Порти на ноќта (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Порти на ноќта“ (Француски: Les portes de la nuit) е француски игран филм во режија на Марсел Карн (Marcel Carn). Главните улоги ги играат: Пјер Брасер (Pierre Brasseur), Серж Реџани (Serge Reggiani), Ив Монтан (Yves Montand) и Натали Натје (Nathalie Nattier).[1] Филмот е снимен во 1946 година, а трае 106 минути.

Содржина[уреди | уреди извор]

По Втората светска војна, зимата 1945 година, во Париз, Жан Диего (Jean Diego) среќава соборец од Движењето на отпорот за кој мисли дека загинал. Истата вечер, во едн кафеана тој го среќава скитникот кого го викаат "Судбина" (Destin), кој на луѓето им ја претскажува судбината, иако тие не му веруваат.Скитникот му предвидува дека наскоро ќе ја запознае жената на својот живот. Диего не му верува и мисли дека тој се шегува, но во тој момент низ прозорецот здогледува една убава жена. Жената се вика Малу (Malou), која е омажена за богатиот Жорж (Georges), кој живее во Лондон. Малу се вратила во маалото во кое пораснала и му кажува на Жорж дека повеќе не го сака. Таа го посетува татко ѝ кому му остава одредена сума пари, а потоа, кога оди да прошета низ дворот на нивната куќа, таму случајно го среќава Диего и тие веднаш се вљубуваат. Тогаш се појавува и Ги (Guy), братот на Малу, во кого Диего го препознава предавникот кој за време на војната ги предавал членовите на Движењето на отпорот. Диего го напаѓа Ги, но го пушта да си оди, благодарение на молбата на Малу. Во меѓувреме, Жорж ја бара Малу и го среќава Ги, кој му кажува каде да ја побара при што му дава пиштол. Кога Жорж ќе ги сретне Малу и Диего на улица, таа повторно му кажува дека не сака повеќе да живее со него. Во налет на бес, тој пука во неа и смртно ја ранува. Жорж и Диего ја носат Малу во болница, но таа умира за време на операцијата. Ги, разочаран поради тоа што е откриен, се самоубива така што се фрла пред воз.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Антена, бр. 806, 6.12.2013, стр. 12.