Почетокот на буната против дахиите

Од Википедија — слободната енциклопедија

Почетокот на буната против дахиите (српски: Почетак буне против дахија) е српска епска (јуначка) песна, која е посветена на Првото српско востание против турската власт.

Содржина[уреди | уреди извор]

Состојбата на народот (рајата) во Србија под турското ропство станала тешка, бидејќи сиромашниот народ не можел повеќе да ги плаќа давачките. Тогаш, светците започнале да војуваат и на небото над Србија се случувале чудни настани: најпрвин, од празникот на св. Трифун до Ѓурѓовден, секоја ноќ на небото се појавувала месечината, испраќајќи им знак на Србите за да кренат востание, но тие не реагирале; потоа, од Ѓурѓовден до Митровден, на небото се појавувале крвави знамиња, но повторно, Србите не кренале востание; третпат, на денот на св. Сава загрмел гром, иако било зима, но ниту тогаш Србите не кренале буна; најпосле, пролетта, на денот на св. Трифун, сонцето трипати изгревало и тоа било знак за Србите да се кренат на востание. Тоа го виделе седумте дахии, кои се собрале во Белград, претчувствувајќи дека се работи за лош знак. Затоа, тие направиле стаклена тепсија и кога се огледале во неа, се виделе себеси обазглавени. Бесни, дахиите ја искршиле тепсијата и ги повикале оџите да им дадат совет.

Тогаш, оџите им кажале дека пред 500 години, кога Турците ја освоиле Србија, султанот Мурат, кој бил смртно ранет од страна на Милош Обилиќ, ги повикал везирите и им рекол да владеат добро со царството што тој им го освоил и да се однесуваат добро со рајата, ако не сакаат да го загубат царството. Исто така, оџите имкажале на дахиите да не се плашат од никакви кралеви, туку од рајата, зашто таа ќе се крене и ќе ги убие дахиите, а потоа ќе ги избрка Турците од Србија. На тоа, Мехмед-ага Фочиќ, водачот на дахиите, одговорил дека тие не се плашат од рајата, зашто имаат големо богатство со кое ќе соберат војска и ќе заминат во сите 17 нахии, каде што ќе ги убијат српските кнезови, кметови, попови и учители и ќе ги остават само децата до седумгодишна возраст. Исто така, Мехмед-ага се пожалил на однесувањето на српските кензови, кои во последно време биле сè похрабри и се однесувале како да се паши, не почитувајќи ја турската власт. Сите дахии му изразиле поддршка на Мехмед-ага, освен најстариот од нив, кој им порачал да го почитуваат советот на султанот Мурат и да се однесуваат добро со рајата и да одржуваат добри односи со српските кнезови.

Дахиите собрале голема војска, се разделиле на четири страни и почнале да ги убиваат српските кнезови, а Мехмед-ага испратил 12 војници во Топола за да го убијат Црниот Ѓорѓе (Караѓорѓе Петровиќ). Во недела наутро, Турците ја опколиле куќата на Караѓорѓе, барајќи да им се предаде, но тој отишол кај своите 12 сточари, кажувајќи им да ги земат пушките и да му се придружат. Така, Караѓорѓе со својата дружина убил шестмина од Турците, а другите побегнале. Сепак, Караѓорѓе собрал уште луѓе и ги опколил Турците кои се скриле во анот во селото Сибница. Таму, востаниците на Караѓорѓе го запалиле анот и ги убиле шесте Турци. Потоа, Караѓорѓе испратил порака Србите да почнат да ги убиваат турските владетели, а децата и жените да ги однесат во засолниште. Откако се разгорело востанието, Караѓорѓе ги запалил турските караули и паланки, а Турците избегале во градовите. Караѓорѓе им порачал на Турците да ги предадат насилниците, а потоа ги убил нив и со своите востаници навлегол во градовите. Откако Караѓорѓе ја ослободил Србија од Видин до Дрина и од Косово до Белград, тој дошол на реката Дрина и ветил дека наскоро ќе ја ослободи и Босна.[1][2]

За песната[уреди | уреди извор]

Песната „Почетокот на буната против дахиите“ прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од слепиот пејач Филип Вишњиќ. Притоа, според мислењето на Караџиќ, Вишњиќ самиот ја измислил песната.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 122-138.
  2. „Почетак буне против дахија“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 445-461.
  3. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 489.