Песочен здрал
| Песочен здрал | |
|---|---|
| Научна класификација | |
| Царство: | Растенија |
| Оддел: | Tracheophyta |
| Класа: | Скриеносеменици |
| Ред: | Здравцовидни |
| Семејство: | Здравци |
| Род: | Здрал |
| Вид: | Erodium hoefftianum |
| Научен назив | |
| Erodium hoefftianum C. A. Meyer | |
| Синоними | |
|
Erodium tmoleum Reuter ex Boiss. | |
Песочен здрал или Хефтиев здрал[1] (лат. Erodium hoefftianum)[2] — едногодишна до двегодишна билка од семејството здравци. Неговиот природен опсег се протега од Средна и Југоисточна Европа до Средна Азија.[2]
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е од основата разгрането и достигнува висина од 5 до 30 см. Стеблото е придигнато, обично неразгрането, покриено со густи, куси, жлездести влакна и со ретки, распорени, долги влакна.[3]
Листови
[уреди | уреди извор]Листовите се со должина од околу 6 см, во основата се перести со еден пар ливчиња, додека во останатиот дел се пересто насечени. Ливчињата се копјести, назабени или двојно-назабени, а останатите сегменти се назабени. Од двете страни се покриени со полурасперени влакна. Горната страна на листовите е зелена, додека на долната страна по жилите се забележуваат жлездести влакна. Жилите и самите рабови на листовите имаат карактеристична црвена боја. Лисните дршки се покуси од лиската (ламината), а по нивната површина има куси и долги прости влакна, како и жлездести влакна. Прилисниците се копјести, долги 4 до 6 мм, на врвот долго заострени, со густи куси влакна по површината и долги, распорени влакна по работ.[3]
Цветови
[уреди | уреди извор]Цветовите се со синкаво-виолетово венче и се распоредени од 1 до 8 во штитести соцветија. Прицветниците (прицветниците) се неколку на број, со јајцевидно-копјест до копјест облик, во основата покриени со покуси влакна, а во горниот дел и по работ со долги, распорени влакна. Цветните дршки се покриени со густи жлездести влакна, додека дршката на самото соцветие има жлездести влакна и ретки, долги, распорени прости влакна.[3]
Чашкините ливчиња се долги 4 до 6 мм (кај плодовите достигнуваат до 10 мм). Тие се елиптични, на врвот тапи, но завршуваат со продолжение долго околу 0,8–2 мм. Имаат 3 до 5 зелени, црвеникавозелени или црвеникави жили, со ципести рабови кои се покриени со погусти, куси и прилегнати влакна. Венечните ливчиња се целокрајни и се малку подолги (до 1,5 пати) од чашкините ливчиња.[3]
Плод
[уреди | уреди извор]Плодните делови се долги 5 до 7 мм, покриени со прилегнати влакна, а на самиот врв имаат две голи вдлабнатини. Клунестиот дел од плодот изнесува 6 до 7 мм и има полуприлегнати влакна по површината.[3]
Подвидови
[уреди | уреди извор]Во рамките на видот се разликуваат два подвида:[2][3]
- Erodium hoefftianum subsp. hoefftianum: Ниско растение со висина од 10–20 см. Стеблото, како и дршките на цветовите и на соцветието се покриени со жлездести влакна.
- Erodium hoefftianum subsp. neilreichii: Високо растение кое достигнува и до 60 см. Стеблото и дршките на цветовите и на соцветието се покриени со прости и прилегнати влакна.
Живелиште
[уреди | уреди извор]Овој вид главно успева на суви подрачја, брдски пасишта и покрај селски патишта.[3]
Распространетост
[уреди | уреди извор]Природниот опсег на песочниот здрал се протега од Средна и Југоисточна Европа до Средна Азија и Иран.[2]
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Во Македонија е регистриран номиналниот подвид (subsp. hoefftianum), за кој во домашната ботаничка литература е наведено дека е познат единствено за околината на Кочани, кај селото Истибања.[3]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Veľká kniha rastlín, hornín, minerálov a skamenelín (slovenský). IKAR, a.s. - Príroda. 2021. стр. 270–271. ISBN 978-80-551-6882-1.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
- 1 2 3 4 „Erodium hoefftianum C.A.Mey“ (англиски). POWO - Plants of the World Online, Kew.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 Мицевски, Кирил (2005). ФЛОРА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Том I, свеска 6. Скопје: МАНУ. стр. 1510-1511. ISBN 9989-101-46-9 (св. 6) Проверете ја вредноста
|isbn=: invalid character (help). Укажано повеќе од еден|pages=и|page=(help);|access-date=бара|url=(help)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Erodium hoefftianum на Викивидовите ?- Песочен штрк (фотографија) на iNaturalist.org