Празничен ден
„Празничен ден“ (француски: Jour de fête) — филм на режисерот Жак Тати (Jacques Tati) од 1949 година. Автори на сценариото се Тати, Анри Марке (Henri Marquet) и Рене Вилер (René Wheeler), а главните улоги ги играат: Жак Тати, Пол Франкер (Paul Frankeur), Ги Декомбл (Guy Decomble), Санта Рели (Santa Relli), Мен Вале (Maine Vallée), Делкасан (Delcassan) и Роже Рафал (Roger Rafal). Ова е првиот долгометражен филм на легендарниот француски глумец и режисер Жак Тати (1909-1982). Преку одлично оформениот лик на симпатичниот поштар и ефектниот заплет за неговата очајна потреба да се докаже пред сограѓаните, режисерот реди успешна низа од сатирични гегови за животот во едно мало место.[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Дејствието на филмот се одвива неколку години по Втората светска војна, во малото место Сен-Север-сур-Индр кое се наоѓа во внатрешноста на Франција. Стануав збор за заспано место кое оживува само за време на празникот. Тогаш, повеќето жители, на чело со Роже (го игра Деломбл), најчесто се забавуваат така што се шегуваат со добродушниот поштар Франсоа (го игра Тати), кој не сфаќа дека околината го смета за глупак, дури ни тогаш кога луѓето му прикажуваат краток филм за современите поштенски методи во САД. Франсоа сериозно го доживува филмот и веќе утредента започнува со модернизација на својата работа...