Приказни за машкото

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Приказни за машкото“ (српски: Приче о мушком) — збирка раскази на српскиот писател Милош Црњански од 1920 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката ги содржи следниве раскази:

  • Светата Војводина: Во едно гратче во Банат живее царскиот службеник Пантелија Попиќ, убав човек кој сè уште е привлечен за жените. Тој е оженет со Милева, убава жена чија единствена утеха се театарот и црковните служби. Тие немаат деца, а Пантелија има љубовница — театарската глумица Јела. Едно утро, Пантелија се буди вознемирен, зашто Јела бара од него да ја избрка Милева и да се ожени со неа. Тој најпрвин оди во берберницата, а оттаму кај Јела, правдајќи се дека не може да ја остави сопругата бидејќи ќе биде осуден од јавноста. Ноќта тој ја минува во кафеаната во друштво со млади луѓе кои се исполнети со патриотизам. Пијан, тој се враќа дома, а изутрината се буди повреден и со матно сеќавање на синоќешниот неред. Кога ја здогледува Јела со себе, сфаќа дека ја избркал Милева. По некое време, Јела останува бремена, а кај Пантелија се задржува непријатното расположение од неговата постапка.[1]
  • Апотеоза: Еден човек наздравува во чест на Банат и на неговите храбри жители, сеќавајќи се на својот другар, капларот во австроунгарската војска, Прока Натуралов, стрелан на 1 ноември 1916 година. Откако капларот ѝ платил на една проститутка за да го зарази со венерична болест, таа го поткажала кај воената власт и тој бил испратен на воен суд и осуден на смртна казна. Тој ја прифаќа пресудата со насмевка, а своите другари од болницата за половопреносливи болести им остава завет во негова чест да заиграат банатско оро.[2]
  • Голем ден: Луѓето од едно место во Банат тераат шега со берберот Тома Спаун, водејќи го врзан како коњ и камшикувајќи го. Кога поворката доаѓа до црквата, тој паѓа изнемоштен. Пред доаѓањето на српската војска во градот, Тома бил водач на револуциионерите кои му делеле земја на населението. Меѓутоа, во градот пристига војската и мајорот го апси Тома. Во градот живее и господарот Пера Грк чија ќерка се одликува со необично однесување така што тој е во лоши односи со неа. На Пера му доаѓаат гости, меѓу кои е и мајорот во српската војска. Пера се затвора во својата соба и не одговара на повиците од ќерка му и мајорот, кои сакаат да му ја соопштат радоснате вест за нивната свршувачка.[3]
  • Градина на благословените жени: Во еден град, градината пред кралскиот дворец процветува во декември поради што е возбуден целиот град. Набргу, во градината почнуваат да се собираат љубовните парови, а потоа во неа се пронајдени телата на неколку самоубијци, како и телата на неколку убиени девојчиња. За чудото расправа градскиот совет, а се слушаат и барања за уништување на градината. Војската ја опколува градината, а еден адмирал ја бомбардира со топови, но гранатите паѓаат во градот при што има многу убиени луѓе. Истовремено, народот се обидува да влезе во градината, но бе зуспех, а потоа се случуваат нереди во градот со многу жртви. Градината наеднаш овенува, а кога пристига пролетта, ништо во неа не раззеленува. Најпосле, на предлог на еден министер, градината е претворена во болница за сиромашни родилки. Кога кралот ја посетува болницата, тој постојано ја набљудува градината, сеќавајќи се на детството и младоста, а потоа неочекувано почнува силно да се смее.[4]
  • За боговите: По изминати сто години, целата земја се вознемирува, а луѓето посакуваат нови работи, отфрлајќи ги старите. Насекаде избувнуваат немири, а кралот е убиен. Тогаш, на еден остров се појавува нова вера која набрзина се проширува така што владата го испраќа воениот брод „Аурора“. По неколку месеци, бродот се враќа назад, целиот искршен и со мртви морнари, но на него се наоѓа искршената статуа на новиот бог. Тогаш, власта го ангажира еден познат хералдичар за да го проучи потеклото на шлемот на статуата. Тој прави обемни истражувања низ музеите ширум светот, но без никаков успех. Затоа, тој го сече шлемот и од него испаѓа лонецот што се користел пред сто години на бродот „Аурора“. Тогаш, повторно започнува крвава борба меѓу луѓето.[5]
  • Легенда: За време на владеењето на кралицата Елизабета I, лордот Волшингем го кани Џордано Бруно во Лондон. Бидејќи е многу убав, сите жени го обожаваат, но тој има дадено завет дека нема да допре женско тело, зашто ги презира жените. Наспроти озборувањата за наводните односи меѓу Бруно и крлаицата, тој го минува времето во проучување на ѕвездите. Во една прилика, благородниците насилно го опијануваат и го затвораат во ќелија заедно со ќерката на еден адмирал, а утредента утврдуваат дека тој воопшто не го допрел девојчето. И кралицата го повикува во својата соба, отворено нудејќи му го своето тело, но Бруно ја одбива со најгруби навреди. Потоа, тој бега на морскиот брег, каде е претепан од рибарите. Додека лежи повреден, Бруно има визија на Мајката божја претставена во ликот на неговата мајка, па станува и повторно оди на брегот. Таму, налетува на старата, одвратна проститутка Мод која упорно го моли да водат љубов и најпосле, тој попушта. Потоа, слугите го водат кај кралицата, која повторно му се нуди, а тој ѝ одговара дека ги мрази сите, но дека се сожалил...[6]
  • Мојот пријател кој помина: Дејствието на расказот се одвива во април, во Белград. Еден човек, кој работи како државен службеник, живее како потстанар во близината на гробиштата. Неговата станодавачка е вдовица со две возрасни ќерки, а тој одржува љубовна врска со неа, но исто така и со неколку други жени од соседството. Изутрината, како и секогаш, тој заминува на работа, но патем размислува за веста дека вдовицата е бремена, иако не е загрижен за тоа, очекувајќи дека работата некако ќе се среди сама по себе. По завршувањето на работното време, тој талка бесцелно низ градот и намерно се враќа во станот пред полноќ, надевајќи се дека вдовицата спие, па не ќе мора да се соочи со неа. Меѓутоа, во куќата е необично тивко, а кога влегува во собата на вдовицата, гледа дека таа се обесила.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 7-21.
  2. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 22-26.
  3. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 27-39.
  4. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 40-48.
  5. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 49-55.
  6. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 56-68.
  7. Miloš Crnjanski, Priče o muškom. Beograd: BIGZ, 1973, стр. 69-78.