Прејди на содржината

Под вулканот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Под вулканот“ (англиски: Under the volcano) — роман на англискиот писател Малколм Лаури од 1947 година. Авторот ѝ го посветил романот на својата сопруга Марџери.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 12 глави:

  • 1-3 глава: Во 1939 година, во мексиканскиот град Кваунавак, се среќаваат д-р Артуро Дијас Вихил и режисерот Жак Лариел, кој се подготвува да го напушти местото по четиригодишниот престој. Тој се сеќава на својот дамнешен пријател, поранешниот британски конзул Џефри Фермин и на неговиот полубрат Хју. Жак го запознал Џефри уште како дете, во далечната 1911 година и тие веднаш се спријателиле. Џефри се родил и живеел во Индија, но по смртта на мајка му и по исчезнувањето на татко му, пристигнал во домот на поетот Таскерсон. Подоцна стапил во британската дипломатска служба, но постојано бил деградиран и најпосле бил назначен за конзул во Мексико. За време на Првата светска војна, тој бил обвинет за еден инцидент во кој биле убиени неколку заробени германски офицери, но на судењето бил ослободен. По прекинувањето на дипломатските односи со Мексико, Британија ги отповикала сите конзули, но Џефри одлучил да остане во земјата и дал оставка од конзулската служба. Поради алкохолизмот, во декември 1937 година, неговата сопруга Ивана се развела од него и го напуштила. Меѓутоа, една година подоцна, Ивана ненадејно се враќа во Кваунавак со намера да ја обнови врската со Џефри. Таа и Џефри се запознале во 1935 година, во Шпанија, каде се венчале.[2]
  • 4-7 глава: Истиот ден, во Кваунавак пристига и полубратот на Џефри, новинарот Хју, кој престојувал во Тексас, а оттаму тајно влегол во Мексико. Претходно, тој бил во Шпанија, известувајќи за граѓанската војна. Бидејќи Џефри е потполно пијан, Хју и Ивона заминуваат заедно на прошетка по околината. Хју е поранешен гитарист и композитор на шлагери. Незадоволен од таквиот живот, тој пријавил како морнар на еден товарен брод кој патувал во Кина. Кога му здодеала и морнарската служба, се вратил во Лондон, каде се разочарал дознавајќи дека неговите шлагери воопшто не биле изведувани. Потоа, тој се запишал на Кембричкиот универзитет, но ги напуштил студиите, по што станал славен со војата музичка група. Сепак, ненадејно ја прекинал музичката кариера и станал новинар. По враќањето од прошетката, Џеф, Ивона и Хју заминуваат пеш во соседниот град, а патем го посетуваат Жак Лариел. Оттука, сите заминуваат во градот за да уживаат во фестивалот. Таму, пијаниот Џеф здогледува непознат Индијанец кој јава на коњ.[3]
  • 8-12 глава: Џефри, Ивона и Хју патуваат во соседниот град Томалин, а патем автобусот застанува на едно место, каде смртно ранет лежи Индијанецот кој го видел Џефри. Во Томалин, тие присуствуваат на игра со бикови а за време на претставата, Ивона (родена Констабл) се сеќава на своето минато: во младоста била глумица која играла споредни улоги; на 24-годишна возраст се откажала од филмската кариера и се запишала на универзитет, но набргу ги напуштила студиите и се омажила за милионерот Клиф Рајт. Кога Хју се вклучува во претставата со биковите, Ивона го моли Џефри да го напуштат Мексико и да започнат нов живот. Подоцна, во една кафеана, Џефри се опијанува и започнува кавга со Хју, по што сам заминува по шумската патека. Хју и Ивона безуспешно го бараат по меаните и рестораните, а Џефри заминува во Паријан. За време на потрагата по Џефри, додека се движат по густата шума, Ивона се повредува и поради тоа не можат да дојдат кај него. За тоа време, Џефри се наоѓа во една меана, каде ги наоѓа писмата кои му ги праќала Ивона по разводот. Пијан, тој заминува со една проститутка, а кога се враќа во меаната, го заробуваат неколку припадници на параполицијата кои го обвинуваат дека е шпион. Пијаниот Џефри се расправа со нив и тие го убиваат.[4]

За делото

[уреди | уреди извор]

„Под вулканот“ се смета за еден од најголемите дела на англиската книжевност во 20 век. Врз основа на него, во 1984 година, американскиот режисер Џон Хјустон го снимил истоимениот филм кој уште повеќе ја зголемил популарноста на романот.[5]

  1. Malkolm Lauri, Ispod vulkana. Dereta, Beograd, 2022, стр. 5.
  2. Malkolm Lauri, Ispod vulkana. Dereta, Beograd, 2022, стр. 11-125.
  3. Malkolm Lauri, Ispod vulkana. Dereta, Beograd, 2022, стр. 126-298.
  4. Malkolm Lauri, Ispod vulkana. Dereta, Beograd, 2022, стр. 299-475.
  5. Malkolm Lauri, Ispod vulkana. Dereta, Beograd, 2022.