Петер Слотердајк

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Петер Слотердајк
Peter Sloterdijk
Peter Sloterdijk, Karlsruhe 07-2009, IMGP3019.jpg
Слотердајк на читање
Роден(а) 26 јуни 1947 (1947-06-26) (71 г.)
Карлсруе, Баден-Виртемберг, Германија
Школа феноменологија, филозофска антропологија, постхуманизам
Значајни идеи
сферологија

Петер Слотердајк (германски: Peter Sloterdijk; р. 26 јуни 1947) — германски филозоф, културолог, водител и колумнист. Работи како професор по филозофија и теорија на медиумите на Вишата школа за уметност и обликување во Карлсруе. Од 2002 до 2012 г. бил еден од водителите на емисијата „Во стакленик: Филозофска четворка“ (Im Glashaus: Das Philosophische Quartett).

Биографија[уреди | уреди извор]

Слотердајк е роден во Карлсруе, Баден-Виртемберг, во семејство на мајка Германка и татко Холанѓаец. Од 1968 до 1974 г. студирал филозофија, германистика и историја на Минхенскиот и Хамбуршкиот универзитет, каде следната година докторирал. Во 1980-тите работел како хонорарен писател и тогаш го објавил делото „Критика на циничниот ум“ (Kritik der zynischen Vernunft) (1983). Оттогаш има објавено низа филозофски дела кои уживаат значаен углед во Германија. Во 2001 г. е назначен за ректор на Вишата школа за уметност и обликување, а во 2002 г. станал еден од водителите да емисијата „Во стакленик: Филозофска четворка“ на каналот ZDF, посветена на продлабочено разгледување на проблемите на освремието.[1]

Филозофски гледишта[уреди | уреди извор]

Слотердајк го отфрла дуалистичкото разлачување на телото од душата, субјектот од објектот, културата од природата и сл., сметајќи дека нивното заемодејство се одвива во „простори на собитисување“ и дека тие заеднички се развиваат во една мешовита стварност, а не подвоено. Поради овие ставови, Слотердајк се смета за постхуманист,[2] кој се стреми да ги обедини деловите на стварноста кои погрешно се сметаат за посебни еден од друг. Оттука, тој предлага создавање на „онтолошки устав“ каде ќе бидат вклучени сите битија — луѓето, животните, растенијата и машините.

Филозофски стил[уреди | уреди извор]

Како и Ниче, Слотердајк е со убедувањето дека современите филозофи мораат да размислуваат опасно и да се оддаваат на современите хиперкомплексности: мораат да се одрекнат од денешниот хуманистички и националистички свет во име на поширок видик кој е еколошки и глобален.[3] Неговиот филозофски стил е некаква рамнотежа помеѓу цврстниот академизам на еден професор и своевидниот антиакадемизам (што се забележува од неговиот постојан интерес за мислата на Ошо, кој бил негов учител кон крајот на 1970-тите).[4] Заземајќи социолошки став, германскиот филозоф Андреас Доршел смета дека појавата на Слотердајк како позната личност во филозофијата е мношне прикладна и потребна во денешно време.[5] Самиот Слотердајк смета дека преувеличувањето е нужно за да се сврти вниманието, и ги опишува неговите идеи како хиперболични.[6]

Теми во делата[уреди | уреди извор]

Критика на циничниот ум[уреди | уреди извор]

Слотердајк се прочул со делото „Критика на циничниот ум“ (1983), кое станало најдобро продавана филозофска книга на германски јазик од Втората светска војна наваму.[7]

Сфери[уреди | уреди извор]

Тритомното дело „Сфери“ важи за магнум опус на Слотердајк. Првиот том е издаден во 1998 г, вториот во 1999, а третиот во 2004 г.

Делото ја обработува претставата за „простори на соживот“, кои се простори што често се занемаруваат или се земаат за дадени, а во себе содржат информации суштински за осознавањето на човечкото. Истражувањето на овие сфери почнува со основната разлика меѓу цицачите и другите животни: биолошката и утопиското угодност на мајчината утроба, која човекот се стреми да ја поврати науката, идеологијата и религијата. Од овие микросфери (онтолошките односи како фетус-плацента) до макросфери (макроутроби како нациите и државите), Слтоердајк ги анализира сферите во кои човекот се обидува и не успева да престојува и дава црти на врската помеѓу виталната криза (на пр. празнотијата и нарцистичката оддалеченост) и кризата што се создава кога ќе пукне една сфера.

