Полиевкт (драма на Пјер Корнеј)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Полиевкт (француски: Polyeucte) - драма (трагедија) на францускиот писател Пјер Корнеј од 1643 година.

Настанувањето на драмата[уреди | уреди извор]

Корнеј бил побожен човек и како резултат на тоа настанала драмата „Полиевкт“ во која тој ја изразува борбата меѓу религиозните чувства и земските склоности. Материјалот за подготовка на драмата го зел од текстовите на Симеон Метафраст, Сириус, Мосандер итн., во кои е изразена маченичката смрт на покрстениот ерменски благородник Полиевкт во времето на императорот Дециј, во III век п.н.е. Сепак, Корнеј во голема мера го променил основното сиже внесувајќи други епизоди и ликови. Кога Корнеј го прочитал ракописот на својата нова драма во салонот Рамбуе, таа не им се допаднала на посетителите, но и покрај тоа, театарската трупа продолжила да ја подготвува претставата која доживеала неочекуван успех, носејќи голем приход.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Драмата „Полиевкт“ се одликува со единство на драмското дејство чиј носител е Полиевкт, маченик кој поради своето убедување оди во смрт. Притоа, тој се бори и потклекнува, но повторно неговата сила се зголемува. Полиевкт искрено ја сака Паулина и постојано мисли на неа во затворот. На почетокот, тој ја сака како своја жена, но постпено неговат љубов се трансформира во мистична форма и тој му ја препушта на Север. Паулина, пак, е верна сопруга и искрено го сака својот маж, а нејзините нежни зборови упатени кон нејзиниот некогашен свршеник Север имаат за цел да го натера да се однесува благо кон затворениот Полиевкт. Нејзините чувства кон својот сопруг особено се засилуваат кога таа се уверува дека тој се бори за еден возвишен, надземски идеал. Север е прикажан како симпатичен лик, кој воопшто не е воден од возвишени идеали, туку е сосема реален. Поради тоа, во една прилика, Волтер рекол дека улогата на Север на претставата ѝ „крјна убавина и ѝ обезбедува вечен успех“. Оттука, големите актери, како Талма, повеќе сакале да ја играат улогата на Север отколку на Полиевкт.[2]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

„Полиевкт“ е најсугестивната и најпатетичната драма на Корнеј која поседува и големи поетски квалитети: совршена и хармонична градба; полни, прецизни, сугестивни и совршени стихови; концентрирано и бро дејство; доследно запазени правила на трите единства. Можеби, таа не е најдоброто дело на Корнеј, но по неа, тој никогаш повеќе не напишал нешто подобро. Таа станала образец за пиесите во кои се возвишува христијанското мачеништво, т.н. христијански трагедии. Под влијание на оваа драма, таквите дела зачестиле, а Корнеј подоцна а обработил историјата на антиохиската царица Теодора, создавајќи ја трагедијата „Теодора, девица и маченичка“.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 27-28.
  2. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 28-29.
  3. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 29.