Почеток на народноослободителна борба во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Диверзантска акција на Железничката станица, 1941

Почетокот на народноослободителна борба во Македонија е во првите денови на окупацијата. Македонскиот народ започнал организиран отпор и подготовки за оружена борба, предводена од македонските комунисти и патриоти, главно членови на КПЈ и СКОЈ. Тие на македонски јазик ги издавале весниците Дедо Иван [1][2][3], Народен билтен и други, а во Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Велес и во други места избувнале ученички штрајкови.

Оружениот отпор започнал непосредно по германскиот напад на СССР. Во Пиринскиот дел на Македонија, Иван Козарев ја формирал првата партизанска група, а непосредно по неа биле формирани и партизанските групи на Никола Парапунов [4] и Костадин Кантарџиев, поради што бугарските власти извршиле апсење на околу 150 антифашисти. Во повеќе градови на Вардарскиот дел на Македонија биле организирани масовни илинденски демонстрации (2 август 1941). Истиот месец скопските диверзанти извршиле успешни диверзии во рудникот за хром Радуша, на аеродромот Петровец, на железничката линија и на други објекти, а потоа биле формирани и Скопскиот НОП одред (22 август 1941) и Прилепската партизанска чета (12 септември 1941).

По одлука на Покраинскиот воен штаб на ПК на КПЈ за Македонија бил формиран Прилепскиот НОПО Гоце Делчев, кој извршил напад на окупаторските сили во Прилеп, а наредниот ден биле формирани и двата кумановски одреда, Козјачкиот и Карадачкиот НОП одред.

Востание во вардарскиот дел на Македонија во 1941 година[уреди | уреди извор]

Насловната страница Дедо Иван, број 3

По пропаста на кралството Југославија и на Грција, во сите три дела на Македонија, за македонскиот народ настапила нова етапа во неговата националноослободителна борба. Во сите делови на Македонија започнала борба за национално ослободување на македонкиот народ под раководството на соодветните комунистички партии. Македонскиот народ уверен дека со реализирањето на победата над фашизмот ќе се здобие со национална слобода, земал масовно учество во востанието против фашистичките освојувачи. Развојот на воружените борби, со оглед на специфичните услови, бил различен, но во сите дела макеоднскиот народ политички бил целосно на страната на антифашистичката борба.

Еден месец по окупацијата на кралството Југославија, секретарот на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, Методија Шаторов - Шарло испратил проглас, именуван како Писмо до Стојана, до македонскиот народ. Во прогласот меѓу другото било истакнато:

„... безразличието на широките народни маси по одношението на југославјанската држава и правителства, који 23 години плјачкаја и потискаја народите на Југославија... како резултат на војната и наша Македонија е окупирана од германски, италјански и бугарски војски... Ние не видофме нити наши чиновници, нити да се споменува нешто за нашите македонски револуционери, што пак за македонската култура. Се што е наше ни се представуе како да е било бугарско... да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо своје право за слобода и равноправност, но не цепене на македонската земја и македонскио народ.“ [5]

Методи Шаторов, како секректар на ПК, се обидел вардарскиот дел на Македонија да го претвори во пиемонт за обединување и за создавање самостојна македонска држава [6]. Со оглед на тоа дека речиси сите балкански комунистички партии во поглед на македонското национално прашање изразувале големодржавни интереси, тој најголема доверба имал во Коминтерната и во нејзиниот генерален секретар Георги Димитров. Поради тоа, во почетокот на мај 1941 година Методи Шаторов отпатувал во Софија и воспоставил контакти со Бугарската работничка партија (БРП) која, исто така, строго ги почитувала одлуките на Коминтерната. Притоа, името на ПК на КПЈ во Македонија било променето во Покраински комитет на Работничката партија на Македонија.

Во текот на мај 1941 година, под раководство на Методија Шеторов-Шарло, повеќе партиски организации на теренот организирале воена обука. На 2 јуни 1941 година една група извршила диверзантска акција во која бил запален и уништен еден германски транспортен авион од типот ЈУ-52. Потоа, во градот, бил запален и еден германски камион. На 12 јуни 1941 година во селото Горни Дисан – Кавадаречко, по една агитаторска акција, бугарските војници го убиле Диме Поп Атанасов. Тој е првата жртва на македонското националноослободително движење во борбата против бугарскиот окупатор.

Воденицата на Карадак каде што бил разбиен Карадачкиот народноослободителен одред

Во првата половна на септември 1941 година биле извршени организацсики подготовки за воруженото востание во Македонија. На 24 јули 1941 година ЦК на КПЈ одржал специјална седница за состојбата во ПК на КПЈ за Македонија. На таа седница Методи Шаторов бил обвинет за антипартиско и контрареволуционерно дејствување, по што била донесена одлука за негово разрешување од должноста секретар на Покраинскиот комитет и за негово исклучување од Партијата. ЦК на КПЈ го одредил Драган Павловиќ за свој повереник при ПК на КПЈ за Македонија. Во почетокот на август 1941 година Драган Павловиќ и Лазар Колишевски пристигнале во Македонија, каде што првиот имал задача да го распушти постојниот и да формира нов ПК што ќе го раководи Колишевски.