Според искажувањето на Слотердајк, првите пасуси на „Сфери“ се „книгата што Хајдегер требало да ја напише", како придружен том на „Битие и време“ (кој би се нарекувал „Битие и простор“). Тука се мисли на неговото првично излагање во врсак со поимот „овобитие“ (Dasein), кој потоа Слотердајк го води во друга насока, оддалечувајќи се од Хајдегеровите ставови.

Глобализација[уреди | уреди извор]

Слотердајк смета дека во денешното поимување на глобализацијата отсуствува историска перспектива. Според него, ова е дури третиот бран на надминување на растојанијата (првиот е метафизичката глобализација на старогрчката космологија, а вториот е поморската глобализација во XV век). Разликата, вели Слотердајк, е во тоа што вториот бран го изндрил космополитизмот, а третиот создава глобален провинцијализам.

Гневот и времето[уреди | уреди извор]

Во делото „Гневот и времето“ (Zorn und Zeit), Слотердајк го карактеризира гневот како психополитичка сила низ историјата на човештвото. Политичките аспекти на гневот се особено изразени во западната историја, почнувајќи уште од првите стихови во ХомероватаИлијада“. Авторот смета дека денес имаме увид во суштината на гневот благодарение на психоанализата. На крај, според Слотердајк, јудео-христијанското поимување за Бог ги искористува гневот и омразата како чувства кај луѓето за да создаде „метафизички складишта на одмазда“. Според тоа, „Бог со тоа станува местотото во кое трансцендентно се складираат одложени бесови и замрзнати осветнички планови“[8]

Спор за генетиката[уреди | уреди извор]

Накратко по организираниот симпозиум на тема филозофија и Хајдегер, Слотердајк ја разбранувал јавноста со неговиот контроверзен есеј „Уредби за човечкиот парк“ (Regeln für den Menschenpark).[9] Во текстот, авторот се осврнува на културите и цивилизациите како „антропогени расадници“ устроени да огледуваат човечки суштества; како што имаме заштитени подрачја за запазување на ретките видови, така треба да усвоиме понасочени правила за да го обезбедиме опстанокот на Аристотеловото политичко животно.

Според Слотедајк „скротувањето на човекот е пропадната работа“ и „дивјачкиот потенцијал на цивилизацијата станува сè поголем “ секојдневното поживотнување на човекот зема сè поголем замав“.

Поради поврзаноста на евгениката со нацистите во неодамнешната историја на Германија, ваквите дискусии носат непријатно бреме во таа земја. Разбивајќи го ова национално табу со својот есеј, Слотердајк укажува на тоа дека доаѓањето на нови генетички технологии поотворена дискусија и уредување на „биокултурното“ размножување. Во очите на Јирген Хабермас, ова значи дека Слотердајк е „фашист“, кој пак одговорил дека самата тактика со која Хабермас сака да го поткопа е фашистичка.

Во основа на контроверзијата не е само евгеничката идеја, туку и употребата на поимот Züchtung („одгледување“)[10] и Selektion („селекција“). Слотердајк ги отфрла обвиненијата дека е нацист, кои ги смета за страни на неговиот историски контекст. Сепак, делото предизвикало голема контроверзија и Слотердајк примил бројни критики поради наводната употреба на „фашистичка реторика“ за ширење на Платоновата претстава за управата со апсолутна контрола врз населението, како и за неговата наводна посветеност на ненормативно и упорстување на самата таа биоетичка проблематика. Втората критика се однесува на недореченоста ан неговото излагање во врска со тоа како општеството би било засегнато со напредоците во генетиката. Покрај критичари, Слотердајк добил и многу бранители, па весникот Ди Цајт објавил отворено писмо на Слотердајк за Хабермас, во кое тој жестоко го напаѓа Хабермас дека го „критикува зад грб“ и дека застапува толкување на хуманизмот кое е одамна мртво.[11]

Спор за социјалната држава[уреди | уреди извор]

Слотердајк повторно станал предмет на контроверзија, со написот „Револуцијата на раката што дава“ (Die Revolution der gebenden Hand, 13 јуни 2009[12][13]) во Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, еден од најчитаните весници во Германија. Во написот, Слотердајк тврди дека социјалната држава е „фискална клептократија“ која ја има претворено земјата во „мочуриште на омразата“, деградирајќи ги граѓаните до степен на „мистифицирани поданици на даночното право“.

