Пишичко Езеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пишичко Езеро
Пишичко Езеро - Воздушен поглед на езерото
Воздушен поглед на езерото
Координати 41°52′32″N 22°12′0″E / 41.87556° СГШ; 22.20000° ИГД / 41.87556; 22.20000Координати: 41°52′32″N 22°12′0″E / 41.87556° СГШ; 22.20000° ИГД / 41.87556; 22.20000
Вид вештачко
Главен дотек Пишичка Река
Главен истек Пишичка Река
Земји во сливот Македонија
Водна зафатнина 750.000 м3[1]


Пишичко Езеровештачко езеро во непосредна близина на селото Пишица, на околу 15 км јужно од Пробиштип. Акумулацијата била изградена во средината на XX век, а нејзиниот вкупен капацитет изнесувал 750.000 м3.

Поради малата отпорност на земјената брана и зголемувањето на водостојот како последица на поројните дождови, езерото на неколку наврати се излеало, причинувајќи поплави и еколошка катастрофа во околните населени места. Подоцна, езерото било испразнето и врз браната се извршила реконструкција откако истата пукнала во февруари 2013 година. Денес, езерото е повторно наполнето.

Потекло на поимот[уреди | уреди извор]

Езерото името го добило по селото Пишица, во чијашто непосредна близина се наоѓа.

Географија[уреди | уреди извор]

Пишичко Езеро било изградено на истоимената Пишичка Река и има издолжен облик со правец на протегање исток-запад. Езерото се протега во атарот на селото Пишица, на неколку стотина метри западно од селото.

Историја[уреди | уреди извор]

Езерото било изградено во средината на XX век и неговата главна намена била да ги снабдува со вода селата Пишица и Гујновци, како и да служи за наводнување на плодните ниви во атарите на двете села.[1]

Во 1986 година, водостојот на бранта бил зголемен, при што надојдената вода го оштетила преливникот, но истиот набргу бил саниран.[2]

Во април 2010 година, водостојот на езерото се зголемил како последица на поројни дождови, што предизвикало големо количество риба преку преливникот да заврши во каналот за наводнување.[2]

На 26 февруари 2013 година, испусните вентили на земјената езерска банка се отвориле како последица на поројни дождови, при што водата од акумулацијата започнала да се излева на повеќе места, а жителите на селото и добитокот биле евакуирани. Согласно информациите објавени од Центарот за управување со кризи на Македонија, на дел од круната на браната каде што имало најголемо излевање на водата се појавил процеп со широчина од околу 20 м и дебелина од 3,5-4 м.[3]

Во февруари 2014 година, објавено било дека Владата на Република Македонија издвоила 1,5 милиони евра за санирање на браната. Со проектот било предвидено земјената брана да се замени со нова бетонска којашто треба да обезбеди поголема сигурност.[1] Реконструкцијата на браната започнала во втората половина на 2015 година со средства во износ од околу 1 милион евра предвидени со десетгодишната програма за изградба на акумулации и санација на системите за наводнување на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија.[4]

Санацијата на браната на езерото завршила во октомври 2018 година и се очекувало да се почне со полнење на самата акумулација. Во обновата на браната биле потрошени околу 800.000 евра.[5]

Спортски риболов[уреди | уреди извор]

Пишичкото Езеро служело како место за рекреација на околу 200 спортски риболовци од Пробиштипско, а било посетувано и од риболовци од соседните општини.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Б., И. (6 февруари 2014). „На „Пишица" ќе се гради нова брана вредна 1,5 милион евра“. Утрински весник. Посетено на 10 јануари 2017.[мртва врска]
  2. 2,0 2,1 2,2 „Еден тон риба ги преплави фрижидерите во село Пишица“. Дневник. 18 април 2010. Посетено на 10 јануари 2017.[мртва врска]
  3. „Евакуирано селото Пишица — Браната е во критична состојба“. Дневник. 27 февруари 2013. Посетено на 10 јануари 2017.[мртва врска]
  4. Д.-Ј., В.; К., Б. (24 ноември 2015). „Изградба на браната Пишица во Општина Пробиштип“. МИА. Посетено на 10 јануари 2017.[мртва врска]
  5. „Заврши санацијата на браната Пишица кај Пробиштип“. Билд.мк. 1 октомври 2018. Архивирано од изворникот на 2018-10-08. Посетено на 2 октомври 2018.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]