Планинарски дом „Димитар Илиевски-Мурато“

Од Википедија — слободната енциклопедија
Планинарски дом „Димитар Илиевски-Мурато“
Глетка од Големото Езеро со планинарскиот дом во позадината
Надм. вис.2.218
ДржаваМакедонија
Најблиска
населба
Нижеполе
Особености
Кревети30
Душеци20
Вкупно кревети50
ПД „Димитар Илиевски-Мурато“ is located in Македонија
ПД „Димитар Илиевски-Мурато“
ПД „Димитар Илиевски-Мурато“
Местоположба на планинарскиот дом во Македонија

Планинарски дом „Димитар Илиевски-Мурато“ или Планинарски дом „Големо Езеро“ — планинарски дом во Македонија, сместен на надморска височина од 2.218 метри, на самиот брег на Големото Езеро, на планината Баба.[1]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Домот се наоѓа на надморска височина од 2.218 метри на самиот брег на Големото Езеро, на околу 40 километри од градот Битола.[1]

За да се стигне до Големо Езеро од Битола треба да се мине низ селото Нижеполе и населбата „Стрежево“ сместена на околу 1.300 метри надморска висина. Патот води преку Дебел Рид кој се минува за околу 2,5 часа со средно темпо. Патем има три чешми со студена планинска вода. Патот по Дебел Рид е кривулест и со каменита подлога. На средината од рутата се наоѓа месноста Саракачански Колиби каде во минатото се наоѓало номадско село со бачило овци. Оттогаш останале остатоци од камени колиби за потребите на сточарите-номади. По преминувањето на Лаг Поток се доаѓа до една блага висорамнина од околу 1,5 до 2 километри по што се доаѓа до Големо Езеро.

Втора насока кон Големо Езеро е таа што минува по долината на реката Сапунџица, една од трите притоки што ја создаваат реката Драгор, заедно со Лаг Поток и Црвена Река. За разлика од патеката по Дебел Рид оваа насока е подолга и полесна за пешачење. До оваа патека се стигнува преку целта на ски-лифтот „Чука“, а земјениот пат води по долината на Сапунџица до месноста Дурмишова Чешма. Оттаму, на околу три часа пешачење, се стигнува до Орлови Бари, две сезонски езера кои кон крајот на летото пресушуваат. Во продолжение на стариот француски пат изграден во текот на Првата светска војна, по околу еден час пешачење, се стигнува до посакуваната цел.

До Големо Езеро се стигнува и од страната на Преспанско Езеро. Од селото Брајчино времетраењето на искачувањето изнесува околу 4 часа. Од Претор и Сливница преку Два Гроба, а исто така пристап има и по Кранска Река од селата Крани и Арвати.

Освен по патеки за пешачење, до Големо Езеро се стигнува по земјен автомобилски пат со помош на теренско возило, со крос-мотоцикл и со велосипед. Должината пак на оваа дестинација од Битола, преку Палиснопје, Широка до Големо Езеро изнесува околу 40 километри.[1]

Историја[уреди | уреди извор]

Планинарскиот дом познат бил изграден во 1951/52 година. Истиот изгорел во пожар во 1975 година, а сегашниот дом бил изграден во 1978/79 година во негова непосредна близина.[1]

Особености[уреди | уреди извор]

Планинарскиот дом располага со шест големи простории за спиење со вкупно 30 кревети и околу 20 душеци, голема трпезарија, кујна, затоплување на дрва, струја на агрегат, вода. Тоалетот е јавен на 30 метри од домот.

Во текот на летните месеци (од почетокот на мај, до крајот на октомври), планинарскиот дом е секогаш отворен за време на викендите, а во текот на зимата, може да биде отворен по договор.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 /планинарски-дом/ „Планинарски дом на Големо Езеро“ Проверете ја вредноста |url= (help). Посетено на 23 јуни 2021.[мртва врска]