Полска врана

Од Википедија — слободната енциклопедија
Полска врана
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Врани
Род: Corvus
Вид: Полска врана
Научен назив
Corvus frugilegus
Linnaeus, 1758
Распространетост

Полската врана (науч. Corvus frugilegus) е член на семејството врани (Corvidae), од редот на врапчевидните птици. Распространета е низ цела Европа, освен низ северниот дел на Скандинавија, низ централна Азија до Јапонија. Ја има и во Македонија. Населена е во Нов Зеланд (1862-1874) со стотици птици, но тамошното население е многу локализирано.[2] Таму, видот се смета за земјоделски штетник и се уништува. Оваа птица понекогаш заскитува и во Исланд и северна Скандинавија. Името го добила од Карл Лине, во 1758 година,[3] а frugilegus произлегува од латинскиот, со значење „собирач на храна“.

Опис[уреди | уреди извор]

Полската врана е долга 45-47 см, со црно перје кое има синкав или синкавовиолетов сјај на јасна сончева светлина. Пердувите на главата, вратот и рамењата се погусти и свиленкави. Нозете ѝ се црни, а клунот сивоцрн.

Полските врани се разликуваат од сличните членови на семејството по голата сивобела кожа околу коренот на клунот, пред очите, кај возрасните птици. Со перјата околу нозете, исто така, изгледаат повлакнесто и пофино. Младенчињата ги немаат овие белези и немаат гола кожа, па повеќе личат на поедноставната црна врана (Corvus corone).

Повикот на оваа птица може да се опише како не премногу крескаво каа кое го дава и во лет и додека стои. При лет овој повик обично е од една сама птица, за разлика од црните врани кои се во група од 3-4. Осамените птици често си „пеат“ сами на себе, произведувајќи чудни кликнувања, бревтања и звуци слични на човековите.

Полски врани на дрвјата - навестување на пролетта

Поведение[уреди | уреди извор]

Исхрана[уреди | уреди извор]

Исхраната на полската врана претежно се состои од црви и инсекти кои птицата ги пронаоѓа сондирајќи во земјата со својот силен клун. Исто така, јаде и жито, помали количества овошје, мали цицачи, желади, мали птици, нивните јајца и пилиња и мрши. Во урбаните средини, човечките остатоци од храна ги зем од ѓубришата, депониите, улиците, обично рано наутро дедека сè уште е релативно мирно. Крај морските брегови, се храни со инсекти и ракови.

Размножување[уреди | уреди извор]

Corvus frugilegus

Полските врани секогаш гнездат во колонии, најчесто на врвот од дрвјата. Гранки и ластари кршат од дрвото (поретко ги земаат од земја), или ги крадат од соседното гнездо. Леглото обично има 3-5 јајца, при крајот на февруари, почетокот на март и се инкубираат 16-18 дена. Обата родитела ги хранат младенчињата кои се оперјуваат по 32-33 дена.

Наесен, младите птици од летото се собираат во големи јата заедно со неспарени птици од претходната сезона, често во друштво со чавките. Во тоа време прелетуваат на небото и уживаат во есенските бури.

Интелигенција[уреди | уреди извор]

Во заробеништво, кога ќе се соочат со проблем, оваа птица е документирана како една од неколкуте видови птици способни да користат алатки за да дојдат до целта. Таа може да научи да го турне камчето во цевка што ќе овозможи да добие храна. Ако нема камче, таа ќе оди и ќе пронајде ново за да ја исполни целта. Може да искористи и стапче, жица и сл. Сфаќаат дека со кукеста жица може да дофатат некој предмет.[4] Полските врани се толку паметни што можат да направат и употребат алатка со својот клун, како што можат шимпанзите со рацете.[5]

Во еден експеримент, пред птицата била поставена туба со вода и црв што лебди на површината. Во близина биле ставени и камења. Нивото на водата било прениско за таа да може да достигне до црвот. Птицата ги ставала камењата во водата за да го крене нивото и достигнала до црвот.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Corvus frugilegus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Barrie Heather & Hugh Robertson (2005). The Field Guide to the Birds of New Zealand. Penguin Group. ISBN 978-0-14-302040-0.
  3. Linnaeus, C. (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata (латински). Holmiae: Laurentii Salvii. стр. 824.
  4. Rebecca Morelle (May 26, 2009). „Неверојатната употреба на алатките од страна на полските врани“. BBC News. Посетено на May 22, 2010.
  5. „Студија за интелигенцијата на полските врани кои се паметни колку шимпанзо“. United Press International. May 26, 2009.
  6. Sarah Bloch (August 7, 2009). „Видео:Езопова басна или факт? Запознајте се со најпаметната птица“. Times Online.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]