Песни на западните Словени (Пушкин)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Песни на западните Словени“ — збирка песни на рускиот поет Александар Пушкин од 1834 година. Песните во збирката се напишани во духот на народните песни од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина.

Настанувањето на збирката[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1820 година, младиот Пушкин пристигнал во Кишињев каде во куќата на неговиот пријател Павел Петрович Липранди имал прилика да сретне повеќе Срби кои се доселиле таму по пропаста на Првото српско востание. За тоа, Липранди напишал: „Пушкин кај мене често се среќаваше со српските војводи кои беа доселени во Кишињев: Вулиќ, Ненадовиќ, Живковиќ, со двајца браќа Македонци и други, кои ми носеа материјали. Не се сеќавам, но како Пушкин да земаше некои белешки од мене... Од споменатите војводи тој собираше песни и често пред мене ги прашуваше што значат определени зборови, заради преводот...“ Исто така, Пушкин се запознал и со српскиот поет Атанасије Стојковиќ, а некоја млада девојка му пеела српски народни песни и му ги преведувала на српски јазик. На тој начин, во Бесарабија и подоцна во Одеса Пушкин се заинтересирал за српската народна книжевност. Една вечер, во домот на Липранди, Пушкин ја прочитал песната „Ќерката на Караѓорѓе“ која во тоа време живеела во Хотин, во близината на Кишињев.[1]

Многу подоцна, кога српските народни песни биле познати ширум Европа, во 1834 година, Пушкин ја напишал збирката „Песни на западните Словени“. Најголем дел од песните се превод од француски јазик, од збирката „Гусли“ (La Guzla, ou choix de Poésies Illyriques, recueillies dans la Dalmatie, la Bosnie, la Croatie et l'Herzégowine) која анонимно ја објавил Проспер Мериме. Мериме тврдел дека тие се „илирски“ песни собрани во Далмација, Хрватска, Босна и Херцеговина, но всушност нив ги измислил самиот тој, иако во нивната автентичност поверувал поетот Мицкјевич, а некој Германец напишал обемна дисертација за нив. Воден од желбата да дознае повеќе за нив, Пушкин го замолил неговиот пријател С. А. Собољевски да се обрати до Мериме, кој пак му одговорил на 18 јануари 1834 година. Во писмото, Мериме објаснува како настанала неговата збирка, а на крајот пишува: „Пренесете му го моето извинување на г. Пушкин. Јас се гордеам и се срамам во исто време поради тоа што и тој наседнал.“[2]

Во својата збирка, некои песни Пушкин ги превел од делото на Мериме, некои песни ги составил самиот (на пример, „Песната за Црниот Ѓорѓе“ и „Војводата Милош“, испеани во несиметричен десетерец), додека други се препеви од српските народни песни, земени од збирката на Вук Караџиќ (на пример, „Бог никому должен не му останува“, дел од „Хасанагиница“, „Три најголеми таги“ и „Коњот му се лути на господарот“. Кога во 1833 година, за време на неговиот престој во Болдино, ја напишал познатата сказна во стихови, „Бајка за рибарот и рипката“, Пушкин покрај неа ја ставил забелешката: „14 окт. 1833, Болдино, 18. српска песна“, очигледно планирајќи да ја додаде кон другите 16 песни од збирката „Песните на западните Словени“, заедно со „делот од „Хасанагиница“ (која ја сметал за 17. песна).[3]

Содржина[уреди | уреди извор]

Збирката ги содржи следниве песни:[4]

  1. Привидението на кралот
  2. Јанко Марнавиќ
  3. Битката кај Голема Зеница
  4. Теодор и Елена
  5. Влав кај Млеќаните
  6. Ајдукот Хризиќ
  7. Погребната песна на Јаким Маглановиќ
  8. Марко Јакубовиќ
  9. Бонапарта и Црногорците
  10. Славеј
  11. Песна за Црниот Ѓорѓе
  12. Војводата Милош
  13. Врколак
  14. Сестрата и браќата
  15. Принцот Јаниш
  16. Коњ

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 31-35.
  2. A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 245-248.
  3. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 36-43.
  4. A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 249-280.