Текстот почнува со прочуеното антикапиталистичко гесло на левицата, „Сопственоста е кражба“ (срочено во XIX век од Прудон), но Слотердајк нагласува дека денес најголем одземач е државата. "Живееме во еден фискално граблив полусоцијализам, но никој не се крева на фискална граѓанска војна“.[14][15]

Слотердајк го потворил истото видување во написите насловени како „Клептократија на државата“ (Kleptokratie des Staates) и „Востание на успешните“ (Aufbruch der Leistungsträger) во германскиот месечник за политичка култура „Цицеро“.[16][17][18]

Според Слотердајк, установите на социјалната држава се подаваат на систем кој ги привилегира маргинализираните, но неодржливо се потпира на материјално успешното граѓанство. Тука авторот дава провокативнен предлог за драстично намалување на даноците на приходи, а социјалната разлика да се надоместува со добротворни прилози од богатите. Во во систем, оние што ќе дадат повеќе ќе уживаат повисок општествен статус. Успешните тогаш ќе заслужуваат пофалби за нивната великодушност, наместо да им се всадува вина за тоа што се успешни, или да негуваат омраза кон општеството кое е зависно од нив.[19]

Список на дела[уреди | уреди извор]

Германски[уреди | уреди извор]

  • Kritik der zynischen Vernunft, 1983.
  • Der Zauberbaum. Die Entstehung der Psychoanalyse im Jahr 1785, 1985.
  • Der Denker auf der Bühne. Nietzsches Materialismus, 1986. (Thinker on Stage: Nietzsche's Materialism)
  • Kopernikanische Mobilmachung und ptolmäische Abrüstung, 1986.
  • Zur Welt kommen – Zur Sprache kommen. Frankfurter Vorlesungen, 1988.
  • Eurotaoismus. Zur Kritik der politischen Kinetik, 1989.
  • Versprechen auf Deutsch. Rede über das eigene Land, 1990.
  • Weltfremdheit, 1993.
  • Falls Europa erwacht. Gedanken zum Programm einer Weltmacht am Ende des Zeitalters seiner politischen Absence, 1994.
  • Scheintod im Denken - Von Philosophie und Wissenschaft als Übung, Frankfurt am Main (Suhrkamp), 1995.
  • Im selben Boot - Versuch über die Hyperpolitik, Frankfurt am Main (Suhrkamp), 1995.
  • Selbstversuch, Ein Gespräch mit Carlos Oliveira, 1996.
  • Der starke Grund zusammen zu sein. Erinnerungen an die Erfindung des Volkes, 1998.
  • Sphären I – Blasen, Mikrosphärologie, 1998. (Spheres I)
  • Sphären II – Globen, Makrosphärologie, 1999. (Spheres II)
  • Regeln für den Menschenpark. Ein Antwortschreiben zu Heideggers Brief über den Humanismus, 1999.
  • Die Verachtung der Massen. Versuch über Kulturkämpfe in der modernen Gesellschaft, 2000.
  • Über die Verbesserung der guten Nachricht. Nietzsches fünftes Evangelium. Rede zum 100. Todestag von Friedrich Nietzsche, 2000.
  • Nicht gerettet. Versuche nach Heidegger, 2001.
  • Die Sonne und der Tod, Dialogische Untersuchungen mit Hans-Jürgen Heinrichs, 2001.
  • Tau von den Bermudas. Über einige Regime der Phantasie, 2001.
  • Luftbeben. An den Wurzeln des Terrors, 2002.
  • Sphären III – Schäume, Plurale Sphärologie, 2004. (Spheres III)
  • Im Weltinnenraum des Kapitals, 2005.
  • Was zählt, kehrt wieder. Philosophische Dialogue, with Alain Finkielkraut (from French), 2005.
  • Zorn und Zeit. Politisch-psychologischer Versuch, 2006. ISBN 3-518-41840-8
  • Der ästhetische Imperativ, 2007.
  • Derrida Ein Ägypter, 2007.
  • Gottes Eifer. Vom Kampf der drei Monotheismen, Frankfurt am Main (Insel), 2007.
  • Theorie der Nachkriegszeiten, (Suhrkamp), 2008.
  • Du mußt dein Leben ändern, Frankfurt am Main (Suhrkamp), 2009.
  • Philosophische Temperamente Von Platon bis Foucault, München (Diederichs) 2009. ISBN 978-3-424-35016-6
  • Scheintod im Denken, Von Philosophie und Wissenschaft als Ubung (Suhrkamp), 2010.
  • Die nehmende Hand und die gebende Seite, (Suhrkamp), 2010.
  • Die schrecklichen Kinder der Neuzeit, (Suhrkamp), 2014.
  • Was geschah im 20. Jahrhundert? Unterwegs zu einer Kritik der extremistischen Vernunft, (Suhrkamp), 2016.

