Погрешно движење (филм од 1975)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Погрешно движење“ (германски: Falsche Bewegung) - германски филм од 1975 година, во режија на Вим Вендерс, според сценариото на Петер Хандке. Главните улоги ги играат: Ридигер Фоглер, Хана Шигула, Настасја Кински, Ханс Кристијан Блех, Петер Керн, Лиза Кројцер, Иван Десни итн. Овој филм, кој претставува адаптација на романот на Гете, „Чиракувањето на Вилхелм Мајстер“, е вториот дел од Вендерсовата трилогија на т.н. „филмови на патот“, заедно со „Алис во градовите“ и „Во текот на времето“.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во филмот се прикажува патувањето на Вилхелм Мајстер, млад човек со книжевни амбиции, кој ја истражува родната земја, се среќава со луѓето и го бара својот животен пат. Притоа, одвреме-навреме, неговите мисли ги изразува раскажувачот во филмот...[1] Вилхелм Мајстер (го игра Фоглер) сака да биде писател и во потрага по инспирација заминува на патување низ Германија. Во возот, тој ги запознава Лает (го игра Блех) и девојката Мињон (ја игра Кински) и патувањето го продолжува заедно со нив. Кога пристигнуваат во Бон, Вилхелм се среќава со Тереза (ја игра Шигула), а наскоро ним им се придружува и еден непознат човек, поетот Ландау (го игра Керн). Тој им ветува дека ќе ги одведе кај неговиот богат вујко, но пристигнуваат во куќата на сосема друг човек (го игра Десни) кој штотуку сакал да изврши самоубиство. Тој ги прифаќа љубезно и тие преноќуваат кај него. Притоа, ноќта, Вилхелм го здогледува Лаерт со камшик во раката, а потоа води љубов со Мињон, иако претходно Тереза го кани кај неа. Утредента, целата група оди во прошетка и Вилхелм дознава дека Лаерт се казнува себеси поради нацистичкото минато. По враќањето во куќата, тие го затекнуваат сопственикот обесен и набрзина си заминуваат. Тогаш, Ландау ја напушта групата, а останатите го продолжуваат патувањето. Преминувајќи една река, Вилхелм влегува во судир со Лаерт, кој потоа бега. Најпосле, Вилхелм се простува од Тереза и Мињон и заминува на една планина во потрага по инспирација.

Наводи[уреди | уреди извор]