Плаштари

Од Википедија — слободната енциклопедија
Туникати
Сино ѕвонче (Clavelina moluccensis)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Потколено: Urochordata
Giribet et al., 2000
Класи

Ascidiacea (2.300 видови)
Thaliacea
Appendicularia (Larvacea)
Sorberacea

Плаштари или туникати (науч. Tunicata или Urochordata) — потколено на животни кои се членови на истоимениот поттип на примитивни морски хордови. Постојат околу 2000 познати видови. Ларвалниот стадиум на овие животни се одликува со присуство на нотохорд и грбно нервно стебло, кои отсуствуваат кај возрасната единка. Возрасниот организам се одликува со слој на заштитна секреција околу телото наречена туника (оттука и името на поттипот), која се состои главно од белковината туницин. Плаштарите се чести во живеалишта како што се карпестите брегови, но можат да се најдат и во големи длабочини. Видовите познати како асцидии сочинуваат една класа во поттипот, а всушност и повеќето плаштари спаѓаат во оваа класа. Плаштарите се важни бидејќи се врска помеѓу без‘рбетниците и ‘рбетниците.

Одлики на ларвената и возрасната единка[уреди | уреди извор]

Ларвалниот стадиум, кој најмногу личи на полноглавец, има грбно нервно стебло заштитено во нотохорд, потоа мозок (односно ганглија), жабри, крвни садови и целом (секундарна телесна празнина). Овие одлики на ларвата на плаштарите укажуваат на тоа дека оваа група е повеќе поврзана со хордовите отколку со без‘рбетниците. Слободнопливачката ларва се прикачува себеси за супстрат и поминува низ процес на видоизменување во возрасната форма, губејќи ги притоа повеќето од сличностите со повишите животни.

Градба на ларва од асцидија: 1 - влезен сифон, 2 - адхезивни папили, 3 - жабрени цепнатинки, 4 - желудник, 5 - црево, 6 - нотохорд, 7 - нервна цевка, 8 - атријална (клоакална) празнина, 9 - излезен сифон (атриопора).

Возрасната единка обично претставува седентарно животно кое поседува целосен дигестивен систем, срце и циркулаторен систем, жабрена мрежа и редуциран нервен систем. Прекриена е со туника. Вазновидното животно има два сифона - еден кој дозволува водата да навлегува во телесната празнина и другиот низ кој водата излегува надвор. Водата поминува низ филтерски апарат кој ги заробува малите хранливи честички и ги предава на желудникот. Мрежестата жабрена торба го екстрахира кислородот од водата како што таа минува низ неа. Повеќето плаштари се хермафродити, но некои пливачки видови, како салпите, се размножуваат и полово и бесполово (смена на генерации). Колониите може да се образуваат по пат на бесполово размножување, а некои видови образуваат заеднички одводен сифон. Една класа на мали, ларвовидни плаштари се храни со помош на сложена мукозна "куќичка" која го обиколува телото.

Таксономија[уреди | уреди извор]

Плаштарите го сочинуваат поттипот Tunicata во типот Chordata. Асцидиите ја сочинуваат класата Ascidiacea, а салпите спаѓаат во класата Thaliacea. Ларвовидните плаштари кои се хранат со помош на мукозната куќичка ја сочинуваат класата Larvacea.