Прејди на содржината

Пипин Италијански

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пипин
Пипин на копија од 10 век на изворен ракопис од 829-836 година.
Крал на Италија
На престол781 – 810
Крунисување781
Рим
ПретходникКарло Велики
НаследникКарло Велики и Бернард
Роден(а)Карломан
777
Починал(а)8 јули 810(810-07-08) (возр. 33)
Деца
повеќе...
ДинастијаКаролинзи
ТаткоКарло Велики
МајкаХилегард
Каролишка династија
Пипиниди
Арнулфинги
Каролинзи
По Вердунскиот договор (843)

Пипин (777 – 8 јули 810) — крал на Италија од 781 до неговата смрт во 810 година. Роден како Карломан, тој бил третиот син на Карло Велики (негов втор од кралицата Хилдегард). Карломан го сменил името во Пипин по неговото крштевање во 781 година, кога бил крунисан и како крал на Ломбардиското Кралство кое татко му го освоил. Пипин владеел со кралството уште од младоста под Карло Велики, но починал пред својот татко. Неговиот син Бернард бил назначен за крал на Италија по него, а неговите потомци биле најдолго преживеаната непосредна машка линија од династијата Каролинзи.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Карломан роден во 777 година, втор син на Карло Велики и неговата сопруга Хилдегард.[1] Карломан имал постар брат, Карло Помладиот и полубрат Пипин Грбавиот, најстариот син на Карло Велики.[2] Карло Велики бил крал на Франките од 768 година, а во 774 година го освоил Ломбардиското Кралство во Северна Италија, делумно на барање на папата Адријан I за помош против ломбардискиот крал Дезидериј.[3] Во 781 година, Карло Велики и Хилдегард го донеле Карломан заедно со неговиот помлад брат Луј Побожниот и сестрите Ротруда и Берта, во Рим на барање на Адријан.[2] Карломан имал четири години, но неговите родители го одложиле неговото крштевање за да може папата да го изврши.[2] Карломан бил крстен, а Адријан потоа го крунисал како крал на Ломбардите (подоцна именуван за крал на Италија), а неговиот брат Лудвиг за крал на Аквитанија.[2][4] Како дел од крштевањето на Карломан, тој бил преименуван во Пипин, па го делел името со неговиот полубрат. Причината за промената на името е нејасна, но веројатно е избрана за да го евоцира споменот на неговиот дедо Пипин Кусиот, запаметен како верен сојузник на папството, а ова наследство било важно да се нагласи за младиот крал кој требало да владее со Италија.[2]

Иако имал само четири години, крунисувањето на Пипин не било номинално - тој бил донесен во Ломбардија да живее под старателство на советниците назначени од Карло Велики, од кои најважни биле Адалард од Корби, Валдо од Рајхенау, ломбардскиот војвода Ротшилд и Ангилберт.[2] Дворот на Пипин бил сместен првенствено во Верона,[4] иако тој работел и од дворците во Мантова и традиционалниот ломбардски главен град Павија.[2] Пипин бил крал во свое име, но Карло Велики држел силна рака во Италија и во зрелоста на Пипин, дури понекогаш носејќи закони директно.[2]

Откако Пипин станал полнолетен, тој почнал да ја исполнува својата улога како воен водач. Учествувал во походот на неговиот татко против Тасило III Бавариски во 786 година.[3] Во 796 година, тој водел поход против Аварскиот Каганат, заземајќи го нивното упориште и го забрзал падот на аварската држава, овозможувајќи му на Кралството на Франките да се прошири кон исток.[2] Победата на Пипин била прославена во современата латинска поема De Pippini regis Victoria Avarica.[5] Пипин, исто така, водел повеќекратни напади против Војводството Беневенто[3] и успешен поход во 810 година против Република Венеција.[2]

Во 806 година, Карло Велики ги собрал своите синови и го издал Divisio Regnorum, каде биле наведени формализираните планови за наследување на царството по неговата смрт. Пипин бил потврден во своето владеење на Италија, а исто така го добил најголемиот дел од Баварија и Алеманија. Лудвиг ги добил Прованса, Септиманија и поголемиот дел од Бургундија покрај Аквитанија. Карло како негов најстар син во милост (Пипин Грбавиот бил затворен во манастир по неуспешниот бунт),[2] добил најголем дел од наследството, го добил владеењето на Франкија, заедно со Саксонија, Нордгау и делови на Алеманија.[4] Карло Велики не го спомнал наследството на титулата цар што ја стекнал во 800 година.[3] Divisio исто така ја третирал смртта на кој било од браќата и повикувал на мир меѓу нив и меѓу кој било од нивните внуци кои би можеле да го наследат.[2]

Плановите за наследување на Карло Велики не се оствариле. Пипин умрел на 8 јули 810 година, проследено со брзо едноподруго со смртта на неговата сестра Ротруда, неговата тетка Гизела, игуманија од Шел и неговиот полубрат Пипин и неговиот брат Карло во текот на 810–811 година.[2] Сите веројатно биле жртви на епидемија која се проширила од говеда во 810 година.[2] Во пресрет на овие смртни случаи, Карло Велики го прогласил синот на Пипин, Бернард за владетел на Италија, а неговиот единствен преживеан син Лудвиг за наследник на остатокот од царството.[3] Лудвиг и Бернард биле формално назначени како наследници на Карло Велики во септември 813 година, и целосно ќе го преземат владеењето по неговата смрт во 814 година.[2]

Семејство и потомци

[уреди | уреди извор]

Пипин бил оженет со Теодрада, која била братучедка на татко му и сестра на неговиот советник Адалард.[4] Неговиот брат Лудвиг ќе ја искористи блиската врска помеѓу Пипин и неговата сопруга за да го прикаже бракот како нелегитимен со цел да го стави Бернард настрана.[4] Машките потомци на Бернард продолжиле да владеат како грофови од Вермандоа во Италија до единаесеттиот век, подолго од кој било друг агнатски потомок на Карло Велики.[4] Покрај Бернард, Пипин имал пет ќерки: Адалхаид (сопругата на Ламберт I од Нант и мајка на Гај I од Сполето), Арула, Гундрада, Бертаид и Теодрада. [2] По смртта на Пипин, Карло Велики ги зел девојчињата во своето домаќинство.[6]

  1. Barbero 2004.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 Nelson 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Collins 1998.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Fried 2016.
  5. Godman 1985.
  6. McKitterick 2008.

Библиографија

[уреди | уреди извор]
Пипин Италијански
Роден(а): април 777 Починал(а): 8 јули 810
Владејачки титули
Претходник
Карло Велики
Крал на Италија
15 април 781 – 8 јули 810
со Карло Велики (774–814)
Наследник
Карло Велики