Пријатели (ТВ серија)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај


Пријатели
FRIENDS.png
Насловна тема на Пријатели
Формат Ситком
Создадена од Дејвид Крејн
Марта Кауфман
Настапуваат Џенифер Анистон
Кортни Кокс Аркет
Лиза Кудроу
Мет Лебланк
Метју Пери
Дејвид Швимер
Најавна песна "I'll Be There for You" од The Rembrandts
Земја на потекло Flag of the United States.svg САД
Број на епизоди 238 (Листа на епизоди)
Продукција
Времетраење приближно 22 минути (по епизода)
Емитување
Канал на емитување Ен-Би-Си
Емитување 22 септември 19946 мај 2004
Хронологија
Проследена од Џои (2004–2006)
Официјална Веб-страница

ТВ серијата „Пријатели“ (англиски Friends) е наградувана американска комедија за група од шест пријатели кои живеат во Њујорк. Премиерно е прикажана од 1994 до 2004. Создадена е од Дејвид Крејн и Марта Кауфман, а продуцирана од Кевин С. Брајт, Марта Кауфман и Дејвид Крејн. Оваа серија е една од најпопуларните серии на сите времиња, и е прикажана во повеќе од 100 земји. Последната епизода е една од најгледаните епизоди во САД.

Во Македонија, серијата првобитно беше емитувана на неколку телевизии, но првпат во целост беше прикажана на А1 телевизија. Во 2008, серијата беше во целост репризирана на А2 телевизија.

Потекло[уреди]

ТВ серијата Пријатели е создадена во 1994 од Дејвид Крејн во Бурбенк, Калифорнија. Серијата ги има како цел младите, чии интереси за време на 1990-те беа кафéата, излегувањата и независноста. Двајца од ѕвездите на серијата, Метју Пери и Џенифер Анистон претходно имале учествувано во неколку неуспешни ситком пилоти. Лиса Кјудроу исто така имала искуство со ситкоми, благодарение на нејзината улога како Урсула Буфе во Луд по тебе“(Mad about you). Во оваа серија, било откриено дека Урсула била сестра близначка на ликот на Лиса во Пријатели, Фиби. Кјудроу учествувала и во снимањето на пилотот на Фрејзер, во улогата на Роз, но била заменета.[1] Кортни Кокс веќе имала поголемо искуство како телевизиска и филмска глумица, со нејзините улоги во Ace Ventura: Pet Detective, и малите појавувања во ситкоми како Seinfeld и Family Ties (Семејни врски). Писателите на Пријатели го барале Дејвид Швимер за улогата на Рос Гелер уште на самиот почеток. Тој бил најпознат по неговата работа на Бродвеј, но исто така и изрежирал неколку епизоди од Пријатели. Мет Лебланк се појавил како Вини Вердучи, дечкото на Кели Банди во Married... with Children во раните 1990-ти. Пред да му биде доделена улогата на Џои Трибијани, тој работел адвертајзинг и манекенство.

Појавувања во серијата[уреди]

ТВ серијата Пријатели имала многу познати личности како второстепени ликови. Некои од овие се Бред Пит, Брус Вилис, Џорџ Клуни, Шон Пен, Дени ДеВито, Робин Вилијамс, Хелен Хант, Брук Шилдс, Џулија Робертс, Сара Фергусон, Бен Стилер, Алек Болдвин, Ралф Лорен, Ана Ферис, Сузан Сарандон, Винона Рајдер и Изабела Роселини. Исто така, четири ѕвезди од CSI глумеле во Пријатели: Аиша Тајлер од CSI: Лас Вегас, Еди Калил од CSI: Њу Јорк, и Емили Проктер и Софија Милос од CSI: Мајами.

Позадина на серијата[уреди]

Оригинално, требало да се вика Преку Ходникот, Шестмина од Еден, Инсомниа кафé и Пријатели како нас. Пријатели е продуцирана од Брајт/Кауфман/Крејн Продукција, во асоцијација со Ворнер Брос телевизија, за NBC. Премиерата беше на 22 септември 1994 на NBC, и беше сметана за комедија која мора да се гледа. Последната епизода беше погледана од повеќе славни серии, Фрејзер, Сите го сакаат Рејмонд, Вил и Грејс, Кралот на Квинс и Сексот и градот.

