Петар Кочиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Петар Кочиќ (Стричиќи кај Бања Лука, 29 јуни 1877 - 27 август 1916 Белград) бил српски писател. Тој е еден од најистакнатите претставници на српскиот реализам.

Биографија[уреди | уреди извор]

Петар Кочиќ се родил на 29 јуни 1877 година, во селото Стричиќи (Стричићи), во близината на Бања Лука. Дури на десетгодишна возраст го започнал основното образование, во манастирот Гомионица - културниот центар на областа Змијања. Во тој манастир живеел татко му Јован (вдовец) како калуѓер, под името Герасим. Училиштето го довршил во Бања Лука како редовен ученик. Во 1891 година се запишал во гимназијата во Сараево, но додека бил во четвртиот клас, Кочиќ бил избркан од гимназијата поради судар со власта, а потоа бил протеран од Сараево во родното место. Малку подоцна тој илегално преминал во Белград, каде што во 1899 година ја довршил гимназијата. Подоцна студирал славистика во Виена и таму учествувал во сите акции на српската младина против австро-унгарската окупација на Босна и Херцеговина.[1]

Кон крајот на 1905 година бил поставен за наставник во српската гимназија во Скопје, но во октомври истата година, поради сударот со официјалните српски претставници, по казна бил преместен во Битола. Кон крајот на ноември ја напуштил српската државна служба и се преселил во Сараево, каде постанал соработник на „Српски збор“ (Српска ријеч). Во 1906 година постанал секретар на српското културно друштво „Просвета“, а учествувал во генералниот работнички штрајк и се борел против австриската власт, поради што по вторпат бил протеран од Сараево. Тогаш се преселил во Бања Лука и започнал голема политичка активност во Босанска Краина. Учествувајќи во воспоставувањето на единствената „Српска народна организација“, политичкото движење на Србите во Босна, Кочиќ во Бања Лука го уредувал и издавал списанието „Татковина“ (Отаџбина). Поради ставовите изнесени во ова списание бил в затвор од октомври до декември 1907 година. Откако закрепнал, под влијание на Јован Цвииќ, започнал да го проучува родниот крај Змијања, а потоа започнал да го објавува списанието „Развој“ (Развитак). Во мај 1908 година бил избран за пратеник од бањалучкиот срез во првиот босански Сабор, а потоа, во Сараево, повторно го обновил списанието „Татковина“. Во 1912 година, поради болест, Кочиќ ја прекинал политичката дејност и до својата смрт останал во Душевната болница во Белград. Умрел на 27 август 1916 година, во триесет и деветтата година од животот.[2]

Творештво[уреди | уреди извор]

За време на студиите, Кочиќ ги објавил своите први дела, испечатени во Сремски Карловци (1902) и во Загреб (1904). Во 1908 година, исто така, во Загреб ја објавил книгата „Лелеци од Змијања“ (Јауци са Змијања), а истата година во списанието „Развој“ започнало да излегува делото „Суданија“.[3] Веројатно, неговото најпознато дело е сатиричниот расказ „Јазовец пред судот“ (Јазавац пред судом).

Од целокупното творештво на Кочиќ избива уметничката сила на непосредното доживување на стварноста на босанското село и планинските краишта, со сликовитост во описите на селскиот живот и стихијните сили на природата и со остроумно навлегување во карактерот и менталитетот на селаните. Крупна карактеристика на неговото творештво е пожртвуваната љубов кон татковината, трагичното доживување на австро-унгарската окупација и активниот бунт против ропството. Неговото портретирање на ликовите не е шематско, туку тие се прикажани реално, иако тие се насликано еднонасочно, што се должи на неговиот патриотизам. Притоа, често расположението на ликовите го спојува со описите на природата. И воопшто, тој ги дал едни од најпоетските слики на природните стихии во српската книжевност. Во тој поглед, стихијата во природата и стихијата во човекот се јавуваат многу чест мотив во неговите дела. Исто така, тој го користел јазикот како силно орудие на уметноста, како израз на силата и големината на индивидуалноста на народот. Јазикот на неговата проза ја содржи сликовитоста на поезијата при што особено го негувал односот кон вредноста и функциите на народниот јазик.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Биографски подаци о Кочићу“, во: Петар Кочић, Јаблан и друге приповетке. Београд: Просвета, 1971, стр. 93.
  2. „Биографски подаци о Кочићу“, во: Петар Кочић, Јаблан и друге приповетке. Београд: Просвета, 1971, стр. 93-94.
  3. „Биографски подаци о Кочићу“, во: Петар Кочић, Јаблан и друге приповетке. Београд: Просвета, 1971, стр. 93-94.
  4. Велибор Глигорић, „Петар Кочић“, во: Петар Кочић, Јаблан и друге приповетке. Београд: Просвета, 1971, стр. 5-8.