Петар Муличковски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Петар Муличковски
Роден 2 март 1929
Прилеп , Кралството Југославија Кралството Југославија
Починал 8 август 2022
скопје
Занимање архитект и проектант

Петар Муличковски (Прилеп, 2 март 1929 - скопје, 8 август 2022)[1] — македонски архитект и проектант, најпознат е како архитектот што го проектирал комплексот во којшто се наоѓа сега владата на Македонија и зградата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Творештвото на архитектот Петар Муличкоски е мошне разновидно и опфаќа од урбанистичко и архитектонско проектирање и ентериери до меморијална и пејсажна архитектура, а може да се истакне и неговиот специфичен израз во негувањето на цртежот што е една од спецификите на неговото воспитание како архитект од класата на проф. Едо Равникар на Љубљанскиот универзитет. Се занимава и со научноистражувачка работа и со публицистика, долгогодишен професор во областа на урбанизмот на факултетот во Скопје, каде ги пренесува искуствата од своите професионални посети на архитектонските бироа на светски познатите архитекти од САД. Повеќето од неговите творби се со антологиска вредност.[2][3]

Животопис[уреди | уреди извор]

Муличковски е роден на 2 март 1929 година во Прилеп, каде што завршил основно и средно образование во 1948 година. Студирал архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана во периодот од 1949 до 1957 година, во класата на професор Едо Равникар. Во 1959 година бил избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје. Во 1967 година со хабилитација бил избран за доцент, а во 1978, за редовен професор на иотиот факултет. Како професор, држел настава во сите области на научниот урбанизам, по дисциплини: Урбани елементи и техника на урбанизам, Уредување и обликување на градовите и населените места, Урбана реконструкција и обнова на градовите и другите населени места. Неговата теоретска подлога е поврзана со континуирано усовршување, прво во семинарската работа во класата на проф. Едо Равникар, потоа специјализацијата за Регионално просторно планирање на Калифорнискиот универзитет во Беркли во 1964 година и универзитетот Харвард во Масачусетс во 1965, во студиото на Френк Лојд Рајт во Талиесин Вест - Аризона, а таа година и во школата на Мис Ван дер Рое во Чикаго - Институтот за Технологија во Илиноис, потоа студиото на Чарлс Имс во Чикаго. Своето усовршување го надополнил со стручни престои во Шведска, Данска, Швајцарија, Италија и Грција, проучувајќи актуелни проблеми поврзани со неговиот професионален интерес. На тој начин неговата натамошна професионална практика е ретко збогатена, а за своето дејствување е добитник на јавни, општествени и професионални признанија, меѓу кои и „Повелба за животно дело со името на Андреја Дамјанов - 1995 г. (за заслуги во градењето на редот и за извонредност во македонската архитектура). За широката публика во светот тој е репрезент на нашата архитектура во многу списанија и енциклопедии. Добитник е на десетици награди за своите проекти. Во 2000 ја издал книгата "Духот на Македонската куќа".

Неговите урбанистички проекти, се вреднувани и наградувани на јавни конкурси, се однесуваат на значајни и разновидни градски содржини во различни географски, историски и урбани средини, ја потврдуваат умешноста на авторот во надоврзување на постојните градски матрици и структури како континуитет во поврзувањето на старото и новото, почитувајќи ја постоечката состојба и духот на средината надополнета со нови просторни содржини и амбиенти.

Посебна преокупација на архитектот Муличкоски претставува архитектонското проектирање во кое внесува нови сознанија како резултат на сестрани истражувања: историски,психолошки,ликовни… Така во делата на Муличкоски покрај сеопфатната градежно-техничка дисциплина , надоградена е уште една креативна снага – уметничката компонента. Оваа особеност е карактеристична за неговите реализирани објекти, користејќи го природниот карактер на градежните материјали: бетон, стакло, метал, дрво и тула, видливи со својата природна структура, текстура и боја.

Одлика во делата на Муличкоски е и забележителната интелектуална поврзаност со традицијата и градитеското културно наследство, со очигледен истражувачки напор на авторот како предизвик во барањето оригинални решенија со трајни вредности.

Нема сомнение дека современите светски тенденции во архитектурата извршиле влијание врз творештвото на Петар Муличкоски. Во неговите дела посебно е забележителна функционалноста и специфичноста на конструкциите, и објектите поседуваат чист и јасен архитектонски израз на конструктивизмот и новиот брутализам, едниот направен од метал,бетон и стакло со “ѕидна завеса” ( Палата на управата) и другиот во натур-бетон , оригинален претставник на новиот брутализам (Спомен-костурница во Кавадарци).

Тој исто така на интегрален начин ги трансформира традиционалните архитектонски решенија во белези и значки и истите се аплицирани во вид на : семантички знак – симбол или орнамент вграден со цел да се почувствува конинуитетот на градителската традиција. Нивната примена има со цел да се создаде – обележи регионалниот карактер на средината, етничкиот идентитет, историјата..

Внесувањето на синболизмот и орнаментот во делата на Муличкоски е повеќе од значајно, бидејќи тој е еден од ретките современи македонски автори, кој умешно и доследно го спроведува. Овие особености ја надоградуваат композицијата, сликовитоста на формите и површините, асоцирајќи на минатото кое ќе комуницира континуирано со сегашноста, со јасни пораки во меморијата кои остануваат како забележителни трајни вредности.

Изведени објекти[уреди | уреди извор]

  • Палата на управа, кеј на р. Вардар во Скопје (порано зграда на ЦК СКМ, денес Влада на Република Македонија) - Скопје, 1970 г.
  • Народна и универзитетска библиотека "Св. Климент Охридски" - Скопје, 1971 г.
  • Деловна зграда на "Симпо" во Врање - Р. Србија, 1975 г.
  • Спомен-костурница во Кавадарци, 1974 г.
  • Нова банка во Кавадарци -1974 г.
  • Куќа за одмор во Маврово -1980 г.
  • Судска палата во Кавадарци - во изградба.
  • Културен дом во Кавадарци - во изградба.
  • Градска куќа "Чаир" во Скопје - во изградба.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „ПОЧИНА АРХИТЕКТОТ ПЕТАР МУЛИЧКОСКИ Негова творба е старата зграда на Владата“. Плусинфо. 08.08.2022. Посетено на 8 август 2022. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. Општа енциклопедија "Larousse",Т. I, стр. 8) 83
  3. „Муличкоски не успева да ја задржи „Владата". Бркај работа. 18 јануари 2012 21:22. Посетено на 2012-01-22. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)