Сезони[уреди]

Промо постер

Прва сезона (1994-1995)[уреди]

Фиби, Моника, Чендлер, Џои и Рос се сретнуваат во Централ Перк откако жена му на Рос ќе сфати дека е лезбејка и ќе се разведе од него. Моника и Рос живеат сами, Чендлер и Џои живеат заедно, а Фиби живее со баба и. Старата пријателка од средно на Моника, Рејчел, влегува во Централ Перк носејќи венчаница, откако избегала од нејзината венчавка со Бери Фарбер. Таа се вселува со Моника, наоѓа работа како келнерка во Централ Перк, но се бори за живеачка, бидејќи претходно живеела богат живот. Рос дознава дека жена му е трудна, и таа раѓа момче кое се вика Бен, и кое е растено од Керол и нејзината партнерка Сузан. Џои и Чендлер имаат врски со многу жени. Чендлер си наоѓа девојка, Џенис, која се појавува во секоја сезона од серијата. Најпозната е по нејзината фраза „Oh... my... God!“

Рос открива дека Рејчел му се допаѓала во средно, и дека сè уште има чувства кон неа. Во текот на целата сезона тој не успева да и каже на Рејчел што чувствува, па Чендлер и Џои му викаат да заборави на тоа. На роденденот на Рејчел, Рос заминува на палеонтолошки пат во Кина. Додека го нема, Чендлер не сакајќи и открива на Рејчел дека Рос е вљубен во неа. Рејчел решава дека би сакала да започне врска со Рос и оди да го пречека на аеродромот кога ќе се врати од Кина, без да знае дека тој се враќа со друга жена, Џули. Фиби запознава еден научник, Дејвид, во кој се вљубува, но тој заминува во Минск за да ги продолжи неговите научни истражувања. Двајцата се разделуваат со скршени срца.

Втора сезона (1995-1996)[уреди]

Без да знае дека Рејчел всушност е заинтересирана за него, Рос започнал врска со Џули, една негова стара пријатела, со која се сретнал во Кина. На Рејчел не и се допаѓа Џули бидејќи го сака Рос. Во пијана состојба, Рејчел му остава порака на Рос во која му кажува како се чувствува. Рос ја преслушува пораката и има збунети чувства. Наскоро, двајцата се среќаваат и се бакнуваат. Рос не може да се одлучи со која да остане и прави листа на добри и лоши страни за двете жени. Решава дека е вљубен во Рејчел и и раскунва на Џули. Но, Рејчел ја открива листата, му се лути на Рос и одбива да биде со него. Меѓутоа, пријателите гледаат видео лента од матурската на Рејчел и Моника каде што партнерот на Рејчел, Чип, не се појавува. Тогаш тинејџер, Рос вели дека тој ќе ја однесе. Кога Рос се симнува по скалите во одело, Рејчел бега со Чип, којшто задоцнил. Рос изгледа потресен. Во сегашниот ден, Рејчел го бакнува Рос кога гледа колку бил искрен и започнуваат врска.

Џои добива работа како др. Дрејк Раморе во сапуницата Денови на нашите животи и заработува доволно пари за да се пресели во свој стан, оставајќи го Чендлер, кој пак си наоѓа друг цимер, Еди, којшто е луд. Кога Џои во едно интервју изјавува дека тој самиот си ги пишува репликите, писателите на сапуницата му го убиваат ликот со тоа што тој паѓа во ливтот. Без пари, Џои повторно се вселува со Чендлер и му помага да се ослободи од лудиот Еди. Фиби открива дека има полубрат Френк и почнуваат да се запознаваат. Моника се забавува со Ричард Бурк, офтамологист, пријател на нејзините родители, кој е 21 година постар од неа, но раскинуваат кога Рејчел и кажува дека тој не сака да имаат деца. Кога Чендлер се сретнува со жената со која мирцал, гледа дека тоа била всушност, неговата бивша, Џенис, и тие се бакнуваат.

