Потрошувачки кредит

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Потрошувачки кредити)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Потрошувачки кредит (англиски: consumer loan) е кредит кој е наменет за финансирање на тековната потрошувачка и за купување трајни потрошни добра. Во потрошувачките кредити спаѓаат сите кредити на населението, со исклучок на станбените кредити. Потрошувачки кредити одобруваат банките, другите финансиски институции (штедилници, друштва за финансирање итн.), како и нефинансиските претпријатија.

Видови потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Потрошувачките кредити можат да се групираат на различни начини: според намената, начинот на отплата, рочноста, валутата итн. Така, банките одобруваат денарски кредити, кредити со валутна клаузула и девизни кредити. Понатаму, некои кредити се со рок на достасување до една година, а други се долгорочни. Од гледна точка на отплатата на кредитите, разликуваме кредити што се отплаќаат наеднаш и кредити со отплата во периодични рати (ануитети).[1]

Според намената, потрошувачките кредити можат да се групираат како: обновливи кредити, наменски потрошувачки кредити, ненаменски кредити, автомобилски кредити и други видови потрошувачки кредити (туристички кредити, кредити за школување итн.). Притоа, наменските и ненаменските потрошувачки кредити претставуваат најголема поединечна ставка во вкупните кредити на населението: Tака, на крајот на 2010 година, дури 39% од вкупните кредити на населението во Македонија отпаѓале на овие кредити. Сепак, треба да се забележи дека постои тренд на намалување на значењето на овие кредити: така, на крајот на 2004 година, нивното учество во вкупните кредити на населението било дури 52%. Како втора најголема група се јавуваат обновливите кредити (кредитните картички и пречекорувањата на тековните сметки), чие учество во вкупните кредити на изнесувало 26%. Во поново време сè повеќе се зголемува значењето на автомобилските кредити, кои до пред неколку години воопшто не постоеја. Како последица на тоа, на крајот на 2010 година, нивното учество во вкупните кредити на населението достигна 6%. Инаку, од гледна точка на начинот на отплата, речиси сите потрошувачки кредити се отплаќаат во рати, т.е., само 1,3% од вкупните кредити на населението во Македонија се со еднократна отплата.[2]

Обновливи потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Во групата на обновливи потрошувачки кредити (revolving consumer loans) спаѓаат кредитите врз основа на кредитни картички (credit cards), дозволените пречекорувања на тековните сметки (overdrafts) и други видови кредити. Кај овие кредити, потрошувачот има отворена кредитна линија на определен износ, која постојано се продолжува. Со други зборови, клиентот има на располагање одреден износ за позајмување и штом го отплати долгот (делумно или целосно), кредитот повторно му се обновува. На тој начин, овие кредити всушност немаат утврден рок на достасување, зашто постојано се продолжуваат. Притоа, потрошувачите имаат голема флексибилност во отплатата на долгот, т.е. можат наеднаш да го отплатат целиот искористен износ на кредитот или пак да платат само определен процент од кредитот. Од друга страна, потрошувачите самостојно одлучуваат кога и колку ќе позајмуваат, при што плаќаат камата само на искористениот кредит. Токму поради овие карактеристики, обновливите кредити се многу популарни и сите банки, независно од големината или од стратегијата, си конкурираат на овој пазар.[3]

Наменски потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Наменските потрошувачки кредити се одобруваат преку трговските претпријатија со кои банките имаат склучено договор и тие се наменети за купување одредени производи во продавниците (бела техника, видео и аудио техника, мебел, накит, облека итн.). Притоа, износот на кредитот може да биде мал (на пример, околу 10 000 денари), но исто така, овие кредити се одобруваат и на поголеми износи, кои се движат до околу 300 000 денари. Корисникот на кредитот воопшто не ги добива парите, туку кредитот се одобрува така што банката ги префрла парите на сметката на продавачот. Во однос на рочноста, потрошувачките кредити кои гласат на помали износи обично имаат и помал рок на достасување (на пример, од шест месеци до една година), додека за купување поскапи производи, банките одобруваат кредити и со рок до пет-шест години. Истовремено, кредитите со помала рочност се со постојана каматна стапка, додека долгорочните кредити се одобруваат со променлива каматна стапка. Покрај каматната стапка, банките наплатуваат и различни надоместоци, како што се: манипулативен трошок за одобрување на кредитот, провизија за предвремена отплата итн., кои се движат од 1,5% па сè до 5% од износот на кредитот. Од гледна точка на отплатата, овие кредити најчесто се јавуваат како кредити со отплата на рати (installment loans). Најпосле, најголем дел од наменските кредити се обезбедени со административна забрана на платата или со еден или двајца жиранти.[4]

