Баба (планина)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Планина Баба)
Прејди на: содржини, барај
Баба
Пелистер
Pelister Mountain.JPG
Дел од планината Баба и врвот Пелистер во позадината
Највисока точка
Надм. вис. 2.601 м[1]
Истакнатост 1516 м [1]
Заведена како ултра
Координати 41°00′13″ СГШ 21°11′12″ ИГД /  [1]
Географија
Област MK

Баба или Баба Планинапланина што се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија, лоцирана неколку километри западно од Битола. Често се нарекува и Пелистер (старомакедонски: - гулаб), иако тоа е само името на нејзиниот највисок врв. Според површината која ја зафаќа (436 км2) таа е тринаесетта најголема, а според височината (Пелистер, 2.601 м) трета највисока планина во Република Македонија.

Во 1948 година, поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели на планината Баба, еден нејзин дел со површина од 12 500 хектари, е прогласен за национален парк. (погл. Национален парк "Пелистер")

Местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед кон планината Баба од Пелагонија

Баба се наоѓа меѓу Пелагонија на исток и Преспанската Котлина на запад. Таа, всушност, претставува хорст помеѓу овие две котлини, поточно помеѓу Битолското Поле на исток и Ресенското Поле и Преспанското Езеро на запад. Северната граница на Баба е превалецот Ѓавато (1.169 м), кој ја одвојува од планината Бигла, како и малата Цапарска Котлина. На југ, планината продолжува во Грција се до превалецот Бигла (1.505 м), кој ја одвојува од Нередската Планина (Вич, 2.125 м), лоцирана во Грција. Преку нејзиниот јужен дел, односно преку врвот 'Ржана (2.334 м), се протега западниот дел на македонско-грчката граница. Приближно 65% од планинскиот масив на Баба се наоѓаат на територијата на Република Македонија, додека 35% на територијата на Грција.

Баба има правец на протегање од север кон југ, а исто така, се карактеризира со симетричен изглед, бидејќи планинското било е подеднакво оддалечено и од Преспанската Котлина и од Пелагонија.

Релјеф и релјефни облици[уреди | уреди извор]

Баба е млада верижна планина. По својата тектонска положба и составот на карпите Баба и припаѓа на геотектонската целина Западномакедонска зона. Масивот на Баба е најјужниот дел на Родопскиот планински систем со алпски карактер. Планинското било е голо, извиено, нерасчленето и има должина од 25 км.

Испресечена е со повеќе надолжни, како и попречни раседи, кои формирале повеќе блокови на неа. Главната тектонска дислокација се протега на источната страна, на која се наоѓаат и минерални извори. На североисток, оваа дислокација се спојува со длабински расед, кој претставува граница помеѓу Западномакедонската зона и Пелагониската зона. Расед со меридијански правец на протегање поминува покрај западниот раб и ја одвојува од Преспанската котлина. На северната страна се наоѓа севернопелистерскиот расед.

Баба е поделена на повеќе гребени. Главниот гребен започнува на север со врвот Вртешка, а на југ завршува на територијата на Грција. Овој гребен ги разделува Јадранскиот и Егејскиот речен слив. На исток и запад од главниот гребен се раздвојуваат повеќе споредни гребени, кои се издвоени меѓусебно со речни долини. Од врвовите Пелистер, Козји Камен и Широка, издвоените гребени стрмно се спуштаат кон север до малата Цапарска Котлина. На исток, има постепено спуштање на гребените на Неолица и Дебели Рид кон долината на Драгор и Братиндолска Река. На запад, пак, поважни гребени се Марушица, 'Ржана и Порта, кои стрмно се спуштаат во долината на Брајчинска Река.

Релјефот на Баба е разновиден. На височина од 1.660 до 1.900 м се наоѓаат зарамнети делови, расчленети со повеќе паралелни долини. Камените реки се карактеристичен рејлефен облик на Пелистер и тие се протегаат на висичониа од 1.300 до 2.000 м. Тие се најизразени на северната страна на возвишението Црвена Стена и над месноста Копанки. Од флувијалните релјефни облици застапени се плавините. Понатаму, постои појас од плавини на северното, источното и западното подножје. На нив се наоѓаат повеќе села: Драгош, Велушина, Бистрица, Буково, Лавци, Трново, Магарево, Кажани, Крани итн.