Трета сезона (1996-1997)[уреди]

Рејчел ја напушта работата во Централ Перк за да најде работа во модната индустрија. Ја прифаќа работата во Блумингдејлс понудена од странецот Марк. Рос е убеден дека тој сака да излегува со неа, и е љубоморен. Напнатоста меѓу нив двајца расте, и кулминира со тоа што Рејчел предложува да земат пауза. Откако ќе го слушне Марк во позадина додека тој зборува по телефон, Рос претпоставува дека Рејчел е заинтересирана за него или дека веќе се забавуваат. Пијан и во депресија, спие со друга жена, Клои. Кога Рејчел ќе му каже дека сè уште го сака, тој ќе се обиде да продолжат без да и каже за Клои, но Рејчел ќе дознае од Гантер и, по долга ноќ, тие ќе раскинат. Моника, Фиби, Чендлер и Џои ќе се заглават во собата на Моника и ја слушаат целата караница.

Моника работи во едно ресторанче каде што мора да носи плава перика и незапаливи гради. Еден муштерија, Пит, ја поканува да излезат, но таа го одбива без да знае дека е милионер. Евентуално, решава да излезе со него. Моника одбива да се бакне со него бидејќи не и е привлечен, но откако ќе се бакнат, ќе и стане привлечен. Пит станува опседнат со боксот, и, сакајќи да стане шампион, секој пат ќе биде се поповреден. Моника не може да го гледа како се повредува, и раскинуваат.

Чендлер раскинува со Џенис, и Џои купува пиле за милениче. Џои и Чендлер наскоро ќе почнат да се караат за пилето како да се венчани. Чендлер решава да го врати, но во продавницата не успева, па ја враќа дома заедно со патка. Актерската кариера на Џои оди лошо. Фиби наоѓа жена која исто така се вика Фиби, и која ги познавала нејзините родители. Таа ги кани пријателите на плажа. Во меѓувреме, Фиби му мести на Рос една нејзина стара пријателка, Бони. Рејчел се согласува само затоа што мисли дека Бони е келава. Рејчел се лути кога Рос почнува да се забавува со Бони, која пак, ненајдено доаѓа со нив на плажа. Рејчел не е среќна и ја тера Бони пак да ја избричи главата, за да не му се допаѓа на Рос. Двајцата почнуваат да се караат и чувствуваат дека сè уште се сакаат. Во меѓувреме, се открива дека постарата Фиби е мајката на Фиби. Сезоната завршува со Рос, двоумејќи се меѓу Рејчел и Бони.

Четврта сезона (1997-1998)[уреди]

Рос се одлучува за Рејчел и и раскинува на Бони. Меѓутоа, Рејчел сака Рос да ја преземе целосна одговорност за неверството, додека пак Рос инсистира дека биле на пауза. Неможејќи да се согласат на таа тема, повторно раскинуваат. Од тогаш па низ целата сезона, тие не се согласуваат многу и ретко се наоѓаат во позитивни разговори. Откако Фиби дознава дека постарата Фиби е нејзината вистинска мајка, оди кај Урсула, која пак тоа одамна го знаела, затоа што ја имала самоубиствената порака на нивната „мајка“. Фиби се согласува да биде сурогат мајка (да го носи бебето во својата утроба) на нејзиниот брат Френк и неговата жена Алис. Фиби забременува со три бебиња.

Чои почнува да излегува со една актерка, Кети, но и на Чендлер му се допаѓа. Чендлер се сомнева дека таа спие со нејзин колега, и тоа и го кажува во лице. Таа е навредена и навистина спие со колегата, па затоа раскинуваат. Моника и Рејчел ги разменуваат становите со Џои и Чендлер, откако ќе го изгубат облогот. Девојките го мразат нивниот нов стан, па се обидуваат да ги убедат Џои и Чендлер повторно да се сменат со тоа што им нудат карти за натпревар на Њујорк Никс. Место тоа, се согласуваат на сé-или-ништо облог. Момците победуваат, но додека се на натпреварот, девојките се враќаат во својот стан. За возврат, им нудат на момците да ги гледаат како се бакнуваат една минута.

