Повез
Повез[1][2] — дел од книгата што ги спојува листовите, корицата и ’рбетникот. Негова цел е да го заштити текстот на книгата од можни оштетувања како и да ги обедини страниците (кои инаку би се распаднале доколку не се цврсто поврзани).[3]
Подврзување книги
[уреди | уреди извор]Подврзувањето книги е постапка на физичко составување на книга од сноп листови хартија што се преклопуваат или понекогаш се оставаат како куп единечни листови. Хартиите потоа се спојуваат по едниот раб со шиење низ наборите или споени со слој лепило . Подврзувањето може да се прави рачно, како што било правено со ракописните книги и инкунабулите. Во тоа време кориците биле богато украсени со кожа, злато, слонова коска и други скапоцени материјали.[3]
Од 16 век книгите се подврзувале со картонски корици кои може да се обложат со кожа, платно или некој друг материјал. Денес книгите се подврзуваат машински во книговезници.[3] Основни технолошки постапки при подврзувањето се: виткање листови, нивно подврзување, потсекување и коричење.[3]
Видови повез[3]
[уреди | уреди извор]- Кожа - вид повез при што кориците се обложени со кожа
- Француски - вид повез од телешка кожа, украсена со златопечат
- Мек - повез со свитливи корици
- Пергаментен - повез со корици кои се обложени со пергамент или е обложен само 'рбетникот. За оваа намена најдобар е телешкиот пергамент. Се украсувал и со златопечат
- Платнен - повез со корици обложени со книговезно платно
- Полуплатнен - 'рбетникот е обложен со книговезно платно, а кориците со хартија за обложување
- Рачен - рачно изработен повез
- Машински - повез изработен на соодветни машини за големи тиражи. Прво се појавил во 19 век во Англија и САД, а подоцна и во други земји.
Историја
[уреди | уреди извор]Формати на раните книги
[уреди | уреди извор]Глинени плочки - вообичаената големина на овие плочки била околу 15x15 см, но имало и помали (5x6 см) и поголеми (25x40 см) формати. Текстовите биле пишувани со клинови додека глината била уште влажна. За подолги списи, писарите користеле повеќе таблички кои ги означувале со бројки. Откако ќе се исушеле (на сонце или во печка), плочките биле речиси неуништливи. Тие се користеле како материјал за пишување повеќе од 2500 години, не само во Месопотамија, туку и во Мала Азија, Сирија и Крит.[4] Раните месопотамиски таблици биле квадратни, а книгите веројатно се состоеле од неколку такви таблици што се чувале во кожна торба или кутија.
Восочни таблици - се смета дека претставуваат премин од тврди кон меки материјали за пишување. Тие се мали правоаголни дрвени таблици, издлабени и исполнети со восок. Површината се мазнела, а потоа се пишувало со зашилен предмет од метал, дрво или слонова коска. Нивната употреба датира од Стара Грција.[3] Однадвор биле покриени со кожа, а низа од неколку такви поврзани таблици се нарекуваа кодекс. Ако кодексот се состоел од две восочни плочи, тој се нарекувал диптих, од три триптих, од неколку полиптих.
Папирусни свитоци - папирусот е материјал за пишување што почнале да го користат Египќаните, а го правеле од растението папирус што растело покрај бреговите на реката Нил. Бидејќи папирусот бил премногу кршлив за да се врзе во книга, од него се правеле свитоци. Повеќе листови биле споени во долга лента што била навиткана околу дрво (или слонова коска). На нив се пишувало со каламус.
Пергаментни кодекси - пергаментот бил поквалитетен од папирусот, поиздржлив, не се кршел лесно и можело на него да се пишува од двете страни. Неговата појава условила нов формат на книга - кодекс. Кодексот се добивал со превиткување пергаментни листови кои образувале тетратка. Книгата обично била подврзана во дрвени корици обложени со кожа, а некои примероци биле многу богато украсени. На пример: Златен кодекс (IX век) и Сребрен кодекс (IV век).
