Прекрасното патување на Нилс Холгерсон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прекрасното патување на Нилс Холгерсон
Насловна страница на изданието од 1936
АвторСелма Лагерлеф
Изворен насловNils Holgerssons underbara resa genom Sverige
ЗемјаШведска
Јазикшведски јазик
ЖанрНовела
Парабола
Критика на општеството
Морална приказна
Медиумпечатено издание

„Прекрасното патување на Нилс Холгерсон“ (ориг. Nils Holgerssons underbara resa genom Sverige) е книга на шведската нобеловка, Селма Лагерлеф. Издадена е во две книги, Прекрасните авантури на Нилс во 1906 година, и Останатите авантури на Нилс во 1907 година. Вообичаено двете книги се реиздаваат како една со наслов Прекрасното патување на Нилс Холгерсон, иако тоа е наслов само на првата книга.

Структура[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 21 глава:[1]

  1. Детето
  2. Ака од Кебнекајсе
  3. Прекрасните патувања на Нилс
  4. Замокот Глиминг
  5. Големиот танц на жеравите во Кулаберг
  6. Во дождливо време
  7. Скалилото со три скали
  8. Покрај реката Ронеби
  9. Карлскруна
  10. Патувањето кон Оланд
  11. Јужниот дел на Оланд
  12. Големата пеперутка
  13. Малиот остров на Карл
  14. Два града
  15. Легендата за Смоланд
  16. Гавраните
  17. Старата селанка
  18. Од Таберг до Хускварна
  19. Големото птичје езеро
  20. Дамата Улваса
  21. Домашно предено платно

Содржина[уреди | уреди извор]

Нилс е многу немирно четиринаесетгодишно момче од западната парохија Вемерхег во покраината Сконе. Неговите родители се фармери кои чуваат гуски, кокошки, три крави и друго. Едно неделно претпладне, неговите родители одат в црква, а Нилс, штотуку разбуден, забележува дека ковчегот на мајка му е отворен, иако таа никогаш не го оставала така. Тој забележува едно старолико џуџе кое го фаќа во својата мрежа. Џуџето го моли да го ослободи, ветувајќи дека ќе му ги исполни сите желби, но наместо тоа, му удира силна шлаканица од која Нилс се онесвестува. Кога доаѓа при свест, сè во куќата му делува чудно, а набргу сфаќа дека се претворил во џуџе, а џуџето пак се враќа во сандакот. Нилс излегува надвор, а таму, домашните животни почнуваат да го гонат и да му се потсмеваат. Во дворот, меѓу јатото гуски се наоѓа и големиот Мортен, кој е толку горд затоа што може да лета со дивите гуски кои ги предводи гусакот Ака од Кебнекајсе, стар над сто години и многу почитуван. Мортен летнува кон дивите гуски, а со него лета и Нилс, фатен за крилото. Кога го открива детето, Мортен го советува да се скрие, зашто Ака не ги сака луѓето. Во новата средина, малечкиот и немоќен Нилс за првпта во животот почнува да прави добри дела и да им помага на другите: му се спротивставува на лисецот Смире, ѝ помага на верверицата Сирле, а го спасува и Мортен кога децата се обидуваат да го украдат. Умниот Ака го советува Нилс да се спријатели со ситните животни во шумата и во водите, ако сака да ги преживее опасностите во природата. Како што се множат добрите дела на детето, така се зголемува и кругот на неговите пријатели, но Нилс тагува, зашто пак сака да биде обично дете. Заминува во селото за да побара совет од попот и од докторот, а патем го слуша разговорот на утките и дознава дека ќе се претвори во дете ако му помогне на питомиот гусак да се врати дома жив и здрав. Оттука, тој постојано помага во борбата на гуските против лисецот и видрата, а исто така, им помага и на овците од Малиот Карлов Остров да се спасат од трите лисици. Затоа, сега веќе секој сака да му помогне на малото дете, а врв на неговите добри дела е кога помага да се спаси езерото на птиците. Летајќи качен на Мортен, на Нилс му паѓа кломпата од ногата, а неа ја наоѓаат Оса и нејзиното братче Матс. Тие се сеќаваат на вестите за добрите дела на џуџето и на кломпата го читаат името на Нилс.[2]

За делото[уреди | уреди извор]

Романот настанал така што во 1907 година, Народното училиште побарало до Лагерлеф да го напише делото „Прекрасното патување на Нилс Холгерсон низ Шведска“ кое требало да послужи како еден вид буквар. Книгата никогаш не послужила за таа намена, но набргу нејзината популарност ги надминала границите на Шведска и станала позната ширум светот.[3] Романот е напишан едноставно, разбирливо и топло. Опишувајќи ги доживувањата на детето, авторката нè воведува во светот на животните и нивните тајни. Притоа, таа ги користи елементите од бајките, легендите и преданијата од својата татковина. Со приказната за лошото дете, низ игра од чудесни зборови, Лагерлеф нè поучува како да се споделат тагата и радоста со најблиските, како да се живее, да се сака, да се помага. Тоа е прекрасното патување во кое лошото дете неосетно прераснува во добар човек кој умее да сака и да помага, а другите му возвраќаат со истата мерка, правејќи го уште посилен, посреќен и исполнет со убавината на живеењето.[4]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, романот бил објавен од издавачката куќа Феникс, во рамките на библиотеката „Врвови“, а преводот го направила Христина Илковска. Книгата, со собем од 209 страници и со димензии од 21 сантиметар, е испечатена во „Печатницата Наумовски“. Таа е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Скопје.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014.
  2. „Белешка за авторот и делото“, во: Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014, стр. 204-207.
  3. „Белешка за авторот и делото“, во: Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014, стр. 203.
  4. „Белешка за авторот и делото“, во: Селма Лагерлеф, Прекрасното патување на Нилс Холгерсон. Скопје: Феникс, 2014, стр. 207.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]