Шефот на Рејчел ја замолува да ја однесе неговата ќерка Емили, британка, во театар. Меѓутоа, Рос е оној којшто ја носи, додека пак Рејчел излегува со некој муштерија. Рос и Емили се зближуваат и се свршуваат. Групата патува во Лондон за свадбата, со исклучок на Фиби, која е во својот последен месец, и Рејчел, која не сака да го гледа Рос како се венчава. За време на пробната вечер, Моника паѓа во депресија затоа што ја помешале со мајката на Рос и поради фактот дека не е во брак. Чендлер зборува со неа, и завршуваат во кревет. Рејчел сфаќа дека сè уште го сака Рос, и тргнува во Лондон за да му каже. Кога стигнува, ги гледа и решава дека не е во ред да ја уништи венчавката. Свадбата почнува, но доаѓа до ненадеен пресврт кога Рос вели „Јас, Рос, те земам тебе, Рејчел“! Сезоната завршува со отецот како прашува дали венчавката ќе продолжи.

Петта сезона (1998-1999)[уреди]

И покрај грешката на Рос, продолжува венчавката, но Емили е бесна на Рос и бега за време на забавата. Групата се враќа во Њујорк каде што Емили му се јавува на Рос и му вели дека ќе останат венчани само ако Рос вети дека веќе никогаш нема да ја види Рејчел. Рос се согласува, но Емили продолжува да бара неразумни работи, како на пример, да се исели од станот бидејќи Рејчел била таму, или да ги фрли сите свои работи и да купи нови бидејќи Рејчел ги допирала. Рос увидува дека бара многу, и излегува на вечера со пријателите, вклучувајќи ја и Рејчел. Кога Емили дознава, Рос ја уверува дека тие се само пријатели, дека ништо нема меѓу нив. Исто така, и вели дека мора да му верува и ја прашува дали таа тоа го може, но Емили чувствува дека тоа е опасно и му вели не. Одлучуваат да се разведат. Рос се вселува со Џои и Чендлер бидејќи го продаде својот стан, но на крај се вселува во станот отспротива на зградата на Моника и Рејчел.

Фиби ја раѓа тројката, Френк Јуниор Јунир, Лесли и Чендлер (Фиби го одбра ова име затоа што мислеше дека бебето ќе биде машко, но иако излезе дека е женско, Френк и Алис сепак го задржаа името). Таа сака да задржи едно за себе, но Френк и Алис не сакаат.

Чендлер и Моника ја држат својата врска во тајност скоро цела сезона, но секој лик поединечно дознава за нив. Џои прв дознава, но се согласува да молчи, а потоа дознава и Рејчел, која ги слуша двајцата како зборуваат безобразно на телефон. Наскоро Фиби дознава кога ги здогледува Моника и Чендлер како го прават „тоа“ на прозор, гледајќи ги од станот отспротива, оној што Рос сака да го купи. Чендлер и Моника не знаат дека Рејчел и Фиби знаат, па затоа овие одлучуваат малку да си играат со нив, и на крај да се соочат со нив. Но, и Моника и Чендлер дознаваат за ова, па и тие измислуваат нивни трикови, но на крај Чендлер отворено им признава дека е вљубен во Моника. Сите знаат освен Рос. Подоцна истата ноќ, Рос ги здогледува Моника и Чендлер како се бакнуваат на прозорот баш кога зборува со шефот на музејот. Рос претходно бил суспендиран од своето работно место затоа што бил агресивен, и сега вработените решаваат да го вратат, но по ова откритие, Рос тешко се воздржива. Тој е бесен, но чим дознава дека не се само муваат, прифаќа смирено. Сите прифаќаат и приказната продолжува.

Рејчел започнува да работи за Ралф Лорен.

Џои добива главна улога на филм, но кога ќе стигне во Лас Вегас, ќе дознае дека продукцијата била затворена. Сите доаѓаат во Вегас да го гледаат како глуми, а го наоѓаат како работи како гладиатор во казиното Caesar’s Palace. Во авионот, Рос и Рејчел се задеваат. (Ова го започнува Рос за да се увери дека Рејчел може да се засрами) Но, работите излегуваат надвор од контрола со тоа што Рос и црта брада со перманентен маркер на Рејчел додека таа спие. Подоцна, Рејчел дознава и збеснува. Таа и Рос се опијануваат и одат до најблиската капела и се венчаваат. Моника и Чендлер се исто така таму, планирајќи да избегаат заедно.

Шеста сезона (1999-2000)[уреди]

Кога Чендлер и Моника ги здогледуваат Рос и Рејчел во капелата, се одлучуваат да не се венчаат. Откако ќе дознаат дека се венчани, Рос и Рејчел се согласуваат да го поништат бракот за Рос да не доживее трет развод, но тој вели дека тоа е пропаднат брак. Ја лаже Рејчел велејќи и дека го поништил бракот, а всушност не го направил тоа. Рејчел дознава за ова и го тера Рос да го поништи, но дознаваат дека не можат, па затоа поднесуваат за развод. Рос добива нова работа во Универзитетот Њу Јорк, да предава палеонтологија. Евентуално, излегува и со сестрата на Рејчел, Џил, а подоцна и со една од неговите студентки, Елизабет.

Чендлер и Моника не се венчаа, но сепак живеат заедно, а Рејчел се вселува кај Фиби. Џои наоѓа цимерка, Жанин, и по некое време, почнуваат да излегуваат. Кога Жанин му открива дека не и се допаѓаат Чендлер и Моника, Џои и раскинува. Без работа и очаен за пари, Џои наоѓа работа во Централ Перк и оди на повеќе аудиции сè додека не ја добие главната улога во „Мек и С.И.Р.Е.Њ.Е“, но не за долго. Пожар (почнат од пеглата за коса на Рејчел) го уништува нивниот стан. Рејчел се вселува кај Чендлер и Моника, а Фиби кај Џои. Откако Фиби дознава дека пожарот настанал поради Рејчел, тие се сменуваат со станови, бидејќи се согласуваат дека Фиби го заслужува подобриот стан, а тој е, секако, на Моника и Чендлер, па затоа Рејчел оди да живее со Џои.

Брус Вилис гостува во три епизоди како таткото на Елизабет и, евентуално, новото момче на Рејчел. При крајот на сезоната, Чендлер сака да ја запроси Моника, но сака тоа да го направи изненадно. Загрижен е да не се сомнева во нешто, па затоа смислува план да ја избрка од станот преправајќи се дека е против брак и сè што има врска со него. Навидум, сè се одвива како што треба, и баш кога Чендлер треба да ја запроси, се појавува поранешното момче на Моника, Ричард. Во финалната епизода, тој и кажува дека сè уште ја сака и малку фали да му го уништи планот на Чендлер. Ричард и нуди брак и деца, и се што таа отсекогаш посакувала. Во драматичен климакс, Моника е неодлучна меѓу љубовта кон Чендлер и нејзините желби да има сериозна врска. Кога Чендлер дознава за ова, се лути и се обидува да се соочи со Ричард. Тој приметува дека Чендлер е навистина вљубен во Моника и се откажува. Во меѓувреме, Џои и кажува на Моника за планот на Чендлер. Но, кога Чендлер пристигнува, Џои му вели дека Моника не поверувала дека пости таков план, била многу лута и рекла да не и се јавува. Чендлер со скршено срце влегува во станот и гледа дека насекаде има свеќи, а Моника на подот чекајќи да ја запроси. На плачлива, но романтична средба, Чендлер и Моника конечно се свршуваат.

Седма сезона (2000-2001)[уреди]

Моника и Чендлер почнуваат со плановите за нивната свадба. Рејчел добива промоција во Ралф Лорен и вработува асистент, Тег, со кого почнува да се забавува откако ќе му ги признае нејзините чувства. Рејчел ги прашува Моника и Фиби колку треба да се чека за некого да се покани да излезат откако тој раскинал со девојката. Фиби и Моника даваат разумни одговори, но Џои вели: „Рејчел, главното прашање е дали му се допаѓаш? Бидејќи ако не, тоа е се муу точка.“ Подоцна тој објаснува дека муу точка е кравјо мислење, а тоа не вреди. Откако Рејчел ќе наполни триесет години, раскинува со Тег, затоа што мисли дека треба да има посериозна врска, а Тег е помлад од неа.

