Пофално слово

Од Википедија — слободната енциклопедија

Овој текст од Климент Охридски е една од најпоетичните творби од старословенската литература. Словото претставува химна во која се искажува топлата љубов и благодарност кон учителот (тема). Идејата е пофалбата на Кирил и повикот да се слави неговото име и дело.

Композициски текстот е составен од четири дела:

1. Обраќање кон народот за големината и славната победа на Кирил.

Еве, ни светна, христољупци, светлозрачниот спомен на нашиот преблажен татко Кирил, нов апостол и учител на сите земји, којшто огреа на земјата како сонце со вистинска вера и убавина, како сонце на трисушното божество, осветлувајќи го сиот свет...


2. Откажувањата на Кирил од животните радости.

... овој преблажен отец и учител наш ја остави сета убавина на овој живот, домот и богатството, татка си и мајка си, браќата и сестрите...


3. Подвизите и заслугите на Кирил во борбата против тријазичниците.

...И им ги затна устите на волците, на тријазичните кривоверци, пророчки укажувај- ќи на тревливиот јазик и упатувајќи ги сите со писмо кон спасение...


4. Пофалба за Кирил, каде во вид на химна го слави Кириловото дело.

...Затоа, да биде блажена твојата уста...

...Блажен го нарекуваме твојот многугласен јазик...

...Блажено да е твоето пресветло лице...

...Блажени да се твоите златозрачни очи...

...Блажени да се твоите ангеловидни зеници...

...Блажени да се твоите пречесни раце...твоите богодвижни прсти...

...Блажена да е твојата златозрачна утроба...

...Блажени да се твоите свети нозе...твоите златозрачни стапки...

...Блажена да е твојата пресвета душа...

И со ангелите беше како ангел и со пророците пророк, со сите свети толкувач на славата божја.


Стилот во словото е возвишен, но сосема разбирлив. Климент употребувал многу стилски фигури создавајќи така еден многу поетичен текст.

Многубројните епитети се често двојни (како кај Хомер): многугласен, златозрачни, ангеловидни, богодвижни, светлозрачен итн. Честа е употребата на компарацијата при споредбите на Кирил со возвишените нешта - хиперболична компарација (како ангел, како орел ги прелета, како сонце итн). За засилување на Кириловите постигања употребува реторски прашања (...која уста ќе ја искаже сладоста на неговото учење, а кој јазик ќе може да ги каже неговите подвизи...), контрасти, метафори (тревлив јазик), симболи (волци - за непријателите на словенската писменост), анафора (повторување на почетните зборови: блажени) итн.