Во почетокот на септември 1941 година бил формиран нов Покраински комитет на КПЈ за Македонија во состав: Бане Андреев, Лазар Колишевски, Борка Талески, Мара Нацева и Благој Јанков-Мучето, а нешто подоцна член на ПК станала и Вера Ацева. На 24 септември 1941 година новиот ПК донел одлука за оперативно дејствување. На 26 септември 1941 година бил формиран Покраински воен штаб за Македонија, чии членови биле: Лазар Колишевски, Цветко Узуновски, Мирче Ацев, Страшо Пинџур и Михаило Апостолски. Македонскиот Воен штаб ги продолжил подготовките за оружената борба и за формирање партизански одреди. Воената организација била соодветна на партиската.

Во септември започнале да се создаваат месни штабови и воени комисии, кои добивале задача да извршуваат непосредни подготовки за создавање на партизански одреди. Во текот на 1941 годин, во Скопје, Велес, Куманово, Прилеп, Битола, Крушево, Кичево, Дебар, Струга, Охрид и Ресен биле формирани месни воени штабови и повеќе воени комисии по селата.

Некролог за загинатите борци на Козјачкиот и Карадачкиот одред, 1945
Бугарската полициска станица во Прилеп и план за нејзин напад

Во Скопје, Велес, Прилеп, Битола и други градови егзистирале посебни диверзански групи кои вршеле разни диверзански акции. Некои партизански оргнизации уште во летото формирале војнички курсеви и извршувале воено школување на младината, на тој начин ги подготвувале младите Македонци за стапување во партизанските одреди.

Во текот на подготовките за создавање на партизански одреди, разни диверзански и илегални групи имале повеќе судири со окупаторкста војска и жандармерија: диверзанска акција на рудникот Радуша за земање на експлозив, август 11941 година, судир кај тунелот Богомила, септември 1941 година и др.

Прилепскиот партизнски одред бил формиран во средината на септември 1941 година на Селечка Планина, Кумановскиот одред бил формиран на 12 октомври 1941 година на чело со Боро Менков, а Скопскиот одред кон крајот на август 1941 година. Овие партизански одреди биле бројно мали, меѓутоа тие преставувале почетокот на една нова етапа на националноослободителната борба. На 11 октомври 1941 година, Прилепскиот партизански одред извршил напад врз полицискиот участок во Прилеп, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп.

Прилепскиот и Скопскиот одред ги продлжиле своите акции, но Кумановскиот одред по неколку судири бил разбиен од бугарската полиција и војска. Покрај овие три одреди имало обиди за формирање и на други одреди во вардасркиот дел од Мaкедонија, но таквите обиди во 1941 година биле неуспешни.

Кумановскиот (Карадачкиот одред) на 13 октомври 1941 година бил откриен во близината на воденица кај селото Белановце. Следното утро по престрелката со бугарските сили, дел од партизаните биле убиени, а дел уапсени, што довело до крајот на одредот [7].

Почеток на воружената борба во пиринскиот дел на Македонија[уреди | уреди извор]

Во раководството на комунистичката партија во пиринскиот дел на Македонија, уште во почетокот, било јасно искристализирано гледиштето дека само преку една масовна воружена борба може да се дојде до една длабока демократска промена во политичката сосотојба во Царството Бугарија. Во летото 1941 година отпорот во овој дел на Македонија започнал да поприма квалитет на воружена борба, подржана од целиот народ во овој крај.

Воружената борба која започнала во Пиринска Македонија, всушност е првата воружена борба која започнала во Бугарија, таа била инспираирана од неколку фактори, незадоволството од социјалната политика и денационализаторската политика на Бугарија кон Македонците, последниот особено влијаел како револуционерен стимулатив. Познавајќи го добро револуционерното расположени на македонскиот народ, раководителите на Комунистичката партија на Бугарија во пиринскиот дел на Македонија биле сигурни во можностите и потребата од брзо поведување на воружена борба.

Обласниот комитет на БКП на чело со Гроздан Николов и Никола Калапчиев, поранешен деец на ВМРО (Обединета), ги туркале работите кон воружена борба, меѓутоа работите добиле своја динамика со доаѓањето на Никола Парапунов, јули 1941 година, за секретар на Обласниот комитет на местото на тешко болниот Гроздан Николов. Парапунов ште пред да биде поставен за секретар работел на организирање на партизански групи и предводел таква група. Меѓутоа ЦК на БКП овие дејства на Парапунов ги оценил како предвремени и пребрзани, а како такви не се во согалсност со политиката на БКП која се залагала за организиран отпор во поголемите градови, првенствено преземање на диверзански акции и саботажи. Меѓутоа Партапунов ги зел во предвид специфичните услови во Пиринска Македонија и упорно ја продолжил својата активност за организирање на партизански групи, односно продолжување на воружената борба.

