Појавата на новото чудо на Пресвета Богородица
| Творец | Теодосиј Зограф |
|---|---|
| Година | 1813 или 1828 |
| Димензии | 60 см × 71 см |
| Место | Галерија на икони, Ново Село |
Појавата на новото чудо на Пресвета Богородица – слика од Теодосиј Зограф. Сликата е темпера на гипсена подлога врз платно, со димензии 60х71 см, завршена во 1813 година според едни, или 1828 година, според други. Во сопственост е на: Галеријата на икони во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во штипско Ново Село.[1]
Опис
[уреди | уреди извор]На сликата е претставено семејството на зографот Теодосиј, во мигот на адорација кон Св. Богородица Скоропомошница, која на чудотворен начин го излекувала болниот син на зографот. Всушност преку оваа слика, зографот Теодосиј сликовно прикажува еден дел од животот на неговото семејство, семејна драма која благодарение на молитвите кон Св. Богородица има среќна завршница. Делото е насликано во 1813 година и е подарено на црквата Св. Богородица во штипско Ново Село, во знак на благодарност кон Богородица Скоропомошница. Во долниот дел од сликата е испишан опширен текст во кој е објаснета идејата за настанување на сликата.[1]
Теодосиј, неговата жена и синот се облечени во современа градска облека својствена за градот Велес во XIX век. На сликата преовладува прецизен и чист цртеж кој идеално се вклопува со богатиот и смирен колорит, дело кое според своите ликовни и естетски одлики, долго време нема да биде надминато. Овие одлики зографот Теодосиј го ставаат во редот на оригинална уметничка појава во македонското штафелајно сликарство во првата половина на XIX век, раздобје во кој македонското сликарство, сè уште се движи во рамките на црковната уметност. [1]
Текст на сликата
[уреди | уреди извор]На сликата со текст е запишана идејата за сликата, кој транскрибиран на современ јазик, гласи:
| „ | Појавата на новото чудо на Пресвета Богородица, која е брза помошница. Јас грешен Теодосиј, зограф на оваа слика, во лето од Христа 1813. Во тоа време работев во црквата новоселска и имав дом во Велес и едно дете, ова што лежи, по име Илија. Ми беше болно. Пратив по него и мајка му го донесе за да го лекуваме. И никаков лек не помогна. И дојде време детето да умре и мајка му го донесе пред црковната врата и зеде да плаче и јас ѝ реков: жено како што Богородица го избавила царот од морето, таа може и нам да ни помогне. И се поклонивме, о чудо, Пресветата го оживеа детето и (тоа) посака да јаде и потоа оздраве. Детето на возраст од 15 години дојде и се поклони во светиот храм. | “ |
Како што самиот зограф кажува, детето што лежи е неговиот син, Илија. Од левата страна на сликата се насликани зографот Теодосиј и неговата сопруга. На црковната фасада, е претставено чудото на Пресвета Богородица со царот кој се потопил во морето, што е предзнак за новото чудо. Од десната страна на сликата е прикажан израснатиот син, момче на 15 години, кој стои молитвено пред сликата на Богородица Одигитрија Брзопомошница. Детето држи голема свеќа и свиток на кој е запишано: Ѝ принесе слика за сведоштво. Станува збор за самата слика.
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 „МАКЕДОНСКО ПРОФАНО СЛИКАРСТВО (XIX – почеток на XX век)“ (PDF). Национална галерија на Македонија. 2013. Посетено на 17 јануари 2025.