Прејди на содржината

Портер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Портер

Портер (англиски: porter — „носач“) — вид пиво, кое се појавило во Лондон и неговата околина на почетокот на XVIII век.[1] Портерот бил добро охмељен и имал темна боја благодарение на употребата на кафеав слад. Името потекнува од неговата популарност кај уличните и речните носачи.[2]

Се произведува од најмалку два вида слад (вклучувајќи темен — за обојување на пивото во боја од темнокафеава до црна), жолт шеќер од трска, големо количество хмељ (во споредба со другите видови пиво) и квасец од горниот слој. Јакиот портер често се сфаќа како синоним за темно пиво, иако, за разлика од портерот, при производството на темно пиво мора да се користи печен слад.

Популарноста на портерот била значителна и тој станал првиот стил на пиво што почнал да се произведува низ целиот свет. До крајот на XVIII век, портер се произведувал во Ирска, Северна Америка, Шведска и Русија.

Портерот првпат почнал да се произведува во Ирска во 1776 г., и иако Артур Гинис не почнал со произведување пиво до 1787 г., тој ги исфрлил сите други видови пива од неговата пиварница Гинис до 1799 г. Beamish and Crawford и Murphy's Brewery, и двете во Корк, го следеле примерот и ги напуштиле ејловите во корист на портерот. Роџер Проц тврди дека преминот од портер кон стаут е направен кога Артур Гинис сфатил дека ќе плаќа помал данок ако користи несладен и печен јачмен во неговото пиво, но историчарот на пиварството Мартин Корнел ја оспорува историската точност на ова тврдење.

Во Ирска, особено во Даблин, портерот бил познат како „обичен портер“ (plain porter) или само „обичен“ (plain). Тоа е пијалакот спомнат во поемата на Флан О'Брајан, „Пријателот на работникот“: „Една кригла обично е твојот единствен човек“ (A pint of plain is your only man). За разлика од ова, екстра јакиот портер бил наречен „јак портер“ (stout porter). Последниот ирски портер на Гинис е произведен во 1974 г., иако компанијата пуштило „оживување“ засновано на рецепт од 1796 г. во 2014 г.

По изумот на црн печен јачменов слад за да му се даде потемна боја и посебен вкус на изгорено на пивото во 1817 г., ирските пиварии ја напуштиле употребата на кафеав слад, користејќи само патентиран слад и светол слад, додека англиските пиварии продолжиле да користат дел од кафеавиот слад, создавајќи разлика во стилот меѓу англискиот и ирскиот портер.

Денес, портерот останува важен стил во подемот на ирската сцена на домашно пиво. Голем број значајни ирски пиварии за домашно пиво, како што е Trouble Brewing во Килдер, произведуваат високо ценети толкувања на овој стил. Како и кај стаутот на Гинис, многу портери од ирските пиварии за домашно пиво се газираат со мешавина од азот/јаглерод диоксид кога се служат од точено пиво. Меѓутоа, газирањето само со јаглерод диоксид останува повообичаено за разнообразијата во лименки и шишиња.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Cornell, Martyn (2 March 2020). The Geography of Beer. Springer Nature. стр. 7. ISBN 978-3-030-41654-6. Архивирано од изворникот на 2022-01-24. Посетено на 2025-07-31.
  2. «The Picture of London», John Feltham, 1802, p26, states it «obtained the name porter» because it was «very suitable for porters and other working people».

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]