Погледи на Пере Тошев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Дел од темата „Пере Тошев
Михаил Апостолов - Попето

Неговиот ум и душа биле скривалиште скриени и за неговите најблиски, отука малкумина целосно ја познавале неговата личност. Пере во многу свои однесувања бил сличен на друг великан на Македонија - Гоце Делчев. Уште од најрана младост Пере го пројавил својот борбен дух. Стремежот за систематска општествена дејност ја искажал како ученик во Пловдив, а подоцна и во Софија. Со целиот свој полн развој на духовните сили, Пере се пројавил во Македонија како водач на македонското ослободително дело. Неговата индивидуалност дошла до полн израз во редовите на Македонската револуционерна организација. Животот на Организација е незразделно сврзан со личноста на Пере Тошев. Почетокот на Перевата револуционерна дејност се совпаѓа со почетокот на самата Организација, а почетокот на неговата револуционерна замисла се јавила кај него уште пред да се оформи Организацијата [1]. Христо Силјанов истакнува:

Руската литература извршила врз него големо влијание, но тој ги имаше сите црти на една словенска душа: добрина, нежност, свртеност кон духовен живот. А заедно со тоа, како и секој Словен, и недостаток на волја што го забавуваше неговото дело и го ограничи негпвптп влијание во духовните кругови на македонското движење... непотребно е да се докажува дека демократизмот кај него прозлегува од почита која тој ја негува кон личноста на човека - непринуден, потребен на душата, туѓ за какава и да била груба сметка...

Христо Силјанов [2]

Пере јасно и во потполност ја созанавал серизоноста на положбата и уште во почетокот на своето револуционерно делување си создал програма за натамошна дејност. Со ладнокрвноста, која блескала од неговото расудување тој истурал студена вода врз распалаените глави на возбудената младина и со една, за неговиот карактер, типична суровост тој не се срамел да дигне рака дури и на својот најблизок пријател [1]. Тој најдобро ги сфаќал потребите на македонското револуционерно дело во секој момент. Со завидна леснотија, Пере ги разликувал постојаното од привременото и умеел да ги гради работите и да ги подготвува појавите според степенот на нивната важност. Во секое време и во секој момент, Пере бил во сосотојба да ги определи задачите на Македонската револуционерна организација. Неговиот карактер и темперамент му давале сила да го фиксира своето внимание на луѓето на кои им давал задача. Неговиот голем авторитет предизвикувал општа послушност. Пере повеќе обврнувал внимание на начинот на извршената работа, бидејќи неговите барања во тој однос биле пословични, отколку на самата извршена работа. Тој успеал наполно во своите намери за создавање и примање на револуционерната идеологија. Сето тоа го извршил со дела, без проповеди и говори [1].

Битолско било местото каде благодарение на Пере се создале и утврдиле општите морални својства на Македонската револуционерна организација. Максимата, дека најдобриот и најсилниот началник е оној кој станал таков по силата на потребите почувствувани од самите потчинети, за тој да биде водач, никаде не нашле подобра примена отколку во Битолско. Од почетокот па сè до крајот на Перевиот двегодишен престој во Битола, тој бил сеоопшто признат за раководител на округот и тоа без некој да го избира или назначува за таков. Пере се користел со неограничената доверба кај сите. По однос на прашањата сврзани со делото неговиот авторитет се простирал и надвор од Битолско. Благодарение на својот авторитет, уште на самиот почеток на Организацијата, Пере заземал едно од првите места во македонското ослободително движење. По прашања од општо-организациски карактер последниот збор го имал Пере, а тој отворен и категоричен збор искажан со серизоност и сугестивност оставале силен впечаток [1].

Во Солун на Пере му се укажала можност да одигра една од главните улоги од општ карактер за Четничкиот институт. Токму кога Пере престојувал во Солун започнало да се оформува четништвото како институција и да се заживува неговата идеологија. Михаил Апостолов - Попето како инструктор од страна на Гоце Делчев бил испратен во Серскиот револуционерен округ, а Централниот комитет го повикал во Солунско, Кукушко и Гевгелиско да ја изврши истата задача. По наредба на Централниот комитет млади интелектуални сили биле испраќани од Делчев од Бугарија во Македонија како илегални дејци, како и многу учителски сили од внатрешноста, кои станале илегалци, требало да се школуваат во четата на Михаил Апостолов - Попето, пред да им бидат доверени самостојни задачи [1]. Сите тие сили заедно со нивниот учител Михаил Апостолов - Попето морале да поминат на контрола кај Пере. Тој како инспектор, за време на обиколките покрај шумите и селата имал средби со четите на Организацијата. Војводите и четниците по добиените првични инструкции од Гоце Делчев во Софија, од Пере биле запознавани со идеологијата на четништвото, со неговите задачи и со линијата како треба да се однесуваат со населението и легалниот дел од Организацијата [1]. Сите од четничката школа, вклучително и Михаил Апостолов - Попето, зачувале незибришливи спомени од нивните средби со Пере и имале кон него неизмерна почит, а дури и стравопочит.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Ѓорче Петров, Беседа за Гоце, Беседа за Пере Тошев, Култура, 2003
  2. Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том два, Софија, 1943