Песочен часовник (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Песочен часовник (српски: Пешчаник) - роман на српскиот и југословенски писател Данило Киш, првобитно објавен во 1972 година, во издание на „Просвета“ од Белград. Романот претставува трет дел на трилогијата „Семеен циркус”, покрај „Рани јадови” и „Бавча, пепел”. За него, Киш ја добил НИН-овата награда која подоцна ја вратил.

Податотека:Pescanik.Kis.jpg
Првото издание на „Песочен часовник“, „Просвета“, Белград, 1972.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од вкупно 67 делови, групирани во следниве глави:[1]

  • Пролог
  • Слики од патувањето (I)
  • Белешките на еден лудак (I)
  • Истражна постапка (I)
  • Белешките на еден лудак (II)
  • Истражна постапка (II)
  • Белешките на еден лудак (III)
  • Слики од патувањето (II)
  • Белешките на еден лудак (IV)
  • Испитување на сведокот (I)
  • Истражна постапка (III)
  • Слики од патувањето (III)
  • Испитување на сведокот (II)
  • Слики од патувањето (IV)
  • Истражна постапка (IV)
  • Белешките на еден лудак (V)
  • Писмо или содржина

Романот се одликува со сложена и испреплетена структура во која се прикажуваат сеќавањата на главниот лик од неговите патувања, делови од неговите белешки, како и извештајот од неговото испитување во полицијата. Во основа, во делото се опишува еден период од тешкиот живот на Е. С. (Едуард С.) во почетокот на 1942 година, раскажан во писмото кое тој ѝ го пишува на својата сестра Олга. Едуард живеел во Нови Сад, но мора да го напушти станот поради тоа што повеќе не е во состојба да ја плаќа киријата и поради тоа привремено го сели кај својата сестра Нетика. Таму, неговите роднини буквално го оставаат да гладува и да се смрзнува. Едуард оди во Нови Сад за да си го земе мебелот и токму во тој миг се урива куќата во која живеел под кирија. Исто така, тој патува и во Будимпешта, со намера да побара пари на заем, но таму не успева да најде никого. Истовремено, во книгата се раскажува за неговиот престој во душевната болница во Ковин, во текот на 1930-тите, за измачувањата што ги трпи во работната чета во која учествува заедно со другите Евреи, како и за неговата служба како железнички инспектор. Патем, насекаде низ романот се опишува погромот на Евреите на територијата на Војводина и Унгарија.[1]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Романот „Песочен часовник“ се смета за еден од формално најсложенијите прозни остварувања во српската книжевност. Во него Киш по третпат ја менува концепцијата на приказната за случувањата на еврејското семејство Сам за време на Втората светска војна, и тие промени се многу радикални во однос на другите два дела од трилогијата „Семеен циркус“.[2] Во 1972 година, делото било наградено со НИН-овата награда за роман на годинината, а тогаш Киш изразил „страв дека книжевните награди нема да ја спречат осаменичката и случајна судбина на наградената книга, која секако ќе живее во осаменост, проголтана од страшната тишина, предизвикана од механизмот на пазарот и индиферентноста”.[3] Во 1978 година, Киш јавно се одрекол од НИН-овата награда, а тогашната редакција го протолкувала тој гест како „протест против објавувањето во НИН на текстовите кои го оспорувале него и неговиот „Час по анатомија”. Во 2003 година, критичарите кои во различнит периоди учествувале во жири-комисиите на НИН-овата награда, го прогласиле „Песочниот часовник“ како втор најдобар роман кој ја добил НИН-овата награде во текот на 50 години.[4]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Danilo Kiš, Peščanik. Beograd: Arhipelag, 2016.
  2. Јован Делић, Кроз прозу Данила Киша. Београд: БИГЗ, 1997 (ISBN=86-13-00854-2)
  3. М. Димиријевић, Враћање награде у култури”, Политика, 31. 10. 2012. (Посетено на: 30. 3. 2017)
  4. Значајан садржај постојања, НИН, (посетено на: 25. 11. 2015)