Посидониј

Од Википедија — слободната енциклопедија

Посидониј (грчки: Ποσειδώνιος; 135 п.н.е., Апамеја, Сирија51 п.н.е., Родос или Рим) — старогрчки политичар, астроном, географ, историчар, математичар, учител и философ, припадник на стоицизмот.

Животопис[уреди | уреди извор]

Биста на Посидониј, Национален археолошки музеј во Неапол

Посидониј е роден во Апамеја, Сирија. По долги научно-истражувачки патувања низ Италија, Галија, Лигурија, Шпанија, Сицилија и Северна Африка, се доселил на островот Родос, кој му станал втора татковина. Посидониј бил притан, т.е. највисок државен службеник во својот град и двапати патувал во Рим како дипломатски пратеник (во 87 п.н.е. и во 51 п.н.е.).[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

На островот Родос, Посидониј ја основал познатата школа во која учеле низа истакнати Римјани, меѓу кои и Цицерон и Помпеј. Неговите сфаќања се одраз на многубројните патувања така што неговото универзално творештво не е од енциклопедиска природа, туку тој го проучува она што е карактеристично во природата и во духовниот живот. К. Рајнхарт го оценил философскиот систем на Посидониј како најчиста философија на окото, а него го нарекува „најголемиот очен мислител на Антиката“ (der grösste Augendenker der Antike). Посидониј бил најуниверзалниот хеленистички мислител — државник, математичар, историчар, географ, астроном, воспитувач, етнограф, историчар на културата итн. Тој е заслужен за повторното оживување на природните науки и се навратил кон учењето на Аристотел, а поради тоа „аристотелизирање“ му забележувале многу од строгите стоичари. К. Прехтер го прикажува Посидониј со следниве зборови: „Во спојувањето на источниот и хеленскиот начин на постоењето, вистински претставник на хеленизмот, во исто време и мистичар и рационалист, оној кој верува во чуда и егзактен етиолог, спекулативен мислител и емпирист, самостоен набљудувач и преработувач на историската традиција, природонаучник и познавач на човековата природа и во областа на практичната политика, тој себеси, само делумно одејќи по трагата на својот учител Панетиј, создал такво сфаќање на светот во кое досократските, платонските, аристотелските и стоичките елементи се врзуваат во складно изграден систем“. Негови најзначајни дела се: „За душата“, „За доблестите“, „За вселената“, „За страстите“, „За гневот“, „За она што доликува“ итн. Негов наследник во схолархатот на Родос бил неговиот внук од ќерката, Јасон од Ниса, кој пишувал биографии и записи од историјата на философијата.[1]

Литература[уреди | уреди извор]

  • J. Bake, Posidonii, Rhodii reliquiae doctrinae Lugd. Bat., 1810.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Miloš N. Đurić, „Stoička škola i Marko Aurelije“, во: Marko Aurelij, Samom sebi. Beograd: Dereta, 2004, стр. 12-14.