Станот на Фиби е поправен, но го направиле еднособен (бабата на Фиби ставила ѕид за да го направи двособен), па Рејчел продолжува да живее со Џои.

Серијата на Џои, Мек и С.И.Р.Е.Њ.Е, е откажана, но тој успева да се врати во „Денови на нашите животи“, кога неговиот лик, др. Дрејк Раморе добива нов мозок од друг лик со име Џесика Локхарт (Сузан Сарандон) со која тој спие за време на епизодата. Џесика е тргната од серијата со тоа што таа паѓа од коњ на електрична ограда. Тогаш, ликот на Џои се буди од кома.

Вечерта пред свадбата, Чендлер испаничува и исчезнува. Додека го нема, Фиби и Рејчел наоѓаат позитивен тест за бременост во бањата на Моника, па Фиби претпоставува дека Моника е бремена. Рејчел ја тера Фиби да вети дека никому нема да каже што нашле. Фиби и Рос го наоѓаат Чендлер во неговата канцеларија (додке Рејчел и го одзема вниманието на Моника) и го тераат да се врати назад, но Чендлер ги наслушува Фиби и Рејчел како зборуваат за „бременоста“ на Моника и повторно исчезнува. Но, по кратко време се освестува и одлучува дека бебе и не е толку лоша идеја. Чендлер и Моника се венчаваат, но кога Чендлер и кажува на Моника дека знае за бебето, таа му вели дека не е бремена, и дека тоа не бил нејзин тест за бременост. Во меѓувреме, Фиби и кажува на Рејчел колку е возбудена за Моника. Рејчел загрижено се согласува. Камерата ја зумира Рејчел како зема длабок здив. Публиката е оставена со прашањето „Дали е можно Рејчел да е бремена?“

Осма сезона (2001-2002)[уреди]

Рејчел ја потврдува нејзината бременост но никому не кажува кој е таткото. На нејзина несреќа, Џои наоѓа џемпер оставен од таткото на бебето во станот на Рејчел. Фиби се сомнева дека џемперот е на Тег, но Рос го наоѓа и вели дека тоа е негов џемпер! Откако Рејчел му кажува на Рос дека тој е таткото, а Рос на потешкиот начин дознава дека кондомите се само 97% ефективни, тие им кажуваат на сите дека спиеле заедно еден месец пред свадбата на Чендлер и Моника. Рос ја запознал Мона на свадбата и тие излегуваат неколку месеци, но раскинуваат бидејќи се појавуваат повеќе компликации поради татковството на бебето на Рејчел. Како што Рејчел и Џои живеат заедно, тој почнува да развива чувства кон неа. Чувствувајќи дека Рос не ги исполнува своите обврски како татко, Џои и предложува на Рејчел да се всели кај Рос, и таа прави така. Подоцна, Џои и ги признава чувствата на Рејчел, која благо го одбива.

По страствен бакнеж со Рос, Рејчел почнува да се породува, и додека е во болница, мајка му на Рос му дава прстен и му вели да ја запроси Рејчел. Рос го чува прстенот во својата јакна, иако не сака да ја запроси. Рејчел чека 21 час за да почне да се пораѓа, и дели соба со пет различни жени (вклучувајќи ја и Џенис) и сите пред неа се пораѓаат. Рејчел ја раѓа Ема. Џои го наоѓа прстенот откако тој ќе падне од јакната на Рос. Тој клекнува да го земе. Рејчел, гледајќи го Џои клекнат со прстен во рака, мисли дека тој ја запросува и се согласува. Моника и Чендлер одлучуваат да имаат бебе.

