Прејди на содржината

Поседување (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Поседување: романса“ (англиски: Possession: A Romance) — роман на англиската писателка А. С. Бајат од 1990 година. Романот е посветен на Изобела Армстронг.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]
  • 1-11 глава: Роланд Мичел е 29-годишен асистент на познатиот професор Блекедер, кој уште од студентските денови живее заедно со девојката Вал. Во септември 1986 година, тој позајмува во Лондонската библиотека една книга во која се наоѓаат непознати белешки на поетот Рандолф Хенри Еш, заедно со две негови писма, адресирани до непозната дама. Како посветен истражувач на творештвото на Еш, тој ги краде писмата. Опседнат од желбата да дознае која е таа жена, тој спроведува дополнителни истражувања и дознава дека се работи за Кристабел Ла Мот, писателка од втората половина на 19 век. За да дознае повеќе за неа, Роланд го проучува дневникот на Бланш Гловер, девојката со која живеела Ла Мот. Исто така, тој бара помош од професорката Мод Бејли, која ги истражува животот и творештвото на Ла Мот. Тие ги посетуваат гробот и куќата во која живеела Ла Мот и таму случајно ја откриваат преписката меѓу неа и Еш. Во меѓувреме, во Лондон доаѓа американскиот професор Мортимер Кропер кој, исто така, е долгогодишен истражувач на Еш. Тој се среќава со професорката Беатрис Нест, која го истражува дневникот на сопругата на поетот, Елен Еш. Роланд и Мод детално ги проучуваат писмата на Ла Мот и на Еш и така ја откриваат нивната љубовна врска. На почетокот, преписката се однесува само на поезијата, а по некое време, Ла Мот посакува да ја прекине преписката поради можните оговарања. Истовремено, Бланш дознава за преписката и, поради љубомора, почнува да ги краде и да уништува писмата на Еш, што предизвикува кавга меѓу неа и Ла Мот. Подоцна, Еш и Ла Мот почнуваат тајно да се среќаваат и при една средба, Еш отворено ѝ ја искажува својата љубов.[2]
  • 12-19: Во 1859 година, Еш заминува на едномесечно патување во Јоркшир со цел да спроведува природонаучни истражувања. Роланд и Мод ги проучуваат дневникот на Елен Еш, откривајќи дека Бланш ѝ кажала на Елен за врската меѓу Еш и Ла Мот. Една година подоцна, Бланш извршува самоубиство. Исто така, врз основа на внимателното проучување на песните на Еш и на Ла Мот од тоа време, Роланд и Мод откриваат детали кои укажуваат дека Еш и Ла Мот биле заедно во Јоркшир. Поттикнати од тоа, Роланд и Мод ги посетуваат местата во кои бил Еш и притоа се зближуваат меѓу себе. Во меѓувреме, Фергас Вулф, поранешниот љубовник на Мод, го наслутува откритието на Роланд и се поврзува со професорот Кропер, кој се обидува да ја откупи преписката меѓу Ла Мот и Еш. Истовремено, и професорот Блекедер дознава за откритието на Роналд и Мод. По враќањето од Јоркшир, Мод го проучува претсмртното писмо на Бланш, која во тоа време живеела во куќата на Ла Мот која, пак, живеела на друго место. Тогаш, во Лондон пристига американската професорка Леонора Стерн, која ѝ покажува на Мод писмо кое сведочи дека за време на смртта на Бланш, Ла Мот била во Бретања. Мод и Роналд заминуваат во Франција, каде доаѓаат до дневникот на Сабина де Керкоз во кој има вредни податоци за животот на Ла Мот. Така, тие дознаваат дека, по враќањето од Јоркшир, Ла Мот заминала во Бретања, каде живеела во куќата на нејзините далечни роднини, семејството де Керкоз. По некое време, домаќините дознаваат дека Ла Мот е бремена, а непосредно пред времето за породување, таа ненадејно исчезнува, а домаќините безуспешно ја бараат низ целата околина. По десетина дена, Ла Мот се враќа во домот на де Керкоз, слаба, со пресечена коса и без детето при што не кажува ништо ниту за своето бегство ниту за бебето.[3]
  • 20-23: На едно јавно предавање, професорот Кропер ја споменува преписката меѓу Еш и Ла Мот. Во меѓувреме, и тој и професорот Блекедер, секој одделно ги истражуваат деталите од животот на Еш, кој направил скандал за време на една спиритистичка сеанса (на која присуствувала и Ла Мот), барајќи го своето дете. Притоа, двајцата професори виделе дел од писмата на Еш и така дознаваат за неговата врска со Ла Мот, но не ја знаат целата приказна. Професорот Блекедер гостува на една телевизиска емисија и бара државата да не му дозволи на Кропер да ги откупи писмата. Во емисијата гостува и Леонора Стерн и двајцата ја искажуваат претпоставката за љубовната врска меѓу поетите Еш и Ла Мот. Благодарение на тоа, во британската јавност започнува расправа за преписката меѓу Еш и Ла Мот. Стерн насетува каде заминале Мод и Роланд и таа и Блекедер заминуваат во Бретања, каде доаѓаат до копијата од дневникот на Сабина де Керкоз, а во Бретања пристига и Кропер. Кога го забележуваат нивното присуство, Мод и Роланд веднаш бегаат назад во Лондон. За време на тринеделниот престој во Бретања, тие се зближуваат, но сѐ уште не започнуваат љубовна врска. Во меѓувреме, девојката на Роланд, Вал започнува љубовна врска со адвокатот Јуан.[4]