Првата партизанска група во Пиринска Македонија била формирана од Иван Козарев, познат како Балкан. Пет дена по германскиот напад на СССР, на 27 јуни 1941 година, Козарев влегол во борба со бугарската полција во своето родно место, во текот на судирот биле ранети неколку полицајци [8]. Борбата на Козарев е првата организирана акција, не само во Бугарија туки и на Балканот, а тоа допринело да се создаде, сред Македонците во пириснкиот дел, легенда за овој прв балкански партизан. Речиси истовремено со Козарев, излегле партизанските групи на Парапунов и Костадин Кантарџиев.

Првите партизански групи биле формирани во Разлошката околија, каде што имало најголем број на партизански дејци, а таму егзистирала и најдобро организираната партиска мрежа. До крајот на 1941 година во Разлошката околија дејствувале повеќе добро воружени партизански групи. Тие извршувале напади на полициските и воени пунктови, ликвидации на оделни соработници на полицијата.

Почеток на воружената борба во егејскиот дел на Македонија[уреди | уреди извор]

Андреја Чипов генерелен секретар на КПГ
Партизани од Пиринска Македонија

По нападот на Советскиот сојуз, низ цела Егејска Македонија се засилила активноста за подготовака на воружената борба под раководство на Комунистичката партија на Грција. Оваа партија ги зацврстила врските со Покраинскиот комитет за Македонија во Солун. Во политичките и воените подготовки посебно место зазеле собирањето на оружје и другата воена опрема. Подготовските на воруженто востание биле проследени со диверзански акции и разни форми на отпор. Во подготовките спаѓа и формирањето на организацијата Елефтерија, со задача да го организира грчкото национално ослободително движење во егејскиот дел на Македонија, а во истичниот дел од Егејска Македонија била формирана организацијата Исорослохос. Овие организации поради нивната грчка национална платформа не уживала симапатии сред македонскиот народ во Грција, меѓутоа комунистите Македонци биле вклучени во нив.

Од бројните форми на отпор посебно се истакнала манифестацијата во Корешница, Костурско. Околу 2 000 души од Д’мбени и околните села под водство на Коста Трповски, на 31 мај 1941 година ја прославиле годишнината на Битката кај Локвата и Вињари. Во текот на летото 1941 година КПГ низ целата територија на Егејска Македонија создале партизански групи. Истовремено тие групи биле и првите партизански груапции во Грција. Во јули и август во Кукушко, под раководство на капетанот Христос Мискос (алијас Петрос) и во Нигридско, под раководство на капетанот Атанас Гениу (алијас Ласанис) биле формирани партизански групи. Партизански групи биле формирани на планината Пајак, во Кајларско, Костурско, Леринско, Воденско и др.

Партизанските и диверзанските групи, покрај акциите врз разните објекти, презели и низа на саботажни акции. Во септември по иницијатива на КПГ бил создаден Националенослободителен фрон ЕАМ. Во него покрај Комунистичката партија и комунистичката младина, учествувале: Народнодемократската унија, Обединетите антигашистички синдикати и други организации. По пленумот од септември 1941 година, КПГ ги повикала Македонците со својата борба да се обединат со националноослободителната борба на грчкиот, бугарскиот и српскиот народ.

Драмско востание[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Драмско востание.

Еден од најкрупните настани во 1941 година е Драмското востание, во кое масовно учествувале Грците и Македонците од тој крај. Востанието започнало на 29 септември, а пред самиот негов почеток биле изврешени повеќе воружени и диверзански акции. На 20 август 1941 година на пленумот на обласниот комитет на КПГ за Драмско е исткната политичката активност за мобилизирање на борци и организирање на народот за востание. Ноќта на 28 спрема 29 септември 1941 година од страна на востаниците биле нападнати градчињата Просочен и Доксат, населбите Егридере, Карликово, Кубалица и др. Бугарските власти го задушиле востанието при што биле убиени околу 3 000 души [9].

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Документи за Народноослободителната војна и Народната револуција во Куманово и Кумановско 1941‡1942, (второ дополнето издание), Куманово, мај 1980, 83–181
  2. Д-р Боро Мокров, Развојот на македонскиот печат и новинарство (од првите почетоци до 1945 година), Скопје, 1980, 403–406
  3. Зборник трудови од историјата на македонскиот печат, Скопје, 1987, 271–281
  4. Николова В., Куманов М., Кратък исторически справочник. България, ДИ " Народна просвета ", С., 1983, с.333
  5. МЕТОДИЈА ШАТОРОВ - ШАРЛО
  6. ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, ИНСТИТУТ ЗА НАЦИОНАЛНА ИСТОРИЈА, СКОПЈЕ 2008
  7. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопие, 2009, стр. 669
  8. Николова В., Куманов М., Кратък исторически справочник. България, ДИ " Народна просвета ", С., 1983, с.270-271
  9. Хр. Андоновски, Македонците под Грција во борбата против фашизмот (1940–1944), Скопје, 1968