Појадок на трева (Мане)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Појадок на трева
Le Déjeuner sur l'herbe
англиски: The Luncheon on the Grass
Творец Едуар Мане
Година 1863
Димензии 208 см × 264.5 см
Место Музеј Орсе, Париз

Појадок на трева (француски: Le Déjeuner sur l'herbe) исто така позната и како (The Luncheon on the Grass) ' или Le Bain, (The Bath), е слика масло на платно од Францускиот сликар Едуар Мане создадена помеѓу 1862 и 1863 година. Таа денес е изложена во Музеј Орсе во Париз[1].

Денес ова дело се вбројува меѓу најпознатите на Мане. Воедно според композицијата и севкупната ликовна атмосфера, оваа слика е една од најснажните негови творби[2].

Опис[уреди | уреди извор]

Мане, најчесто, најзначајните свои дела ги реализирал на отворено - во природа. Неговата приврзаност кон природата, му овозможувала, студиозно, сконцентрирано, во сликарската тишина, да ги опфати севкупните негови ликовни размислувања и постапки. На сликата е претставена потполно гола жена - женски акт и двајца мажи, облечени според тогашната париска мода. Пред нив е корпа со јадење, чаршафи и други елементи кои ја пополнуваат утринската закуска на групата што седи на трева а во позадина е насликана капачка која влегува во водите на реката, најверојатно Сена . Од лево и оддесно е насликана шума со дрвја богато разлистани. С претпоставува дека мотивот е од имотот на Мане[3].

Стил[уреди | уреди извор]

Сликата ги содржи основните стилски одлики на овој голем импресионистички автор. Чувство за атмосфера. Еден вид дводимензионалност и намерно избегнување на студен реализам. Инсистирање на доминантно и транспарентно присуство на светлината која ја обликува композицијата и мотивите. Поетско чувство за севкупниот амбиент - кој е иако реализиран во природа, на некој начин е негова авторска синтеза помеѓу студии на фигури реализирани во сликарското ателје и еден вид брзи и скоро намерни скицирања на импресиите од утринскиот пејзаж. [4].

Техника на сликање[уреди | уреди извор]

Мане бил еден од пионерите на импресионизмот. Неговата слика била одбиена од жирито за изложбата во Париз во 1863 година, поради што тој ја изложил во легендарниот салон на одбиените, каде што всушност започнуваат и современите, вистински сликарски движења, не само во Париз туку воопшто во развојот на современата светска ликовна уметност. Сликата тогаш од официјалната јавност била нај негативно оценета. Мане употребувал широки, брзи потези на места намерно оставајќи структура и видливост на линиите од самите четки. На прв поглед тоа изгледало како недовршено дело - скица, немарно и непедантно насликана. Всушност во тоа била и севкупната ликовна и естетска поента на авторот. Избегнувајќи го тривијалното, лажно реалистичко и академско сликарство, тој ги надминува стереотипите и тргнува по патот на директното, на снажното и искреното ликовно изразување, подалеку од малограѓанското и декоративно, патетично прифаќање на сликарството. Мане инсистира на специфична употреба на светло темното, односно посебната претстава на светлината, што зборува дека користел директно поставување на бојата без рационално инсистирање да ја дофати реалистичката состојба на виденото и доживеаното. Тој е директен и скоро натуралистички прецизен во импресијата на неговата ликовна постапка.[5].

Влијание[уреди | уреди извор]

Како и повеќето дела на овој мајстор, сликата била инспирација, патоказ и размисла на низа ликовни творци како и во развојот на самата ликовна уметност. Иако неговата слава и признание дошле подоцна, неговата ликовна заслуга е откриена малку подоцна, сепак, денес во многу сегменти, неговата ликовна постапка и порака е интензивно присутна. Поетиката, мислата, постапката, третманот на светлината, се во принцип, сликарско револуционерни и доста храбри. Тој ја најавува епохата или состојбата на вистинското сликарство од кое понатаму немало враќање, тоа е импресионизмот кои дефинитивно ќе расчисти со сите лажни, допадливи и често извештачени реалистички претстави кои биле плитки, декоративни и кои во суштина безидејни во својот маниризам. Сликата и сликарството на Мане ќе биде пресвртницата и патоказот по кој подоцна тргнале инспирирани и поучени од целата негова провокативна шокантност: Клод Моне, Пол Сезан, Пол Гоген, Макс Ернст, Пабло Пикасо. Емил Зола прв ја забележал импресионистичката генијалност на Мане, отвoрајќи широки теми, за новото сликарство, пишувајќи најафирмативни анализи, критики и есеистички анализи со кои и теоретски ќе го поттикне создавањето на новото сликарство кое суштински ќе ја промени севкупната ликовна уметност[6].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Edouard Manet (1832-1883)“. Архивирано од изворникот на 2020-12-26. Посетено на 2020-12-10.
  2. The Luncheon on the Grass
  3. The Art of Painting by Johannes Vermeer
  4. „The Art of Painting (1665-67)“. Архивирано од изворникот на 2020-07-31. Посетено на 2020-12-10.
  5. Musée d'Orsay, Paris
  6. Mystery of Le Déjeuner sur l'Herbe by Édouard Manet

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Надворешни видеоснимки
Manet's Le Déjeuner sur l'herbe at Smarthistory