Ненаменски потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Банките одобруваат потрошувачки кредити кои немаат однапред определена намена. Овие кредити се исплаќаат во готово, или пак, банката ги префрла парите на сметката на клиентот, кој потоа може да ги употреби парите за која било цел. Понудата на ненаменски потрошувачки кредити е богата, т.е. банките нудат кредити со различни износи, рокови на достасување и други услови на кредитирање, со цел да ги задоволат потребите на потрошувачите. Рокот на достасувањето на ненаменските потрошувачки кредити може да достигне дури и до пет или седум години, а отплатата се врши во еднакви месечни рати. Вообичаено, банките наплаќаат променливи каматни стапки, кои зависат од рочноста, видот на обезбедувањето и од тоа дали се работи за денари или девизи. Покрај тоа, кредитите се оптоварени и со бројни провизии и надоместоци, кои се движат од 0,5% до 5% од износот на кредитот. Обично, наплатата на кредитот банките ја обезбедуваат со административна забрана на платата и со жиранти, меѓутоа постојат и кредити што не се обезбедени. Во Македонија, покрај стандардните потрошувачки кредити, во оваа група спаѓаат и ненаменските кредити кои всушност претставуваат станбени кредити. Така, овие ненаменски кредити гласат на високи износи (дури и до 35 000 евра), се одликуваат со многу долги рокови на достасување (10-20 години) и се обезбедени на еден од следниве три начини: со орочен депозит (во износ од 30% до 110% од износот на кредитот), со залог на државни обврзници (200%-300% од износот на кредитот) и хипотека на недвижен имот (140%-300% од износот на кредитот).[5]

Автомобилски кредити[уреди | уреди извор]

Aвтомобилските кредити (automobile loans) се одобруваат за купување нови или стари автомобили, мотори и теренски возила. При одобрувањето на кредитот, банката му ги исплаќа парите на продавачот на автомобилот, а отплатата се врши во еднакви месечни ануитети. Автомобилските кредити вообичаено се одобруваат на повисоки износи, при што од купувачот се бара одредено учество (најмалку 20%). Во Македонија, автомобилските кредити најчесто се одобруваат како кредити со валутна клаузула. Тоа произлегува од потребата на банките да се заштитат од валутниот ризик, имајќи го предвид фактот дека се работи за кредити со подолга рочност (обично, од една до шест години), кои се наменети за финансирање на набавка на увозни производи. Автомобилските кредити спаѓаат во групата на обезбедени кредити, при што најчесто тие се обезбдени со залог на моторното возило што се купува (заедно со полиса за каско-осигурување, винкулирана во полза на банката).[6]

Други потрошувачки кредити[уреди | уреди извор]

Банките нудат и други видови кредити, наменети за финансирање на различни потреби на потрошувачите. На пример, голем број поединци и семејства можат да си дозволат годишен одмор или патување во странство со помош на туристичките кредити. Тие се кусорочни кредити, со отплата во еднакви месечни рати, со постојани или променливи каматни стапки и обезбедени со административна забрана на платата и меница, додека другите услови на кредитирањето се стандардни. Исто така, банките одобруваат кредити за школување на средношколци и студенти, наменети за финансирање на трошоците за студирање. И кај нив се применуваат вообичаените услови на кредитирање, само што роковите на достасувањето се подолги (од три до пет години). Најпосле, во оваа група спаѓаат и кредитите наменети за рефинансирање на други кредити.[7]

Карактеристики[уреди | уреди извор]

Потрошувачките кредити се одликуваат со висока профитабилност, бидејќи на нив, банките наплаќаат повисоки каматни стапки во споредба со кредитите на претпријатијата. На пример, на крајот од 2010 година, просечната каматна стапка на кредитите на населението во Македонија изнесувала 10,3%, за разлика од кредитите на претпријатијата, чија просечна каматна стапка изнесувала 8,3%. Делумно, високите каматни стапки на овие кредити претставуваат одраз на повисоката ризичност на потрошувачите, вклучувајќи ја и премијата за ризикот на кредитите со подолга рочност (на пример, автомобилските кредити). Исто така, банките ги оправдуваат повисоките каматни стапки на потрошувачките кредити и со високите оперативни трошоци по поединечен кредит. Сепак, наспроти тоа, останува фактот дека банките имаат поголема можност да ставаат повисоки профитни маржи на потрошувачките кредити, поради каматната неосетливост на потрошувачите. Во продолжение, профитабилноста на овие кредити е поврзана и со бројните провизии и други надоместоци што ги наплатуваат банките за одобрување на кредитите, за предвремена отплата итн.

Понатаму, каматните стапки на потрошувачките кредити се поригидни во споредба со кредитите на претпријатијата. Така, во периодите кога опаѓаат каматните стапки на финансиските пазари, каматните стапки на потрошувачките кредити остануваат непроменети или се намалуваат, но бавно и малку. Како последица на тоа, доаѓа до зголемување на распонот меѓу каматните стапки што банките ги наплаќаат на овие кредити и трошоците за нивно финансирање. Токму оваа ригидност на каматните стапки на потрошувачките кредити често се посочува како фактор на нивната висока профитабилност.

