Пиреј (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
За другите значења на поимот видете ја страницата за појаснување.
Пиреј
Корицата на „Пиреј“ (издание на „Три“).
АвторПетре М. Андреевски
Изработувач на
корицата
Томислав Филипов, Александар Саздов
ЗемјаМакедонија Македонија
Јазикмакедонски
Жанристориски, социјален
ИздавачНаша книга, Три, Табернакул и др.
Издадена
1980 (оригинал)
Медиумпечатено издание, 140 х 205 mm (И.К. „Три“)
Страници263 („Наша книга“), 252 („Три“)

Пиреј — роман на македонскиот писател Петре М. Андреевски, првобитно издаден во 1980 година. За кратко време, тој станал еден од најчитаните македонски романи во поновата македонска книжевност и ужива статус на култен македонски роман.[1]

Посвета и наслов[уреди | уреди извор]

Романот ја носи следнава посвета:[2]

На моите баби: Велика, Милка и Севда, наместо запалена свеќа на нивниот гроб, иако знам дека ова е мало пламенче за да угрее нивната бескрајно испустена душа.

Притоа, на почетокот на романот, авторот го дава следново објаснение за насловот:[2]

Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и Коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.

Најпосле, на крајот од романот, авторот објаснува дека за да обезбеди поубедлива документарност во толкувањето на личните и општите судбини за време на Балканските војни и Првата светска војна, тој разговарал со десетина преживеани учесници во војните, а исто така се потпирал и врз „Воениот дневник“ на учителот Милорад Марковиќ.[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејствието во романот го покрива периодот на Балканските војни, Првата светска војна и повоениот период, ги следи главните политички случувањата на Балканот кон крајот на владеењето на Отоманското Царство, како и нивното влијание врз едно македонско село и врз брачниот пар Јон и Велика. Во романот се прикажани бедата, војната, неукоста, болестите, гладот и студот. Оваа книга го опишува животот во Македонија во тоа време. Ништо на светот не може да го одземе мајчинското од мајка и ништо не може да боли повеќе од загубата на чедото. Главниот лик Велика едно по едно ги губи своите пет деца, а нема никаква моќ да направи нешто за да го запре тоа.[4]

Романот започнува со сцената на закопот на старицата Велика Мегленоска. Пред да умре, таа оставила завет дека не сака да ја закопаат со нејзиниот маж Јон. Нејзиниот син Роден Мегленоски прашува за причините за таа одлука и тогаш стрико му Дуко Вендија почнува да раскажува за животот на Јон и Велика при што наизменично се прикажани приказните на двајцата.[5]

Во детството, татко му на Јон, Коте, заминува на печалба, а мајка му се разболува од некоја чудна болест. По некое време, Коте се враќа дома за да ја види сопруга си. Се збогуваат со неа, и тогаш тој го праќа Јон и брат му Мирче да живеат во блискиот манастир. Во манастирот доаѓаат тројца комити и го убиваат отецот Висарион. Тогаш Јон им се придружува на комитите. Еден ден, додека Велика работи на нивата со пченка, Јон ја набљудува, заветувајќи се дека таа ќе му стане жена. Подоцна, при една нивна средба, Јон и Велика си даваат збор дека ќе се земат, наспроти сонот на Велика дека ќе се омажи за војник. Набргу, тие прават свадба, а потоа Велика почнува да раѓа при што постојано се измачува со болестите на децата и со напорната домашна работа. За тоа време, Јон е повремено комита во четата на локалниот војвода, а повремено ги извршува земјоделските работи, заедно со жена си, борејќи се за опстанок. На почетокот, ним им помага брат му Мирче, но откако се жени, тој заминува на печалба во САД. Тогаш започнува Првата светска војна и војводата ја распушта четата.[6]

Во селото пристигнува српската војска која ги мобилизира мажите и Јон завршува на фронтот како српски војник. Тогаш, Велика се присетува на една случка пред војната, кога таа и Јон набљудувале како на небото се борат штрковите и орлите, а таа претчувствувала дека надоаѓа голема војна. И додека Јон учествува во тешките борби меѓу српската и бугарската војска, неговото најголемо дете, Ангеле, погинува во игра, кога со другарите фрла куршуми во огнот. Првата зима по започнувањето на војната е многу остра и во селото владеат глад, вошки и болести. Роса, ќерката на Јон и Велика, се разболува и умира, а Велика самата ја закопува.[7]

