли, индоли и амонијак со варење на протеините. Според Мечников, овие соединенија се одговорни за она што тој го нарекува „автоинтоксикација на цревата“, што потоа предизвикува физички промени во телото поврзани со стареењето.[4]

Во тоа време, било познато дека млекото ферментирано со лактобацили го спречува растот на протеолитичките бактерии поради ниската pH вредност произведена со ферментација на лактоза. Мечников, исто така, истакнал дека одредено население во селски средини во Европа, на пример она што живее во Бугарија и руските степи и главно преживуваат од млеко ферментирано со бактерии од млечна киселина, било исклучително долговечно. Врз основа на овие набљудувања, Мечников предложил внесување во исхраната ферментирано млеко за да се „засеат“ цревата со безопасни бактерии од млечна киселина, а со тоа да се намали pH вредноста на цревата и да се сузбие растот на протеолитичките бактерии. Самиот Мечников во својата исхрана внел кисело млеко ферментирано со бактерија што ја нарекол „бугарски бацил“, сметајќи дека тоа благотворно влијае на неговото здравје. Во Париз, колегите на Мечников набрзо го следеле неговиот пример, а париските лекари почнале да им препишуваат кисело-млечна диета на своите пациенти.

Анри Тисие, кој исто така работел во Институтот Пастер, прв издвоил бифидобактерии од тело на доенче. Изолираната бактерија наречена Bacillus bifidus communis подоцна била преименувана во родот Bifidobacterium.[5] Тисие открил дека бифидобактериите преовладуваат во цревната микробиота на доените бебиња и ја забележал клиничката корист од лекувањето на дијарејата кај новороденчињата со бифидобактерии.

Германскиот професор Алфред Нисле, за време на епидемијата на шигелоза во 1917 година, го изолирал сојот Escherichia coli од столицата на војник кој не бил заразен со оваа болест.[6] Бидејќи во тоа време немало методи за лекување на заразни болести (бидејќи антибиотиците сè уште не биле достапни), Нисле го користел сојот од ешерихија коли Нисле 1917 година кај акутната гастроинтестинална инфективна салмонелоза и шигелоза.[7]

Во 1920 година Ретгер и Чаплин известиле дека „бугарскиот бацил“ на Мелчников, подоцна наречен Lactobacillus delbrueckii subsp. bulgaricus, не може да живее во човечкото црево. Тие спровеле опити со стаорци и човечки доброволци, кои биле хранети со Lactobacillus acidophilus. Го забележале исчезнувањето на патогениот протист Balantidium coli, како и други бактерии кои произведуваат гас. Ретгер продолжил да ги истражува другите можности на Lactobacillus acidophilus и заклучил дека бактериите кои потекнуваат од цревата имаат поголема веројатност да го создадат посакуваниот ефект во оваа средина. Во 1935 година било утврдено дека одредени соеви Lactobacillus acidophilus се многу активни кога се вградат во човечкиот дигестивен тракт.[8]

За разлика од антибиотиците, пробиотиците се дефинирани како микробиолошки добиени чинители кои го стимулираат растот на други микроорганизми. Рој Фулер во 1989 година предложил дефиниција за пробиотици која сè уште нашироко се користи и денес:

Покрај пробиотиците, знаеме и за пребиотици и синбиотици.

Дефиницијата на Фулер го нагласува барањето за одржливост на пробиотиците и ги воведува во област на благотворно дејство на домаќинот.

Општи информации

[уреди | уреди извор]
Кртола на јакон која традиционално се одгледува на Блискиот Исток, Средните Анди во Колумбија и во Аргентина. Освен што е функционална храна, се користи за лекување на висок холестерол и дијабетес, бидејќи туберкулите содржат многу фруктан, главно инулин и фрукто-олигосахариди (FOS), соединенија отпорни на желудочни сокови и кои минуваат низ дигестивниот тракт без да метаболизација, обезбедувајќи помалку калории и извршувајќи слични функции како храната што содржи диетални влакна. Може да се смета и за пробиотска храна.

Бидејќи човечката цревна микробиотика може да игра голема улога во здравјето на домаќинот, моментално постои одреден интерес за манипулирање со составот на цревната флора во правец на можно подобро лечење. Направени се обиди да се зголемат групите на бактерии како што се Bifidobacterium и Lactobacillus, за кои се смета дека имаат својства кои го поттикнуваат здравјето. [9]

Пробиотиците, дефинирани како микробиолошки додатоци во исхраната кои благотворно влијаат на домаќинот со подобрување на неговата микробна рамнотежа во цревата, се користени за да се промени составот на микробиотата на дебелото црево. Меѓутоа, таквите промени може да бидат минливи, па затоа имплантацијата на егзогени бактерии станува ограничена.[9]

Пребиотиците се несварливи прехранбени состојки кои благотворно влијаат на домаќинот преку селективно поттикнување на растот и/или активноста на еден или ограничен број бактериски видови кои веќе живеат во дебелото црево, со што се обидуваат да го подобрат здравјето на домаќинот. Внесувањето на пребиотици може значително да го модулира микробиотниот состав на дебелото црево со зголемување на бројот на специфични бактерии и со тоа менување на микробиотскиот состав.[9]

Несварливите олигосахариди воопшто, и фруктоолигосахаридите особено, се покажале како добри пребиотици. Тие можат да го поттикнат растот на ендогените бифидобактерии, кои по краток период на хранење преовладуваат во човечкиот измет. Покрај тоа, овие пребиотици го модулираат липидниот метаболизам, најверојатно преку производите од ферментација.[9]

