Песна за Нибелунзите

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прва страна на ракописот C на Песната за Нибелунзите (околу 1220-1250)
Убиството на Зигфрид од ракописот k на Песната за Нибелунзите (1480 — 1490)

Песната за Нибелунзите — средновековен јуначки еп. Текстот како што го знаеме денес бил напишан на почетокот на XIII век напишан на средновисокогермански. Сепак, материјалот е значително постар.

Епот бил повторно откриен во средината на XVIII век и во XIX и XX век важел за национален еп на Германците, а Зигфрид бил толкуван како национален херој.

Автор и настанување[уреди | уреди извор]

Авторот на Песната за Нибелунзите не се именува себеси во текстот. Ова е во согласност со конвенција на херојскиот еп, кој не го нагласува поединечниот литературен придонес на поетот, туку потеклото на материјалот што се раскажува во усната традиција.

Денес се претпоставува дека авторот на епот бил духовно и книжевно образован човек во кругот на бискупот од Пасау и дека неговата публика биле свештениците, монасите, калуѓерките, трговците и благородните лаици.

Јазик и стил[уреди | уреди извор]

Песната за Нибелунзите е напишана во строфи од по четири стиха што можат да се приспособат за пеење (овој вид строфа е денес наречен Нибелуншка строфа), но нивната мелодија е непозната и нивниот ритам е реконструиран само колку што дозволува метриката. Оваа метричка форма е одлика на херојскиот еп и е преземена и во нешто подоцна настанат еп за Кудрун од непознат поет. Епската строфа што може да се пее значително се разликува од дворската раскажувачка литература од тоа време, особено од античкиот роман и романот за кралот Артур. Тие се напишани речиси без исклучок во стихови со паралелна рима наменети за рецитирање. Во оваа смисла, Песната за Нибелунзите е постара од „модерната“ витешка литература на Хартман, Волфрам и Готфрид .

Песната е поделена на 39 âventiuren, односно „авантури“ и содржи околу 2400 строфи. Авантурите се раскажувачки единици што служат како поглавја и имаат различна должина.

Јазикот и раскажувањето во песната претставува двојна дилема. При нејзиното запишување требало да се премости јазот од една страна помеѓу усната традиција и барањата на жанровските конвенции, а од друга страна помеѓу народниот, (псевдо)историски материјал и христијанско-дворскиот свет.

Средновековен општествен строеж[уреди | уреди извор]

Книжевната верзија на периодот околу 1200 година се тематизира различни концепти на феудалното општество: Зигфрид го отелотворува владејачкиот тип, чие владеење се темели на физичката сила, но и на наследениот кралски чин и прифаќањето на следбениците, кои ги придобива на своја страна со мудри пресуди. Кралот Гинтер претставува владетел чија моќ се заснова на членовите на семејството и министерството и која ја делегира борбата за моќ.

Централниот конфликт е конфликтот помеѓу вазалството, кое бара потчинување и послушност и модернизирано феудално владеење.

Социјалниот свет на Песната за Нибелунзите е, барем делумно, архаичен. Особено во менталниот склоп на Хаген централниот поим е „следи“, односно потчинетиот мора да го следи својот господар на патувања или во војна ако така му е заповедано.

Родовите улоги[уреди | уреди извор]

Според некои толкувања, делото може да се чита на таков начин што ќе се прикаже проблемот со родовите улоги: кралевите од Вормс не се воведуваат како такви, туку во својство на чувари на нивната сестра Кримхилд, главниот лик. По смртта на таткото, таа е прво под старателство на браќата, а по бракот под старателство на брачниот другар. Нејзината снаа Брунхилд ја прифаќа превласта на мажот само ако тој може да ја победи, но потоа ја прифаќа целосно. Спротивно на тоа, Кримхилд најпрвин целосно ги прифаќа родовите улоги, иако често има тешкотии со нив: Кога за својата свадба бара од браќата да ѝ дадат дел од наследството што ѝ припаѓа како на едно од четирите деца на починатиот татко, сите мажи се против тоа, вклучувајќи го дури и нејзиниот сопруг Зигфрид. Особено за Хаген е незамисливо дека во иднина може да стане следбеник на жена. Наследна обврска на неговото семејство е да им служи на „кралевите“. и тој се чувствува длабоко навреден од овој предлог од Кримхилд. Кримхилд најпрвин се потчинува. Го прифаќа дури и правото на сопругот да ја казни (кога Зигфрид претепува како казна заради тоа што ја навредила Брунхилд). Меѓутоа, дури кога Брунхилд не само што ѝ го убива сопругот, туку и со измама ја лишува од нејзиниот имот, таа расте над оваа подредена улога: „Кога би била витез“, си посакува таа (стих 1413 од верзијата Б). Кога таа конечно сосема ја напушта улогата на жена, самата посегнува по меч и ја отсекува главата на Хаген, таа не може да го издржи светот на мажите: Иако самиот Хилдебранд се обидел да го убие Хаген, за него е незамисливо да дозволи херој да умре од раката на жена и затоа ја убива Кримхилд. Со целосното напуштање на улогата на жена завршува и нејзиниот живот.

Содржина[уреди | уреди извор]

Песната за Нибелунзите може да се подели на два дела: Во првиот дел е опеан првиот брак на Кримхилд со Зигфрид и смртта на Зигфрид, а во вториот е одмаздата на Кримхилд.

Нибелунзите во средниот век[уреди | уреди извор]

Материјалот поврзан со сагата за Нибелунзите бил многу познат и широко распространет низ средниот век во германското, нордиското и англиското говорно подрачје. Поетите и историчарите повремено споменуваат ликови од легендата.

Фридрих Хебел „Нибелунзите“ (училишно издание околу 1900 година, Виена / Брно)
Зигфрид го кове царскиот меч, национален споменик на Бизмарк (1901), Берлин

Преработки[уреди | уреди извор]

Материјалот од Песната за Нибелунзите бил снимен како филм во 1924, 1957 и 1967 година за кино и во 2004 година за телевизија. Најуспешен и историски значаен филм е дводелната филмска верзија од 1924 година во режија на Фриц Ланг .