  • 24-25: По враќањето од Бретања, Роланд не се враќа во својот стан, туку останува да живее со Мод во Линколн. Еден ден, тој и Мод се среќаваат со Јуан, Вал и адвокатот на сер Џорџ Бејли. Јуан ѝ укажува на Мод дека е можно таа да биде прогласена за наслендичка на писмата на Ла Мот. Потоа, Мод дознава дека Кропер има намера да го откопа гробот на Еш за да ја земе кутијата со неговите писма. Имено, за време на болеста на Еш, неговата сопруга Елен добива писмо од Ла Мот. Всушност, благодарение на разговорот со Бланш, Елен цело време знае за љубовната врска на нејзиниот сопруг. Некое време пред смртта на сопругот, таа открива едно недовршено писмо до Ла Мот од кое дознава за нивното вонбрачно бебе, како и за неуспешното настојување на Еш да ја продолжи врската со Ла Мот. Тогаш, Елен го пали писмото, а својата љубовна преписка со Еш и последното писмо на Ла Мот до него ги става во кутија која ја закопува во гробот.[5]
  • 26-28: Роланд се враќа во својот стан, каде наоѓа три понуди за работа на странски универзитети. Тој, Мод, Јуан, Вал, Стерн и Блекедер се собираат во станот на Беатрис Нест за да се договорат како да го спречат Кропер да го откопа гробот на Неш. Во таа прилика, и Блекедер му нуди работа на Роланд, задоволен од неговата научна дејност. На 15 октомври, Кропер и едне потомок на Еш го откопуваат гробот на поетот и ја земаат кутијата, но тогаш ги зафаќа големо невреме, така што не можат да избегаат од гробиштата. Роланд и неговите пријатели го опколуваат Кропер, а потоа сиет заедно ја отвораат кутијата и го читаат последното писмо на Ла Мот до Еш во кое таа, 28 години по нивната љубовна врска, му кажува за нивната ќерка Маја, која е омажена и има син. Во писмото, Ла Мот му кажува на Еш за тоа што се случило за време на нејзиниот престој во Бретања: Маја била одгледана од сестра ѝ на Ла Мот и никогаш не дознала кои се нејзините вистински родители; исто така, Ла Мот цело време живеела заедно со Маја, но никогаш не ѝ ја открила тајната. Така се дознава дека Маја е прабаба на Мод, која е потомок како на Ла Мот така и на Еш. По тоа откритие, Мод и Роланд меѓусебно си искажуваат љубов и првпат имаат полов однос.[6]
  • Пост скриптум, 1868: Еден мајски ден, еден човек среќава девојче на ливада. Девојчето му кажува дека се вика Маја, а тој ѝ прави круна од билки. Маја му сече прамен од својата коса, а тој го става во својот часовник. Непознатиот му кажува на девојчето да ја поздрави тетка ѝ, но тоа заборава да го пренесе поздравот. Човекот го бакнува девојчето, кратко разговараат по што тој си заминува.[7]

За делото

[уреди | уреди извор]

Романот „Поседување“ е најдоброто дело на Бајат. За него, таа ги добила Букеровата награда и наградата на „Ајриш тајмс“.[8] Романот добил позитивни оцени од книжевната критика: „Космополитан“ го оценил како „обемна, сложена приказна за книжевната мистерија која се претвора во емоционално патување кон откровението... Овој роман е триумфален успех на сите нивоа — како критика на викторијанската поезија, потресна љубовна приказна и сатира на современото производство на биографии...“ Според, книжевниот додаток на „Тајмс“, „Поседување“ сигурно ќе остане еден од најзначајните романи на 1990-тите.[9]

  1. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 5.
  2. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 9-273.
  3. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 274-503.
  4. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 504-564.
  5. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 565-608.
  6. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 609-669.
  7. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 670-673.
  8. „Beleška o Spisateljici“, во: A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004, стр. 675.
  9. A. S. Bajat, Zanesenost: viteška pripovest u prozi i stihu. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2004.