Поштенска кочија (филм од 1939)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Поштенска кочија (англиски: Stagecoach) — американски филм од 1939 година во режија на Џон Форд, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Џон Вејн, Клер Тревор, Енди Дивајн, Џон Карадин, Томас Мичел, Луис Плат, Џорџ Бенкрофт, Бертон Черчил и Доналд Мик. Филмот освоил две награди „Оскар“: за најдобра музика и за најдобар спореден глумец (Мичел), а имал уште пет номинации. Поради големото културно значење, во 1995 година бил сочуван во Националниот филмски регистар на САД.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Група луѓе патуваат во кочија од Аризона во градот Лордсбург, во Ново Мексико. Со кочијата управува темпераментниот Бак (го игра Дивајн), а неа ја обезбедуваат шерифот Карли (го игра Бенкрофт) и еден одред на американската војска. Во кочијата се: госпоѓата Луси Мелори (ја игра Плат) која оди во посета на нејзиниот сопруг; трговскиот патник Пикок (го игра Мик); проститутката Далас (ја игра Тревор) која е избркана од градот; докторот Бун (го игра Мичел) кој е ноторен алкохоличар; коцкарот Хетфилд (го игра Карадин) и банкарот Гејтвуд (го игра Черчил). Патем, кочијата го пресретнува избеганиот затвореник Ринго (го игра Вејн) кого го бара шерифот со цел да го приведе. За време на патувањето, само Ринго се однесува со почит кон Далас, додека другите патници ја избегнуваат. Откако американската војска ги напушта, патниците се принудени да се движат по опасна територија, изложени на опасноста од напад на Апачите. Кога пристигнуваат во едно мало место, Мелори се пораѓа, а Далас и докторот Бун несебично ѝ помагаат. Тогаш, Ринго ѝ предлага брак на Далас, а таа се колеба дали да ја прифати понудата, плашејќи се дека тој набргу ќе погине во престрелка со неговите непријатели. На патот до нивната конечна цел, кочијата е нападната од Апачите при што патниците храбро се борат со напаѓачите. Сепак, кога остануваат без муниција, нив ги спасува американската војска. Така, патниците пристигнуваат безбедно на целта, со исклучок на Хетфилд кој погинува во престрелката и Пикок кој е ранет. Во градот, Ринго ги убива тројцата браќа Пламер и така се одмаздува за смртта на татко му и брат му, а шерифот го ослободува, дозволувајќи му да замине на неговиот ранч заедно со Далас.[2] [3]

Наводи[уреди | уреди извор]