Исто така, застапени се и глацијални релјефни форми, кои потекнуваат од плеистоценот, кога на високите делови на Баба се наоѓале глечери. Од глацијалните форми, застапени се циркови и морени. Циркови има на надморска височина над 2000 м, а два од нив се исполнети со вода - Големото и Малото Езеро, кои од народот се наречени Пелистерски Очи. Големото Езеро се наоѓа на 2218 м н.в., со должина 233 м, широчина 162 м и длабочина 14.5 м. Малото Езеро се наоѓа на 2180 м н.в. и е со размери - 79 м должина, 68 м широчина и 2.6 м длабочина. Нивните басени се преградени со морени.

Други карактеристични релјефни облици на Баба се камените мориња и слизнатите блокови.

Позначајни врвови[уреди | уреди извор]

На планината постојат 24 врвови повисоки од 2000 метри. Најзначајни врвови на Баба се:

Од некои од овие врвови се гледа огромна површина - Солунска Глава на север, Пелагонија и Кајмакчалан на исток, на југ и југозапад погледот допира до грчко-албанските предели, а на запад до Преспанското Езеро, Галичица и Јабланица.

Панорамски поглед на Баба

Геолошки состав[уреди | уреди извор]

Геолошкиот состав на Баба главно е претставен со палеозоитски шкрилци и магматски карпи (гранит).

Флора и фауна[уреди | уреди извор]

Моликова шума на Пелистер
Хотелот Молика

Од растителните заедници најголемо пространство завземаат моликовите шуми кои како чиста состоина се среќаваат на површина од 1174 ха, а се среќаваат и моликово-елови, моликово-букови, моликово-букови-елови, букови и дабово-букови шуми. Од флористичките елементи особено значајно е присуството на петоигличестиот бор молика (Pinus peuce) - автохтон реликт со терциерна старост кој расте само на неколку планини на Балканскиот Полуостров, а на планината Баба го достигнува својот еколошки оптимум на развој, простирајќи се на висина од 1000 до преку 2200 м. Во високиот планински дел се среќаваат ендемичните растенија: пелистерска качунка (Crocus peristericus ), полегнатиот каранфил (Dianthus myrtinervius), пази-куќа (Sempervivum octopodes) и пелистерска небесна роса (Alchemilla pelisterica).

Од фауната посебно внимание заслужуваат: мечката (Ursus arctos), срната (Capreolus capreolus), рисот (Lynx Lynx), дивокозата (Rupicapra rupicapra), обичниот елен (Cervus elaphus), дивата свиња (Susscrofa), еребицата камењарка (Alectoris qraeca), златниот орел (Aquila chrystaetos), карпестиот лазач (Tichodroma muraria) и црвеноклуната галица (Pyrrhocorax pyrrchocorax). Од рибите значајно е присуството на ендемичната пелистерска пастрмка (Salmo trutta peristericus).

Освен овие животни постојат и многу други видови на растенија, габи, членконоги, риби, влекачи, птици, цицачи итн., од кои некои се ендемични. (погл. Национален парк "Пелистер")

Клима и туризам[уреди | уреди извор]

Климата на Баба е планинска, и како таква погодна е за развој на планински туризам (зимски и летен). Туризмот започнал да се развива меѓу Првата и Втората светска војна. На падините на планината се изградени повеќе туристичко рекреативни, планинарски и спортски објекти. Најатрактивен е хотелот Молика, додека постојат и планинарските домови Копанки и Големо Езеро. На самиот врв се наоѓа и антенскиот предавател на МТВ, постои работна организација капацитет од 200-300 деца, жичница од Бегова Чешма до Копанки, ски лифтови, неколку туристички капацитети на работни организации, а над селото Нижополе зимсколетен рекреативен центар на ХМС “Стрежево”‚ со хотелско сместување, посебна жичница и скијачка патека.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Ултраистакнати врвови во Европа: Баба (тука наведена како Пелистер) - Peaklist.org. проверено на 18 февруари 2012 (англиски)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]