Плодовите на гневот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Плодовите на гневот“ (англиски: The Grapes of Wrath) — роман на американскиот писател Џон Стајнбек од 1939 година. Делото, кое е наградено со Пулицеровата награда,[1] се смета за ремек дело и е продадено во 14 милиони примероци.[2] Врз основа на романот, во 1940 година бил снимен истоимениот филм во режија на Џон Форд.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Глава 1 — 17: Том Џоуд, син на земјоделци од Оклахома, се враќа дома откако поминал четири години в затвор поради убиство. На патот кон дома, нему му се придружува проповедникот Џим Кеси, кој ја загубил верата и има безбожни мисли. Тие ја затекнуваат куќата на Том празна и уништена, зашто веќе некое време банките им ја одземаат земјата на закупците, кои се принудени да се иселат. Од еден сосед кој скита низ полињата, тие дознаваат дека семејството на Том привремено живее кај неговиот стрико. Том и Џим пристигаат на имотот од стрико му, каде го затекнуваат семејството како го подготвуваат импровизираниот камион за патот до Калифорнија. Семејството Џоуд ги распродава мебелот, стоката и алатите, непродадените предмети ги пали и тргнува на пат, заедно со проповедникот Џим. Покрај нив, по автопатот бр. 66 стотици илјадници илјадници луѓе патуваат кон Калифорнија во потрага по подобар живот. За време на патувањето, семејството Џоуд застанува покрај патот и го среќава брачниот пар Вилсон кој, исто така, се упатил кон Калифорнија. Тогаш, ненадејно умира дедото, а семејството одлучува да го закопа тука. Набргу, по смртта на дедото, бабата се разболува и запаѓа во бунило. Најпосле, по долго и мачно патување, семејството Џоуд пристига во Калифорнија и застанува на починка крај една река. Тогаш, најстариот син, Ноа Џоуд, го напушта семејството и решава да остане да живее слободно по текот на реката.[4]
  • Глава 18-25: Најпосле, по долго и мачно патување, семејството Џоуд пристига во Калифорнија и застанува да почине крај една река. Тука, еден човек кој се враќа дома од Калифорнија, им кажува за тешкиот живот што ги очекува таму. Тогаш, најстариот син, Ноа Џоуд, го напушта семејството и решава да остане да живее слободно по текот на реката. Истовремено, семејството Џоуд продолжува без брачниот пар Вилсон, кој не може да го продолжи патот поради болеста на сопругата. Ноќта, за време на преминувањето преку пустината, бабата умира во камионот, а утредента, семејството здогледува убава и богата долина. Семејството Џоуд пристига во дива населба, а Том дознава за непријателскиот однос на месното население кон доселениците. Во населбата доаѓа еден работодавач во потрага по работници, во придружба на полицаец кој напаѓа еден доселеник. Том и Кеси го онеспособуваат полицаецот при што Кеси ја прифаќа врз себе вината и поради тоа е уапсен. Кони, сопругот на бремената Роза Шаронска, ненадејно го напушта семејството Џоуд. Ноќта, месното население подметнува пожар во дивата населба, но семејството Џоуд е предупредено за тоа и претходно си заминува. Оттаму, тоа се сместува во државен логор во кој доселениците се грижат самите за себе и каде условите за живот се пристојни. Том веднаш успева да најде привремена работа. Доаѓа сабота и во државниот логор се одржува забава, а логорскиот одбор, во кој учествува и Том, го спречува обидот на тројца потплатени гости да предизвикаат тепачка која би ѝ дала повод на полицијата да го растури логорот. Во меѓувреме, платите се многу ниски, малите фарми пропаѓаат, се уништува родот, доселениците тешко наоѓаат работа и секојдневно гладуваат и во нив постепено расте гневот.[5]
  • Глава 26-30: Иако условите за живот во државниот логор се добри, членовите на семејството Џоуд не можат да најдат работа и така остануваат без пари и без храна. Поради тоа, семејството го напушта логорот и заминува на север во потрага по работа. Патем ги среќава еден човек кој ги упатува на една фарма која ја обезбедува полицијата. Веднаш по пристигнувањето, сите членови на семејството се вклучуваат во бербата на праски, работејќи за бедна плата. Вечерта, Том излегува надвор од фармата и среќава неколку луѓе меѓу кои се наоѓа и Кеси, кој е еден од организаторите на штрајкот поради ниските плати. Тогаш доаѓаат чуварите на фармата и го убиваат Кеси, а Том убива еден од чуварите при што и тој е повреден, но успева да се врати на фармата. Бидејќи чуварите на фармата го бараат Том, уредента, семејството Џоуд заминува на друго место во околината каде има потреба од берачи на памук. Таму, Том се крие некое време во околината, а потоа, под влијание на активноста на Кеси, одлучува да замине некаде и да се посвети на борбата за правата на работниците и на сиромашните луѓе. Во меѓувреме, Ал наоѓа девојка и тие одлучуваат да се венчаат. Наскоро доаѓа зимата и повеќе нема работа за доселениците, а тоа, заедно со обилните дождови и водата ги поплавува вагоните во кои живеат берачите на памук. Додека работниците неуспешно се борат против надојдената вода, Роза Шаронска раѓа мртвороденче. Најпосле, водата влегува во вагоните и семејството Џоуд е принудено да се засолни на сигурно место, но без Ал кој го напушта семејството, решавајќи да остане со девојката. Семејството Џоуд доаѓа до напуштена штала во која се наоѓаат едно дете и неговиот изгладнет татко. За да го спаси човекот од неизбежната смрт, Роза Шаронска се согласува да го надои.[6]

