Полов хромозом

Од Википедија — слободната енциклопедија
Некои хромозомски системи за определување на полот кај животните.

Одредувањето на полот кај двополните организми се одредува на различни начини. Во многу случаи, одредувањето на полот на единката е генетско, при што машките и женските единки поседуваат различни алели, па дури и различни гени кои ја одредуваат нивната својствена полова морфологија. Кај животните, полот е најчесто одреден и од некои хромозомски разлики. Во други случаи, полот се одредува од факторите на животната средина (како температурата, на пример) или социјални фактори (големината на организмот во однос на другите членови на популацијата). Деталите на половото одредување кај некои организми се сѐ уште недоволно разбрани.

Хромозомско одредување[уреди | уреди извор]

Кај животните се среќаваат видови со различни генетски конституции според кои се одредува полот кај една единка.

XX/XY генетско устројство[уреди | уреди извор]

XX/XY полово одредувачкиот систем е еден од најпознатите системи (начини) на одредување на полот и е својствен за луѓето и другите цицачи, иако еден член од групата торбари, паткоклунот (Platypus), има карактеристична полово одредувачка шема која во некои сегменти ја претставува онаа од ZW полови хромозоми на птиците, а исто така кај него отсуствува SRY генот (види понатаму во текстот). Неколку претставници од Arvicolinae (леминзи) и некои други глодачи се исто така забележителни по нивните необични системи за одредување на полот.

При XY-одредувачкиот систем, женките имаат два полови хромозоми од истиот вид (XX), додека мажјаците поседуваат два различни полови хромозоми (XY). Некои видови (вклучувајќи ги и луѓето) имаат ген наречен SRY на Y хромозомот кој ја одредува машкоста; други, пак (како винската мушичка), го користат присуството на два X хромозоми за да ја одредат женственоста. XY половите хромозоми се различни по форма и големина, што е спротивно од автозомите (неполови хромозоми) и затоа се нарекуваат алозоми (или гоносоми).

XX/XO генетско устројство[уреди | уреди извор]

При оваа устав, женките имаат две копии на половите хромозоми (XX), но мажјаците имаат само една (X0). Бројот 0 го означува отсуството на втор полов хромозом. Ваквата устав е својствена за некои инсекти, како скакулците и штурците од редот правокрилци, како и кај лебарките (од редот Blattodea).

Цевчестиот црв Caenorhabdites elegans е машка единка доколку во себе содржи еден полов хромозом (X0), а со пар на исти хромозми (XX), тој е хермафродит.

ZW генетска устав[уреди | уреди извор]

Ваква генетска устав на половите хромозоми се наоѓа кај птиците, некои инсекти и други организми. ZW уставта е обратна на XY: женките имаат два различни видови на полови хромозоми (ZW), додека мажјаците имаат два исти хромозоми (ZZ).

Хаплодиплоидија[уреди | уреди извор]

Хаплодиплоидијата е појава која се среќава кај инсектите кои припаѓаат на редот ципокрилци, како мравки и пчели. При хаплодиплоидијата, неоплодените јајце-клетки се развиваат во хаплоидни единки по пат на партеногенеза, а во овој случај тие се машки. Диплоидните единки се најчесто женски и се добиваат од оплодени јајце-клетки. Во текот на животот на машката единка, хаплоидниот број на хромозоми во телесните клетки се удвојува (со што се добива диплоиден број), но гаметите го задржуваат хаплоидниот број. Кај овие единки во текот на животот не се одвива мејоза, бидејќи половите клетки (гамети) се делат со митоза, така што не доаѓа до натамошно редуцирање на бројот на половите хромозоми.

Негенетско одредување на полот[уреди | уреди извор]

Кај некои видови на влекачи (алигатори, желки), полот се одредува од температурата на која јајцето е инкубирано. Други видови, како некои полжави, имаат смена на полот: возрасните единки започнуваат како машки, додека подоцна стануваат женски. Кај тропската риба-кловн доминантната единка во групата станува женка, додека останатите се мажјаци.

Некои видови, пак, воопшто немаат полово одредувачки систем. Дождовните црви и некои полжави се хермафродити; неколку видови на гуштери, риби и инсекти се секогаш женки и се размножуваат преку партеногенеза.

Кај некои членконоги, полот се одредува по инфекција, кога бактеријата од родот Wolbachia ќе ја генерира нивната сексуалност; некои видови се состојат само од единки со ZZ устав, при што половото одредување зависи од присуството на Wolbachia.