Хартија - појавата на хартија во Европа во голема мера го олеснила производството на книги така што нивната цена почнала да се намалува. Книгите станувале сè поедноставни, без скапоцени украси на кориците.
Некои интересни историски облици на подврзување:[5]
[уреди | уреди извор]- Коптско подврзување
- Етиопско подврзување
- Долговезен повез на книги
- Дрвен повез
- Везен повез за книги[6]
- Традиционално кинеско и корејско подврзување
- Антроподермско книговезништво (подврзување книги во човечка кожа)
Модерно подврзување
[уреди | уреди извор]Кламовање
[уреди | уреди извор]Станува збор за поврзување на материјалот со спојници во средината на печатениот материјал. Претходно, форматите машински се превиткуваат на средина, така што печатениот материјал се преклопува правилно. Тоа е многу практично и едноставно. Оваа врска најчесто се користи во брошури, списанија, билтени, менија, каталози.[7]
Коричење со пластична (жичена) спирала
[уреди | уреди извор]Ова подврзување се врши со помош на пластична спирала која се обвиткува околу претходно издупчените страници од печатениот материјал. Тоа е едноставен и удобен начин на подврзување, кој најчесто се користи за семинарски работи, каталози, скрипти.
Мек повез
[уреди | уреди извор]Кај мекиот повез кориците се изработени од картон со тежина до 500 гр. Кориците можат да бидат еднобојни, но и претходно печатени по желба на авторот. Подврзувањето се врши со лепило и има два начина на лепење. Подврзување со ладно лепило (повезот мора да отстои најмалку 24 часа) или подврзување со топло лепило (повезот може да се користи по еден час).
Тврд повез
[уреди | уреди извор]Тврдиот повез е повез со корици од тврд картон, кој обично е обложен со платно, потврда печатена хартија или кожа. Ова е најквалитетниот и најчестиот начин на подврзување книги.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Повез со метални токи и кожен тапацир
-
Везен повез од почетокот до 17 век
-
Повез од бамбус (Сан Цу - Уметност на војување)
-
Богато украсен повез
-
Книги со тврд повез
-
Книги со мек повез
-
Пример за кламовање кај брошури
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „повез“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „повез“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Фуруновић, Драгутин (1996). Енциклопедија штампарства. стр. 1584–1616.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ Стокић Симончић, Гордана (2017). Библиотека кроз време. Београд. стр. 14.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ „Historic Cut-away Binding Structure Modelс“. Посетено на 12 април 2021.
- ↑ „English Embroidered Bookbindings“. Посетено на 12 април 2021.
- ↑ „Коричење“. Copy studio. Посетено на 12 април 2021.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Повез на Ризницата ?
- Fine Printing & Binding of the English Bible – Great and Manifold: A Celebration of the Bible in English digital collection, Thomas Fisher Rare Book Library, University of Toronto
- Book bindings through the ages on Flickr by the National Library of Sweden
- Several free books on Bookbinding, Gilding, Box construction
- Online exhibit of publishers' bookbinding, 1830–1910 from the University of Rochester
- English Embroidered Bookbindings, by Cyril James Humphries Davenport, from Project Gutenberg
- British Library Database of Bookbindings Архивирано на 26 февруари 2015 г.
- Publishers Bindings Online, 1815–1930: The Art of Books
- University of Iowa Libraries Bookbinding Models Digital Collection Архивирано на 12 јануари 2009 г.
- Dorothy Burnett's bookbinding tools – A rich set of tools, ranging in age from 60 years old to 100 years old, used by the first independent craft binder to set up shop in Vancouver, British Columbia, from the UBC Library Digital Collections
- Dutch art nouveau and art deco bookbindings on Anno1900.nl
- UNCG Digital Collections: American Publishers' Trade Bindings
- BBinding project, resources and manuals
- Museum Libraries. „Bookbinding and Book Collecting“. Digital Collections. New York: Metropolitan Museum of Art.
- American Bookbinding Museum
|