За делото[уреди | уреди извор]

Романот се заснова врз статија од весник за доселениците-земјоделци. Според Њујорк Тајмс, романот бил најпродаваната книга во 1939 година, со 430 000 примероци испечатени до февруари 1940 година. Во текот на тој месец, романот ја добил наградата за национална книга, за која гласале членовите на Американското здружение на книжари.[7] Во текот на истата година, романот ја добил и Пулицеровата награда за книжевно дело.[8] Според романот е снимен филм во режија на Џон Форд, во кој главната улога ја игра Хенри Фонда, кој бил номиниран за најдобар глумец од страна на Академијата.

Веднаш по објавувањето, романот предизвикал големо внимание кај публиката и кај книжевната критика. Притоа, дел од публиката била бесна поради описот на сиромаштијата, така што романот бил забранет во некои сојузни држави во САД, како што се Канзас и Калифорнија.[9] „Плодовите на гневот“ е контроверзно дело. Политичките погледи на Стајнбек, негативниот став кон капитализмот, како и симпатијата кон работниците, довеле до силна реакција против авторот.[10] Тврдејќи дека во книгата погрешно се претставени условите на живот во округот Керн, одборот на надгледувачи во август 1939 година ја забраниле книгата, и ја отстраниле од јавните библиотеки. Оваа забрана траела до јануари 1941 година.[11] За овој настан Стајнбек напишал: „Клеветата што ми ја приредија големите земјопоседници и банкари, е многу лоша. Проширија и глас дека народот од Оклахома ме мрази и дека ми се заканиле дека ќе ме убијат. Јас сум исплашен од сето ова. Ова сосема излегува од контрола, мислам на хистеријата која расте околу овој роман, и која не е здрава.“

Роберт де Мот напишал за романот: „Стајнбековиот радикален глас на протестот ќе се слуша сè додека има луѓе кои сонуваат за слободно општество достојно на човекот.“[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Bryer, R. Jackson (1989). Sixteen Modern American Authors, Volume 2. Durham, NC: Duke University Press. стр. 620. ISBN 978-0822310181. |access-date= бара |url= (help)
  2. Chilton, Martin. „The Grapes of Wrath: 10 surprising facts about John Steinbeck's novel“. Telegraph (London). Архивирано од изворникот на 2014-12-13. Посетено на 6 December 2014.
  3. HRT, Plodovi gnjeva, američki film (пристапено на 1.5.2020)
  4. Džon Stajnbek, Plodovi gneva. Beograd: Laguna, 2015, стр. 7-264.
  5. Džon Stajnbek, Plodovi gneva. Beograd: Laguna, 2015, стр. 265-452.
  6. Džon Stajnbek, Plodovi gneva. Beograd: Laguna, 2015, стр. 453-522.
  7. "1939 Book Awards Given by Critics: Elgin Groseclose's 'Ararat' is Picked as Work Which Failed to Get Due Recognition", The New York Times, February 14, 1940, p. 25. ProQuest Historical Newspapers The New York Times (1851–2007).
  8. "Novel" (Winners 1917–1947). The Pulitzer Prizes. Retrieved January 28, 2012.
  9. Džon Stajnbek, Plodovi gneva. Beograd: Laguna, 2015.
  10. Keith Windschuttle (2002-06-02). "Steinbeck's myth of the Okies". Архивирано од изворникот на 2004-02-04. Посетено на 2015-03-20.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link). The New Criterion.
  11. „Steinbecks works banned“. Архивирано од изворникот на 2006-10-05. Посетено на 2015-03-20.. pacific.net.au
  12. Džon Stajnbek, Plodovi gneva. Beograd: Laguna, 2015.