Корисниците на потрошувачките кредити обично не се осетливи на висината на каматните стапки, туку повеќе ги интересира големината на месечниот финансиски трошок што тие го предизвикуваат, мерен во однос на месечните приходи. На пример, таков е случајот кај кредитните картички, каде што потрошувачите речиси воопшто не обрнуваат внимание на висината на каматната стапка, туку ги интересира само минималниот износ што треба да го отплатат. Токму ваквата флексибилност во отплатата, заедно со удобноста при плаќањата ги прават кредитните картички извонредно привлечни, иако на нив банките наплаќаат високи, двоцифрени каматни стапки.

Најпосле, голема предност на потрошувачките кредити е тоа што со нив банките остваруваат блиски долгорочни односи со своите клиенти. Имено, искуството покажува дека потрошувачите многу повеќе се врзуваат за една банка отколку претпријатијата. Доколку некој зел кредит од банката, многу е веројатно дека ќе ги користи и другите банкарски производи: ќе отвори трансакциска сметка, ќе ја чува заштедата, ќе земе кредитна картичка итн. Според тоа, потрошувачките кредити често претставуваат само вовед во долготрајна соработка меѓу банката и клиентот, а тоа е особено важно, имајќи го предвид фактот дека депозитите на населението се многу стабилни, т.е. не се одлеваат надвор од банката.

Од друга страна, потрошувачките кредити се одликуваат и со некои неповолни својства. Така, овие кредити знаат да бидат многу ризични, зашто кај нив, како единствен извор на отплата на кредитот се јавува месечниот приход на должникот (плата, пензија итн.). Оттука, банките се должни да го утврдат прифатливото ниво на изворот од кој должникот ќе го отплаќа кредитот. Понатаму, поради природата на нештата, кај поединците е многу поголема можноста да ја изгубат способноста за отплата на кредитите во споредба со претпријатијата, и тоа поради различни причини: смрт, тешка болест, отпуштање од работа итн. Истовремено, кај потрошувачките кредити е поголема можноста кредитобарателите да вметнат неточни податоци во кредитните барања и тоа да доведе до погрешни кредитни одлуки. На пример, потрошувачите не изготвуваат ревидирани финансиски извештаи, така што можат да достават неточни податоци или намерно да скријат некои факти поврзани со нивната финансиска состојба (месечен приход, задолженост итн.). Слично на тоа, кај кредитните картички често доаѓа до нивно фалсификување, кражба или злоупотреба.

Важна одлика на потрошувачките кредити, поврзана со кредитниот ризик, е тоа што кај голем дел од нив наплатата на кредитот не е обезбедена со никаков инструмент. Тоа е особено изразено кај кредитните картички и кредитите на тековните сметки, кои најчесто се необезбедени. Оттука, во случај должникот да не може или да не сака да го врати кредитот, банката нема друг извор на наплата на долгот.

Сепак, и покрај повисоката ризичност на должниците, кај потрошувачките кредити банки¬те имаат поголема можност за диверзификација на кредитниот ризик преку одобрување голем број кредити, кои гласат на мали поединечни износи. Како последица на тоа, набљудувано на ниво на целото кредитно портфолио, овие кредити се одликуваат со понизок процент на лоши кредити во споредба со кредитите на претпријатијата. На пример, во Македонија, учеството на лошите кредити (оние во групите „В“, „Г“ и „Д“) во вкупните кредити на населението изнесува околу 7,5%.

Поради фактот дека гласат на релативно мали поединечни износи, потрошувачките кредити се одликуваат со далеку повисоки оперативни трошоци по единица производ. Токму овој факт се наведува од страна на банките во одбрана на високите каматни стапки на потрошувачките кредити. На пример, независно од износот на кредитот, банката се соочува со трошоци за администрирање на кредитот, за сметководствена евиденција, за работа на компјутерските системи, за плати на вработените итн. Исто така, острата конкуренција во кредитирањето на населението ги принудува банките да вложуваат голем маркетиншки напор за придобивање на потрошувачите, а тоa предизвикува високи трошоци. Оттука, економијата на обемот игра важна улога во кредитирањето на населението, односно банките мора да одобруваат потрошувачки кредити во голем број со цел да ги намалат трошоците по единица производ. Тоа значи дека поголемите банки имаат предност во кредитирањето на населението во споредба со малите банки.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Business Dictionary
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 148.
  3. Горан Петревски, Управување со банките(второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 148-149.
  4. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150.
  5. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 150-151.
  6. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151.
  7. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151.
  8. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 151-153.