Пердика (намесник)
Пердика — еден од генералите на Александар Македонски. По смртта на Александар во 323 година пр. н. е., станал намесник на целото Александрово царство.[1]
Пердика бил со потекло од владетелско семејство од Орестида што било во сродство со аргеадската династија. Го придружувал Александар III Македонски уште од војната против Трибалите, па сè до смртта. Најпрвин бил заповедник во пешадиските единици, подоцна станал еден од седумтемина негови телохранители. Пердика се истакнал во 335 година пр. н. е. за време на освојувањето на Теба, кога бил сериозно ранет. Тој бил значаен командант за време на индискиот поход. Во 324 година пр. н. е., по смртта на Хефајстон, станал заповедник на првата коњичка хилијархија.[2]
Станува намесник
[уреди | уреди извор]По смртта на Александар во 323 година пр. н. е., генералите наследници на Александар (дијадосите) одлучиле да го признаат ментално болниот полубрат на Александар Филип III и неродениот син на Александар за кралеви. Пердика бил прогласен за намесник на целото царство. Дејствувајќи во име на двајцата кралеви, Пердика се покажал нетолерантен кон соперниците. Тој сакал да го задржи целото кралство под своја контрола.
Кавга со дијадосите
[уреди | уреди извор]Се замерил со Антипатар кога одбил да се ожени со неговата ќерка. Се скарал со Птоломеј околу мртвото тело на Александар. Се оженил со Клеопатра, сестрата на Александар Македонски. Неговиот најлојален слуга бил Евмен, сатрапот на делови од Кападокија и Пафлагонија. Овие провинции не биле целосно под македонска власт, па Пердика му наредил на Антигон (сатрап на Фригија, Ликија и Памфилија) целосно да ја освои Кападокија и Пафлагонија, со цел да му ги предаде освоените земји на Евмен. Антигон одбил и бил повикан на двор поради непослушност. Антигон избегал и склучил сојуз со Антипатар, Кратер и Птоломеј Лизимах против Пердика.
Војна со дијадосите
[уреди | уреди извор]Додека Евмен војувал во Мала Азија, Пердика отишол во Египет за да го нападне Птоломеј. Пердика ја изгубил првата битка и 2.000 војници. Избувнал бунт меѓу војниците и офицерите, разочарани од поразот и Пердика. Пердика бил убиен од неговите сопствени офицери (Селевк, Питон и Антиген) во 320 година пр. н. е.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Никола Гажевић, Војна енциклопедија (књига 6), Војноиздавачки завод, Београд (1973), стр. 628
- ↑ Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1134. ISBN 978-608-203-024-1.
Литература
[уреди | уреди извор]- Никола Гажевић, Војна енциклопедија (књига 6), Војноиздавачки завод, Београд (1973), стр. 628