Потсдамска декларација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Потсдамска декларација, или Прокламација која ги дефинира условите за јапонско предавање е заедничка декларација објавена на 26 јули 1945 година како дел од Конференцијата во Потсдам во име на владите на трите сили: Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Република Кина. Со Постдамската декларација се барало безусловно предавање на Јапонското Царство и јапонската армија во Втората светска војна. Тоа било ултиматум даден на Јапонија, а ако го одбие, сојузниците ѝ се заканиле на Јапонија со „брзо и целосно уништување“.[1][2]

Услови[уреди | уреди извор]

На 26 јули, Соединетите Држави, Велика Британија и Кина ја објавиле декларацијата со која ги објавиле условите за предавање на Јапонија, со предупредување како ултиматум: „Нема да отстапиме од нив. Нема алтернативи. Нема одложување“. Условите на декларацијата наведувале:[3]

  • Елиминација „засекогаш на авторитетот и влијанието на оние кои го измамиле и заведувале народот на Јапонија да се впушти во освојување на светот“
  • Окупацијата на „местата од јапонската територија кои ќе ги назначат сојузниците
  • Дека „јапонскиот суверенитет ќе биде ограничен на островите Хоншу, Хокаидо, Кјушу, Шикоку, и други помали острови што ние ги одредивме“, а биле објавени во Декларацијата од Каиро од 1943 година [4]
  • Дека „на јапонските воени сили, откако ќе бидат целосно разоружани, ќе им биде дозволено да се вратат во своите домови со можност да водат мирен и продуктивен живот“.
  • Дека „немаме намера Јапонците да бидат поробени како раса или уништени како нација, туку строга правда ќе ги стигне на сите воени злосторници, а и оние кои беа сурови врз нашите затвореници“.

Од друга страна, декларацијата нудела:

  • „Јапонската влада ќе ги отстрани сите пречки за заживување и зајакнување на демократските тенденции кај јапонскиот народ. Ќе се воспостави слобода на говор, религија и мисла, како и почитување на основните човекови права“.
  • „На Јапонија ќе и биде дозволено да одржува индустрии кои ќе ја одржат нејзината економија и ќе дозволат извлекување правични репарации во натура, но не и такви кои ќе и овозможат повторно да се вооружи за војна. За таа цел, ќе се дозволи пристап до суровините, како што се разликува од контролата на суровините. Ќе биде дозволено евентуално учество на Јапонија во светските трговски односи“.
  • „Окупаторските сили на сојузниците ќе бидат повлечени од Јапонија веднаш штом ќе бидат остварени овие цели и ќе биде воспоставена, во согласност со слободно изразената волја на јапонскиот народ, одговорна влада која се залага за мир“.

На крајот на декларацијата се спомнало и „безусловното предавање“:[5]

  • „Ја повикуваме владата на Јапонија сега безусловно да објави предавање на сите јапонски вооружени сили и да обезбеди соодветни и адекватни гаранции за нивната добра волја во таквата акција. Алтернативата за Јапонија е брзо и целосно уништување.“ [6]

Клаузулата за „брзо и целосно уништување“ се толкува како прикриено предупредување дека Америка поседува атомска бомба, која била успешно тестирана во Ново Мексико на 16 јули 1945 година, ден пред почетокот на конференцијата.

Летоци и радио преноси[уреди | уреди извор]

Декларацијата била објавена од печатот во Потсдам вечерта на 26 јули и истовремено била пренесена до Канцеларијата за информации за војната (OWI) во Вашингтон. Попладнето, предавателите од западниот брег на насочени кон јапонските острови, го емитувале текстот на англиски, а два часа подоцна почнале да го емитуваат на јапонски. Истовремено, американски бомбардери над Јапонија фрлиле преку 3 милиони летоци, на кои се опишувала декларацијата.[7] Декларацијата не била пренесена до јапонската влада по дипломатски канали.[8] Земањето непријателски пропагандни летоци и слушањето странски радио преноси било забрането со закон во Јапонија.

Последици[уреди | уреди извор]

Условите од декларацијата биле дебатирани во јапонската влада. По добивањето на декларацијата, министерот за надворешни работи Шигенори Того се состанал со премиерот Кантаро Сузуки и секретарот на кабинетот Хисатсуне Сакомизу. Сакомизу сметал дека декларацијата мора да биде прифатена. Того сметал дека сè уште има надеж дека Советскиот Сојуз ќе се согласи да посредува во преговорите со западните сојузници за да се добие појаснување и ревизија на условите на декларацијата. Потоа, Того се сретнал со императорот Хирохито и го советувал да биде многу претпазлив со декларацијата, но дека одговорот треба да се одложи додека Јапонците не добијат одговор од Советите.

Немањето одговор од Јапонија во врска со декларацијата САД го толкувале како „отфрлање преку игнорирање“. Затоа Белата куќа одлучила да ја спроведе заканата за уништување.[9] По одлуката на Белата куќа, воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави на 6 август 1945 година ја фрлиле првата атомска бомба врз јапонскиот град Хирошима, а на 9 август 1945 година и втората атомска бомба врз јапонскиот град Нагасаки. Двете бомби ги опустошиле двата града, биле убиени десетици илјади луѓе и најголем дел од градската инфраструктура била уништена, како и воени бази и фабрики во полупречник од повеќе од 1,6 километри за неколку секунди.

На 9 август 1945 година, Јосиф Сталин, врз основа на таен договор на Конференцијата во Јалта (февруари 1945), еднострано го укинал советско-јапонскиот пакт за неутралност (1941) и ѝ објавил војна на Јапонија. Со тоа започнала Советско-јапонската војна, а Советите ја нападнале Манџурија на три фронта.

На 15 август 1945 година, точно на пладне по јапонско време императорот објавил дека ја прифаќа Постдамската декларација, а официјалната капитулација била потпишана на бродот Мисури на 2 септември 1945 година.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945“. National Science Digital Library.
  2. „Milestones: 1937–1945 / The Potsdam Conference, 1945“. United States Department of State, Office of the Historian.
  3. „Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945“. National Science Digital Library."Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945". National Science Digital Library.
  4. „Potsdam Declaration – Birth of the Constitution of Japan“. ndl.go.jp. Посетено на 25 January 2015.
  5. „Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945“. National Science Digital Library."Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945". National Science Digital Library.
  6. „Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945“. National Science Digital Library."Potsdam Declaration: Proclamation Defining Terms for Japanese Surrender Issued, at Potsdam, July 26, 1945". National Science Digital Library.
  7. Williams, Josette H. „The Information War in the Pacific, 1945: Paths to Peace“. Central Intelligence Agency.
  8. Hellegers, Dale M. (2001). We, the Japanese People: Washington. Stanford University Press. стр. 134. ISBN 978-0-8047-8032-2. OCLC 47238424.
  9. "Mokusatsu, Japan's Response to the Potsdam Declaration," Kazuo Kawai, Pacific Historical Review, Vol. 19, No. 4 (November 1950), pp. 409–414.

Дополнително читање[уреди | уреди извор]

  • Ehrman, John (1956). Grand Strategy Volume VI, October 1944–August 1945. London: HMSO (British official history). стр. 304–306.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]