Прва Француска Република

Од Википедија — слободната енциклопедија
Француска Република
République française
Знаме Coat of arms
ГеслоLiberté, Égalité, Fraternité ou la Mort
("Слобода, Еднаквост, Братство, или Смрт")
ХимнаChant de guerre pour l'Armée du Rhin
("Воена песна за армијата на Рајна")

Местоположба на Франција, Република 1
Главен градПариз
Уредување
Законодавство Парламент
Валута Ливра (до 1794), франк, асигнат

Прва Република (француски: Première République ), или официјално Француска Република (République française) — периодот од француската историја од 1792 до 1804 година. Републиката била прогласена на 21 септември 1792 година за време на Француската револуција, на денот кога формално бил соборен Луј XVI. Првата Француска Република траела до прогласувањето на Првото Царство на 18 мај 1804 година од страна на тогашниот прв конзул Наполеон Бонапарт кој се прогласил за цар.

Овој период се одликува со пад на монархијата, создавањето на Националниот конвент и Владеењето на теророт, Термидорската реакција и основањето на Директоратот и, конечно, создавањето на Конзулатот и доаѓањето на Наполеон на власт.

Крај на монархијата во Франција[уреди | уреди извор]

Знамето до 1794 година

Француската револуцијата од 1789 година ги погодила државите кои се граничат со неа и ги поттикнала нивните влади да преземат решителни мерки против новата опасност. Царот Леополд II и прускиот крал Фридрих Вилхелм II, летото 1791 година одржале состанок во Пилниц, во близина на Дрезден, и се согласиле да го запрат ширењето на револуционерните чувства. Затоа тие ја издале познатата Пилинцка декларација со која го повикуваат францускиот народ да го врати поранешниот општествен поредок и да ја врати власта на кралот, а на 7 февруари 1792 година го склучиле австро-прускиот сојузен договор.

Во јули 1792 година, војводата од Бранзвик, команден генерал во австро-пруската армија, го издал својот Бранзвишки манифест, во кој на Французите им се заканил дека ќе го уништи Париз ако на некој начин му наштетат на кралот Луј XVI од Франција.

Ваквите закани уште повеќе ги подгреале политичките превирања во Франција, која веќе била во ек на Француската револуција. Во востанието од 10 август 1792 година, граѓаните го нападнале кралскиот дворец Тилери, убивајќи шестотини швајцарски кралски гардисти и барале смена на кралот.[1]

Исплашени од антиреволуционерна акција во првата недела од септември 1792 година, толпи парижани упаднале во затворите во градот. Тие го убиле мнозинството од затворениците, меѓу кои и благородници, свештеници и политички затвореници, но и обични криминалци, како проститутки и ситни крадци. Многу жртви биле убиени во нивните ќелии: силувани, избодени и/или искасапени до смрт. Овој настан станал познат како Септемвриски масакр.[2]

Национална конвенција[уреди | уреди извор]

Републиканските симболи од 1794 година

По порастот на јавното насилство и политичката нестабилност на уставната монархија, на шестчлена група од Законодавното собрание на Франција ѝ била доделена задача да ги надгледува изборите. Конвенцијата била основана со двојна цел: да се укине монархијата и да се подготви нов устав.

Конвенцијата прво што направила било основањето на Првата Француска Република и на кралот официјално му ја одзеле сета политичка моќ. Луј XVI, оттогаш станал обичен граѓанин, а потоа бил изведен пред суд за злосторства за велепредавство. На 16 јануари 1793 година бил осуден, а на 21 јануари бил погубен.[2]

Во текот на пролетта 1793 година, во Париз завладеал масовен глад и започнале немири за храна. Затоа, на 6 април 1793 година, Конвенцијата го создала Комитетот за јавна безбедност кој добил задача: „Да се справи со радикалните движења на Бесните, недостигот на храна и немирите, бунтот во Вандеја и Бретања, неодамнешните порази на француските војски и распуштање на командниот генерал“.[3]

Она што е најзначајно е дека Комитетот за јавна безбедност вовел политика на терор, а стапката на погубување со гилотина на претпоставените непријатели на републиката постојано се зголемувала, по што започнал периодот денес познат како Владеење на теророт.[4]

Во јуни Конвенцијата го изготвила Уставот од 1793 година, кој бил ратификуван со народно гласање на почетокот на август. Но, Комитетот за јавна безбедност бил сметан за влада „во итност“, и тој ги суспендирал правата гарантирани со Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година и новиот устав.

Уставот на републиката не предвидувал формално назначување шеф на држава или шеф на влада.

Директорат[уреди | уреди извор]

По апсењето и погубувањето на Робеспјер на 28 јули 1794 година, бил затворен јакобинскиот клуб, а преживеаните Жирондинци биле заменети. Една година подоцна, Националната конвенција го усвоила Уставот на годината III. Повторно биле воспоставени религиозните слободи, почнале да ослободуваат многу затвореници и што е најважно, иницирале избори за ново законодавно тело.

На 3 ноември 1795 година, бил основан Директоратот. Според овој систем, Франција е предводена од дводомен парламент, составен од горен дом наречен Совет на старешини (со 250 члена) и долен дом наречен Совет на петстотини (со 500 члена) и Извршна власт составена од пет члена наречена Директорат (од каде што историскиот период го добил името). Поради внатрешната нестабилност, предизвикана од хиперинфлација на хартиените пари наречени асигнати,[5] и француските воени порази во 1798 и 1799 година, Директоратот опстојал само четири години, до неговото соборување во 1799 година. 

Конзулат[уреди | уреди извор]

Ерата на францускиот конзулат започнала со пучот на 18 Бример на 9 ноември 1799 година. Самите членови на Директоратот го испланирале државниот удар, што јасно укажува на слабеењето на моќта на Директоратот. Наполеон Бонапарт бил ко-заговорник во пучот и застанал на чело на владата како прв конзул.

На 18 мај 1804 година, Конзервативниот сенат го прогласил Наполеон за Цар на Французите. Подоцна тој ќе се самопрогласи за Цар на Французите, со што ставил крај на Првата Француска Република и започнала ерата на Првото Француско Царство.[6]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Censer, Jack R.; Hunt, Lynn (2004), Liberty, Equality, Fraternity: Exploring the French Revolution, University Park, Pennsylvania: Pennsylvania State University Press
  2. 2,0 2,1 Doyle (1989).
  3. The French Revolution [videorecording]: liberté, egalité, fraternité, a hitler Jr. is born in blood / produced & directed by Doug Shultz; written by Doug Shultz, Hilary Sio, Thomas Emil. [New York, N.Y.]: History Channel: Distributed in the U.S. by New Video, 2005.
  4. „Robespierre and the Terror | History Today“. www.historytoday.com. Посетено на 2018-02-08.
  5. „J.E. Sandrock: "Bank notes of the French Revolution" and First Republic“ (PDF).
  6. „Paris: Capital of the 19th Century“. library.brown.edu (англиски). Посетено на 2017-02-01.

Библиграфија[уреди | уреди извор]

  • Doyle, William (1989), The Oxford History of The French Revolution, Oxford: Oxford University Press, стр. 191–192