Препроинсулин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Од рибозомот, растечкиот аминокиселински ланец директно се внесува во Ендоплазмичниот Ретикулум (ЕР), каде што сигналниот пептид (црвено) веднаш се отстранува преку ензимот сигнална пептидаза (зелен триагнолник) при што се добива проинсулин. Проинсулинот подлежи на понатамошна обработка за да се добие зрел и биолошки активен инсулин. Клеточните компоненти и белковини во оваа слика не се во сразмер.

Препроинсулин е примарен транслациски производ на генот за инсулин (INS). Се работи за пептид со должина од 110 аминокиселини. Препроинсулинот е претставува препроформа на инсулинот, кој во пептидниот синџир содржи една кратка аминокиселинска секвенца или сигнален пептид, која овозможува насочување и внес на растечкиот препроинсулин од рибозомот во луменот на Ендоплазмичниот Ретикулум. Во ЕР сигналната секвенца подлежи на протеолиза (ензиматско отсекување од остатокот на пептидниот синџир), со што препроинсулинот се претвора во проинсулин, кој пак, во ЕР подлежи на понатамошна обработка, обработка и пакување во везикули за транспорт кон Голџи апаратот.

Биосинтетска патека на инсулин[уреди | уреди извор]

Препроинсулин е биолошки неактивен претходник на биолошки активниот ендокрин хормон инсулин. Препроинсулинот се претвора во проинсулин со помош на ензими наречени сигнални пептидази, кои го отстрануваат неговиот сигнален пептид од неговиот N-аминокиселински крај (N-терминус). Проинсулинот подлежи на понатамошна обработка во средината на луменот на ЕР, транспорт и обработка во Голџи и пакување во секреторни везикули. Конечно, во секреторните везикули проинсулинот подлежи на ензимска (посттранслациона) обработка, при што од проинсулинот преку лимитирана протеолиза се отстранува аминокиселинска секвенца меѓу А- и Б-синџирот наречена Ц-пептид. Со отстранувањето на Ц-пептидот проинсулинот се претвора во биоактивен хормон инсулин.

Во клетката речиси и да не е присутен препроинсулин, бидејќи отстранувањето на сигналниот пептид не е посебен чекор, туку е тесно поврзано со транслокацијата на рестечкиот полипептид во Ендоплазматскиот ретикулум (ЕР). Имено, додека трае синтезата на полипептидната верига на препроинсулинот на рибозоми врзани на мембраната на ЕР, таа во исто време се внесува во ЕР (процес наречен котранслациона транслокација), а истовремено во луменот на ЕР ензимот сигнална пептидаза го отескува сигналниот пептид од пептидниот синџир. Поради оваа причина, во медицински цели препроинсулинот ретко се користи, за разлика од инсулинот, зрелиот производ, или проинсулинот, кој е стабилен претходник на инсулинот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Proprotein convertase 1, proprotein convertase 2

Надворешни врски[уреди | уреди извор]