Деветта сезона (2002-2003)[уреди]

Рејчел сфаќа дека Џои не ја запросил, но ни Рос. Откако Рос нема да и пренесе порака од едно момче на Рејчел, двајцата ќе сфатат дека иако имаат дете и живеат заедно, но не СЕ заедно, многу е комплицирано, па затоа Рејчел се сели кај Џои со Ема. Чендлер мора да оди да работи во Талса, Оклахома. Моника решава да не оди со него, откако и ја нудат работата од соништата во Њу Јорк. Чендлер на почетокот издржува, но откако ќе му речат дека треба да работи за време на Божиќ, тој почнува да размислува да даде оставка. Кога ќе му се пушти една асистентка Венди, тој дава оставка и наоѓа нова работа во адвертајзинг. Откако цела сезона неуспешно се обидува да остане бремена, тестовите ќе покажат дека Чендлер и Моника не можат да зачнат бебе, па затоа одлучуваат да посвојат. Фиби почнува да излегува со Мајк Хениган (Paul Rudd) откако Џои ќе и го намести (Џои всушност ја излажа дека знае некој тип што се вика Мајк, па оди во централ перк и вика „Мајк!“. Мајк Ханиган се врти и така го убеди да излезе со Фиби.). Тие почнуваат да живеат заедно, но раскинуваат кога тој ќе и каже дека не сака брак. Рејчел го сонува Џои и почнува да и се допаѓа.

Групата оди во Барбадос поради важен говор што треба да го одржи Рос. Фиби го носи своето старо момче, Дејвид, а Џои - неговата девојка Чарли, која пак е колешка на Рос, а и на Рос му се допаѓа. Чендлер не сакајќи му дава лош совет на Дејвид, и тој се одлучува да ја запроси. Моника дознава и му се јавува на Мајк за да му каже да се врати со Фиби. Мајк пристигнува во Барбадос и ја запросува Фиби. Таа го одбива, но повторно се заедно бидејќи знае дека нивната врска има иднина. Џои и Чарли раскинуваат. Џои дознава дека и се допаѓа на Рејчел, но ја одбива бидејќи чувствува дека така би го повредил Рос. Меѓутоа, откако Џои ќе ги види Рос и Чарли како се бакнуваат, се враќа во собата на Рејчел и ја бакнува.

Десетта сезона (2003-2004)[уреди]

Џои и Рејчел се заедно само три епизоди. Откако нивната врска била платонска толку долго, сега им е непријатно да продолжат. Чарли му се враќа на едно поранешно момче. Мајк и Фиби се венчаваат пред Централ Перк на еден студен и снежлив ден. Чендлер и Моника поднесуваат за посвојување дете од една млада жена, Ерика, и одлучуваат да се преселат во предградијата на Њу Јорк. Ерика раѓа близнаци, машко и женско, кои се крстени Џек (по таткото на Моника), и Ерика. Чендлер и Моника се согласуваат дека две деца е добра работа.

На Рејчел и нудат работа во Париз, но се двоуми дали да ја прифати бидејќи Ралф Лорен и ја нуди повторно старата работа со поголема плата (откако беше отпуштена претходно во сезоната). Конечно, се одлучува да ја прифати понудата во Париз и да ја земе Ема со неа. Групата се збогува со неа, секој посебно, и таа со сите се поздравува, освен со Рос. Тој е лут поради ова, но сè додека Рејчел не му каже дека и е тешко да се збогува со него. Подоцна, тие спијат заедно.

Во последната епизода, Рос сфаќа дека сè уште ја сака Рејчел и, откако таа заминува на аеродромот, тој тргнува по неа со Фиби. Во меѓувреме Џои му купува на Чендлер ново пиле и патка, бидејќи претходните две умреле (иако Џои ова не го знае, мисли дека се на некоја фарма). Но, пилето се заглавува во фузбалчето. Тие знаат дека ќе мора да го искршат за да го отворат, но ни еден не сака да го стори тоа. Конечно, Моника го уништува и го вади пилето. Меѓутоа, решаваат да ги чуваат животните кај Џои бидејќи не сакаат да се близу до бебето. Рос ја наоѓа Рејчел и и кажува дека е вљубен во неа и ја моли да не оди, но таа сепак заминува. Рос беше сигурен дека таа ќе остане, и е скршен. Кога се враќа во својот стан, наоѓа порака од Рејчел на својата говорна машина. Таа му вели дека и таа го сака и дека сака да излезе од авионот, но не и даваат. Рос внимателно слуша како Рејчел и објаснува на стјуардесата дека мора да се симне од авионот, но пораката завршува без да се знае дали се симнала или не. Рос лудо удира по машината викајќи дали се симнала или не. Одеднаш, глас позади него вели: „Се симнав“. Тој се врти и ја гледа Рејчел на прагот од неговиот стан. Тие се бакнуваат и велат дека сакаат да бидат заедно.

