Последните денови на Помпеја (филм од 1913)
Последните денови на Помпеја (италијански: Ultimi giorni di Pompei) - италијански филм од 1913 година, во режија на Елеутерио Родолфи (Eleuterio Rodolfi) и Марио Казерини (Mario Caserini). Меѓутоа, нема цврсти докази дека Казерини го режирал филмот: на пример, италијанското списание Bianco e Nero како режисер го споменува само Родолфи.[1] Главните улоги ги толкуваат: Фернанда Негри Пугет (Fernanda Negri Pouget), Евгенија Тетони Фјор (Eugenia Tettoni Fior), Убалдо Стефани (Ubaldo Stefani) и Антонио Гризанти (Antonio Grisanti). Филмот е заснован на истоимената книга на Едвард Булвер-Литон (Edward Bulwer-Lytton) од 1834 година.
Синопсис
[уреди | уреди извор]Дејството на филмот се одвива во 79 година, во Помпеја. Римскиот аристократ Глаук (го игра Стефани) е вљубен во убавата Јоне (ја игра Фјор), а во него е вљубена богатата Џулија. Египетскиот врховен свештеник, Арбаче (го игра Гризанти) прави забава и бара да му ја донесат слепата танчерка Нидија (ја игра Гризанти). Таа им игра на гостите, но потоа ја бркаат од забавата. Тогаш пристигнува Глаук кој ја откупува Нидија и ја носи во својот дом, а таа севљубува во него. Арбаче, исто така, е вљубен во Јоне и ѝ кажува дека Глаук не ја сака. Јоне е разочарана, но Глаук се колне во својата искрена љубов и како доказ ѝ ја подарува робинката Нидија. Нидија и Јоне одат во посета на Арбаче, кој на носи Јоне во храмот за да ѝ ја каже иднината, но таму се обидува да ја заведе. Нидија веднаш оди да го извести Глаук, кој го напаѓа Арбаче и ја спасува својата сакана. Потоа, Глаук ѝ соопштува на Нидија дека ќе се ожени со Јоне, а таа ѝ ја кажува веста на Џулија, која оди кај Арбаче со молба да ѝ помогне да ја растурат љубовта меѓу Глаук и Јоне. Арбаче оди кај една волшебничка од која порачува љубовен напиток. Џулија и Нидија го земаат љубовниот напиток, но Нидија го краде напитокот и му го дава на Глаук, со надеж дека ќе го направи да ја засака. Меѓутоа, тоа не е љубовен напиток туку отров и од него Глаук полудува и оди во градината каде Арбаче убива еден свештеник, а убиството му го припишува на Глаук. Така, Глаук е уапсен и обвинет за убиство. Нидија оди кај Арбаче и ја признава својата вина, но попусто. Арбаче го поканува кај себе сведокот на убиството со намера да го поткупи и го затвора во подрумот. Нидија го слуша сето тоа и го ослободува сведокот. Арбаче го посетува Глаук во затворот и го наговара да го признае убиството, а Јоне го моли Арбаче за милост, но тој не попушта. Нидија е заробена од слугите на Арбаче, но таа поткупува еден од нив, кој му носи писмо на Салустиј, пријателот на Глаук, во кое ја опишува вистината за убиството. Во меѓувреме, Глаук го носат во арената. Салустиј ги ослободува Нидија и Јоне, а потоа сите одат во арената, каде сведокот им кажува на сите дека Арбаче е убиецот и него го фрлаат на лавовите. Токму тогаш започнува ерупцијата на Везув и луѓето бегаат во паника, а Нидија ги води Глаук и Јоне до морето. Така, тие се спасени, но Нидија се фрла во морето поради својата несреќна љубов. Во последната сцена на филмот, десет години по тие настани, Глаук и Јоне живеат среќен брачен живот, а во нивната палата се наоѓа статуа на Нидија на која ѝ се многу благодарни.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Bianco e nero 2.2 (1993), 314.
- ↑ A cinema history (пристапено на 16 февруари 2015)