Македонски преводи[уреди | уреди извор]

  • Слотердајк, Петер (2006). Доаѓање на свет - доаѓање до збор : франкфуртски предавања. прев. Слободанка Поповска и Петер Рау. Скопје: Темплум. ISBN 9989-902-91-7. 

Награди и одликувања[уреди | уреди извор]

  • 1993: награда „Ернст Роберт Курциус“ за есеистика
  • 2000: награда „Фридрих Меркер“ за есеистика
  • 2001: награда „Кристијан Келерер“ за филозофска мисла на иднината
  • 2005: Деловна книжна награда на „Фајненшел Тајмс Дојчланд“
  • 2005: награда „Зигумунд Фројд“ за научна проза
  • 2005: Австриско одликување за наука и уметност[20]
  • 2006: Орден на уметноста и книжевноста, со чин „Заповедник“
  • 2008: Лесингова награда за критичарство
  • 2008: награда „Цицеро“
  • 2008: Меѓународна Менделсонова награда во Лајпциг, во категоријата „Општествена одговорност“
  • 2009: награда на Сојузот на германските архитекти (BDA) за архитектонска критика
  • 2013: Лудвиг-Бернова награда

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Im Glashaus – Das philosophische Quartett — ZDF
  2. Michael Kempe, 'Neulich im Menschenpark: Die phantastische Anthropologie des Peter Sloterdijk', in Bernhard Kleeberg et alii (eds.), Die List der Gene: Stratageme eines neuen Menschen (Tübingen: Gunter Narr, 2001), стр. 151—170, особено стр. 162—164.
  3. Book Description for "Neither Sun Nor Death", MIT Press 2011
  4. Die Tageszeitung Интервју, 13 јуни 2006, Интервју во Lettre International (германски)
  5. Andreas Dorschel, 'Denktagebücher: Zur Poetik des philosophischen Journals', Philosophische Rundschau LX (2013), бр. 4, стр. 264—298, особено стр. 293—297.
  6. Holger von Dobeneck, Das Sloterdijk-Alphabet: Eine lexikalische Einführung in seinen Ideenkosmos, II изд. (Würzburg: Königshausen & Neumann, 2006), стр. 10.
  7. Stefan Lorenz Sorgner, "In Search of Lost Cheekiness. An Introduction to Peter Sloterdijk's Critique of Cynical Reason", Tabula Rasa, 2003.
  8. Francesco Klauser, The Berlin Review of Books, декември 2010
  9. Frank Mewes, "Regulations for the Human Park: On Peter Sloterdijk's Regeln für den Menschenpark", Gnosis, Volume VI, No. 1, 2002.
  10. zuchten — германско-македонски речник
  11. "Anger as philosopher revives vocabulary of Third Reich"
  12. Peter Sloterdijk "Die Revolution der gebenden Hand"
  13. "Die Revolution der gebenden Hand - Peter Sloterdijk „belehrt“ Marx eines Richtigeren"
  14. "Wo bleibt der Bürgerkrieg?"
  15. "Peter Sloterdijk rebelliert gegen den "Zwangssteuerstaat" - Blasen zu Phrasen"
  16. de:Cicero (Zeitschrift)
  17. Kleptokratie des Staates, Cicero, јули 2009, стр. 42
  18. "Aufbruch der Leistungsträger, Cicero, ноември 2009, стр. 94
  19. "Germany's welfare state under fire - One of Germany's foremost public intellectuals, Peter Sloterdijk, began the offensive on the welfare state"
  20. „Reply to a parliamentary question“ (pdf). стр. 521. http://www.parlament.gv.at/PAKT/VHG/XXIV/AB/AB_10542/imfname_251156.pdf. посет. 11 декември 2012 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]