Последната сцена е кога Моника и Чендлер се селат од станот со нивните близнаци, Мајк и Фиби се одлучуваат дека сакаат деца, и Рос и Рејчел како стануваат семејство со Ема. Кога го гледаат станот за последен пат, тие сфаќаат дека мора да го остават својот клуч на масата. Еден по еден, секој пријател го остава својот клуч од станот. Тогаш, Рејчел вели да одат да се напијат уште едно последно кафе пред Моника и Чендлер да се иселат, а Чендлер одговара со саркастичниот збор, кој е и последен во серијата: „Каде?“

Занимливости[уреди]

Централ Перк во првобитна состојба во студијата на Ворнер Брос

Пријатели влијаеше во многу полиња на популарната култура, а посебно во модата. Фризурите на женските ликови во серијата станаа секојдневни во светот, а косата на Џенифер Анистон доби и прекар „The Rachel“.

Фразата на Џои Трибијани „How you doin’?“ стана популарна во западно-англискиот сленг и се користи при поздрави.

Кафулето Централ Перк доживеа имитации во многу земји од светот. Во 2006, ирански бизнисмен започна „Централ Перк“ франшиза, регистрирајќи го името во 32 земји. Декорацијата е инспирирана од онаа во Пријатели. Џејмс Мајкл Тајлер, кој во серијата го толкува Гантер, келнерот во кафулето, присуствуваше на отворањето во Даблин.

Гледаност[уреди]

66-минутното финале беше означено како најголемиот ТВ момент за 2004, а истата година беше втора најгледана епизода со 52,5 милиони гледачи (43% од сите гледачи таа ноќ). Сепак, не успеа да постигне поголем успех од финалето на M*A*S*H (106 милиони) во 1983 (кое воедно е и најгледана епизода во ТВ историјата на САД), На здравје (Cheers) (80,4 милиони) во 1993 и Сајнфелд (76,3 милиони) во 1998.

Сезонска гледаност на Пријатели на NBC според истражувањата на Нилсен.

Сезона Термин Премиера Крај ТВ сезона Ранг Гледачи
(во милиони)
1 четврток 20:30 (22 септември, 1994 - 23 февруари, 1995)
четврток 21:30(23 февруари, 1995 - 18 мај, 1995)
22 септември, 1994 18 мај, 1995 1994-1995 #5 24.3
2 Thursday 8:00 P.M. (21 септември, 1995 - 18 јануари, 1996)
недела 22:13(28 јануари, 1996)
четврток 20:00(1 февруари, 1996 - 16 мај, 1996)
21 септември, 1995 16 мај, 1996 1995-1996 #2 29.4
3 четврток 20:00 (19 септември, 1996 - 17 мај, 2001) 19 септември, 1996 15 мај, 1997 1996-1997 #3 25.0
4 25 септември, 1997 7 мај, 1998 1997-1998 #3 24.1
5 24 септември, 1998 20 мај, 1999 1998-1999 #2 23.5
6 23 септември, 1999 18 мај, 2000 1999-2000 #4 20.7
7 12 октомври, 2000 17 мај, 2001 2000-2001 #3 20.2
8 четврток 20:00 (27 септември, 2001 - 4 октомври, 2001)
четврток 20:50 (11 октомври, 2001)
четврток 20:00 (18 октомври, 2001 - 16 мај, 2002)
27 септември, 2001 16 мај, 2002 2001-2002 #1 24.5
9 четврток 20:00 (26 септември, 2002 - 15 мај, 2003) 26 септември, 2002 15 мај, 2003 2002-2003 #2 21.6
10 четврток 20:00 (25 септември, 2003 - 29 април, 2004)
четврток 21:00 (6 мај, 2004)
25 септември, 2003 6 мај, 2004 2003-2004 #2 22.8

Белешки[уреди]

Надворешни врски[уреди]