Пребиотици и синбиотици

[уреди | уреди извор]

Синбиотик е комбинација од пробиотици и пребиотици, во кои пробиотиците и пребиотиците делуваат синергистички (го подобруваат ефектот). [10]

Пребиотици

[уреди | уреди извор]
Кртола од артичока од која се добива инулин

Пребиотиците се посебен вид несварливи влакна и други супстанции кои обезбедуваат соодветна средина во цревата за раст на бактериите на цревната флора. Пребиотиците не се живи организми, туку супстанции кои човечкото тело не ги разградува. Нивното распаѓање започнува само во дебелото црево под влијание на бактерии. Нивните производи од распаѓањето ги уништуваат патогените организми и го стимулираат растот на нормалната цревна флора.[10]

Најпознатиот пребиотик е инулин, полисахарид кој се состои од Д-фруктоза и мала количина (2-3%) од Д-гликоза. Инулинот го поттикнува растот на бактериите на млечна киселина (пробиотици). Прекумерното внесување на производи кои содржат инулин може да доведе до надуеност и гасови. Поради неможноста инулинот да се вари во желудникот и тенкото црево, неговото влијание врз нивото на шеќер во крвта е минимално, бидејќи не се разложува на моносахариди, па може да го користат и лица со шеќерна болест.

Инулинот во организмот ја подобрува апсорпцијата на калциум.

Синбиотици

[уреди | уреди извор]

Синбиотикот е комбинација од пробиотици и пребиотици, во кои пробиотиците и пребиотиците делуваат синергиски (го подобруваат ефектот).[10]

Висококвалитетен и безбеден пробиотик треба да ги има следните одлики:[10]

  • мора да биде од човечко потекло
  • мора да има непатогени одлики
  • да е отпорен на желудочна киселина и жолчни соли
  • ефикасно да се врзе за цревниот епител
  • да опстојува и да се размножува во цревата
  • да произведува антимикробни супстанции
  • да ги разградува патогените токсини
  • да е безбеден и безопасен за здравјето.

Здравствени ефекти

[уреди | уреди извор]

Здравствените ефекти од пробиотиците и пребиотиците врз подобрувањето на микробната флора на гастроинтестиналниот тракт се потврдени во бројни проучувања. Меѓу другото, делуваат на намалување на нивото на холестерол и подобрување на метаболизмот на ксенобиотиците.

Иако пробиотиците и пребиотиците не се хранливи материи во строга смисла на зборот, храната која содржи пробиотици и пребиотици има јасни позитивни нутритивни ефекти врз здравјето, што ги прави функционална храна.[1]

Постојат различни пробиотици, меѓу кои најчесто се користат оние од родот (по наведениот редослед):

  1. Бифидобактерија,
  2. Лактобацили,
  3. Сахаромицес,
  4. Лактокок.
  1. 1,0 1,1 Spence, J. T. (2006): „Challenges related to the composition of functional foods“. Journal of Food Composition and Analysis., 19 (S4–S6)
  2. Tortora GJ, Funke BR, Case CL (2010). Microbiology An Introduction (10th. изд.). San Francisco, CA: Pearson Benjamin Cummings. стр. 135. ISBN 978-0-321-58202-7.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. Gismondo, M.R; Drago, L; Lombardi, A (1999). „Review of probiotics available to modify gastrointestinal flora“. International Journal of Antimicrobial Agents (англиски). 12 (4): 287–292. doi:10.1016/S0924-8579(99)00050-3. PMID 10493604.
  4. „Arteriosclerosis and intestinal poisons“. JAMA. 55: 2311–2312. 1910.. [a contemporary review of Metchnikoff's work] .
  5. Bermudez-Brito, Miriam; Plaza-Díaz, Julio; Muñoz-Quezada, Sergio; Gómez-Llorente, Carolina; Gil, Angel (2012). „Probiotic Mechanisms of Action“. Annals of Nutrition and Metabolism (англиски). 61 (2): 160–174. doi:10.1159/000342079. ISSN 0250-6807. PMID 23037511.
  6. Nißle, A. (1918). „Die antagonistische Behandlung chronischer Darmstörungen mit Colibakterien“. Medizinische Klinik. 2: 29–33..
  7. Altenhoefer, Artur; Oswald, Sibylle; Sonnenborn, Ulrich; Enders, Corinne; Schulze, Juergen; Hacker, Joerg; Oelschlaeger, Tobias A (2004). „The probiotic Escherichia coli strain Nissle 1917 interferes with invasion of human intestinal epithelial cells by different enteroinvasive bacterial pathogens“. FEMS Immunology & Medical Microbiology (англиски). 40 (3): 223–229. doi:10.1016/S0928-8244(03)00368-7. PMID 15039098.
  8. Rettger FL (1935). Lactobacillus acidophilus & its therapeutic application. OCLC 250265817.. Yale University Pr.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Gibson, G. R.; Roberfroid, M. B. (1995). „Dietary modulation of the human colonic microbiota: introducing the concept of prebiotics“. The Journal of Nutrition. 125 (6): 1401–1412. doi:10.1093/jn/125.6.1401. ISSN 0022-3166. PMID 7782892.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 „Probiotik, prebiotik, simbiotik...“. Galen Pharm Apoteke (српски). 2015-02-27. Посетено на 2021-12-09.

Литература

[уреди | уреди извор]
    Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување
во врска со темите од областа на медицината (здравјето).