Портал:Уметност/Одбрана статија/октомври, 2007

Од Википедија — слободната енциклопедија


Жан-Никола Артур Рембо (20 октомври 185410 ноември 1891) е француски поет, роден во Шарлевил. Иако сѐ што напишал е во период од само три години (од неговата 16-та до 19-та година), неговото влијание на модерната литература, музика и уметност е огромно, распространето и од непроценлива вредност.

Артур Рембо е роден во Шарлевил, во Ардените, на 20 октомври 1854 година. Тој е второ дете на пешадискиот капетан Фредерик Рембо и Виталија Куиф, ќерка на мали земјопоседници од Рош. Од неговата поезија може да се забележи дека Артур никогаш не чувствувал дека е сакан од мајка му. Уште како дете ја основа личноста по која ќе остане запаметен до денес: бил бунтовен, но истовремено генијален ученик. Веќе на возраст од петнаесет години тој создава поезија со високи литературни вредности и дијалози на течен латински јазик. Во 1869 година, ја пишува „Подароци на сирачињата“, прва негова позната песна на француски. Една година подоцна се спријателува со својот професор Жорж Изамбар кој станува негов литературен ментор.

Често бега од дома, а веста за Комуната ја прима со воодушевување, постојано предизвикувајќи ги трговците и граѓаните на Шарлевил со својот чест извик: „Редот е победен!“,. Веројатно бил силуван од страна на пијани војници како што неговата песна Le cœur supplicié (Измаченото срце [1]) можеби навестува. Токму во овој период, Рембо станува анархист, почнува често да пие, паралелно шокирајќи ја француската буржоазија со своите парталави алишта, долга коса и неприкладно однесување. На 13 мај 1871 година му пишува писмо на Изамбар, а два дена подоцна и на Пол Демени, поет од соседниот град, неколку години постар. Ова се познатите "Les lettres du Voyant" (Писма на видовитиот), во кои Рембо го тврди дека поетот треба да се претвори во пророк, и тоа по пат на едно долго, огромно и смислено растројување на сите сетила. Со оваа реченица (една од најпознатите во историјата на литературата), тој ја воспоставува теоретската основа на една нова поетика.

Прочитајте повеќе...