На фронтот, Јон копнее да го посети семејството, а за да добие отсуство мора да зароби непријателски војник. Ноќта, тој заробува бугарски војник, кој всушност е неговиот брат Мирче. Иако поминува зимата, во селото сè уште владеат гладот и болестите и многу луѓе умираат, а некои од селаните гинат на фронтот. Во селото се сместуваат германските и бугарските војници и селаните се ангажирани на принудна работа. Тогаш се разболува уште едно од децата на Велика, синот Здравко, кој набргу умира. Мирче му раскажува на Јон дека тој и другите печалбари, кога слушнале за војната во Македонија, дале отказ од работата и заминал кон татковината; патем, од радост, ги фрлиле пасошите в море, но кога пристигнале во Варна биле уапсени и осудени на смртна казна како странски шпиони; сепак, во последен миг биле помилувани, но испратени на фронтот, како бугарски војници. Јон го носи Мирче во својата чета, но не добива отсуство, туку само е унапреден.[8]

Летото, исплашени од болестите кои постојано се шират, селаните во очај решаваат живи да ги запалат сите селски кучиња, меѓутоа ниту тоа не ги запира болестите, па селаните го напуштаат селото. Тогаш, уште две деца на Велика, Калинка и Ѕвездан, се разболуваат и умираат во ист ден. На фронтот, пак, Јон е ранет во ногата и пренесен во болницата, во близината на Битола каде му го ампутираат палецот на ногата, а откога закрепнува, повторно го враќаат на фронтот. Велика, пак, ја посетуваат комитите, кои го сметаат Јон за предавник и ѝ се закануваат дека ќе ја заколат. По некое време, во селото пристигнува глас дека се приближува бугарската војска, која пали сè пред себе и селаните повторно бегаат во шумата. Оттаму, тие набљудуваат како гори соседното село Вирово.[9]

Јон учествува во тешките завршни борби во кои има многу загинати и ранети војници, но тој има среќа и останува неповреден. Набргу, војната завршува и Јон, одликуван со бројни ордени, се враќа дома, а кога Велика му кажува за смртта на децата, тој доживува шок и косата наеднаш му побелува. При едно патување во Битола, Велика и Уља дознаваат дека за време на војната Мирче бегал од една во друга војска, потоа служел во англиската армија и најпосле избегал во странство. Во селото доаѓа српската власт, која врши попис на луѓето и имотот при што им ги менува презимињата на луѓето, а Јон соработува со власта. Тој сстанува алкохоличар и се однесува грубо со Велика и без причина ја тепа во секоја прилика. Исто така, тој се однесува лошо и кон луѓето од селото. Еднаш, кога пијан заспива крја патот, некои луѓе жив го заѕидале во гроб. Велика повторно е бремена. Кога некој во жандармеријата фрла бомба, Јон е повикан таму и тој повторно се опива, иако веќе е сериозно болен. Пијан, тој заспива крај патот и замрзнува, но еден минувач го наоѓа и го носи дома. Додека тој лежи тешко болен во креветот, Велика го раѓа синот Роден, а во тој миг умира Јон.[10]

Изданија на романот[уреди | уреди извор]

  • Четврто издание: Четвртото издание на „Пиреј“ го објавила издавачката куќа „Наша книга“ во 1986 година, во рамки на библиотеката „Бисери“. Книгата, со обем од 263 страници и со димензии од 20 сантиметри, е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ во Скопје и ја носи меѓународната ознака YU ISBN 86-373-0108-8. Книгата била испечатена во печатницата „Нова Македонија“ во Скопје, во тираж од 2 000 примероци, а ликовно-графичкото уредување е дело на Томислав Филипов.[11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Петре М. Андреевски, Пиреј. на официјалната страница на И.К. „Три“.
  2. 2,0 2,1 Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 5.
  3. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 263.
  4. Пиреј од Петре М. Андреевски на sakamknigi.mk
  5. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 9-13.
  6. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 14-52.
  7. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 53-98.
  8. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 99-126.
  9. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 127-206.
  10. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986, стр. 207-261.
  11. Петре М. Андреевски, Пиреј (четврто издание), Скопје: Наша книга, 1986.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]