Портал:Република Македонија/Личности

Од Википедија — слободната енциклопедија

Димитар Андонов Папрадишки (1859-1954) е последниот македонски зограф, а воедно и првиот наш профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во Македонија.

Сестраниот ангажман на Андонов и желбата да внесе аспекти од битовиот реализам, го донело македонското сликарство пред вратите на современиот начин на изразување. Профаното сликарство на Андонов се одликува претежно со изработка на голем број на портрети на јавни личности во кои тој се обидува освен ралниот момент да го вклучи и ликовно-естетскиот проблем (Детскиот портрет на Анѓелко Андонов - 1900/1901., портрет на Параскева Кранго - 1925/1926, Автопортрет - 1932, итн.). Во подоцнежната етапа од опусот на Андонов тој практикува и композиции со историска тематика (Смртта на Гоце Делчев, Богомилски поход итн.) но и битови теми (Селска свадба, Нишалка, Оро итн.). Иако делата се без поголеми ликовни прентензии сепак тие претставуваат една значајна нишка која недостасуваше во македонската национална уметност како премостувач на празнината помеѓу доцниот традиционализам и новиот дух на ликовната уметност во Македонија.

Димитар Андонов Папрадишки, во својот долг и плоден творечки живот насликал повеќе од 1200 икони за околу 100-тина цркви во Македонија и Србија, со што се смета за еден од најпродуктивните наши зографи. Воедно, неговиот ангажман и во профаното сликарство го издига на пидесталот како последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност.