Прејди на содржината

Пелагониска пастрмка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пелагониска пастрмка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Зракоперки
Ред: Лососовидни
Семејство: Лососи
Род: Пастрмки
Вид: Пелагониска пастрмка
Научен назив
Salmo pelagonicus

Пелагониска пастрмка (латински: Salmo pelagonicus) – ендемски вид на риба, карактеристичен за водите на Македонија. Се наоѓа распространета само во водите на Црна Река и тоа во горните делови од течението, до село Бучин.[2]

Опис и распространетост[2]

[уреди | уреди извор]

Пелагониската пастрмка се водела како подвид на Salmo trutta (Salmo trutta pelagonicus). Резултатите од ихтиолошките истражувања покажале дека подвидот ги има одликите за таксономски статус на вид. Црна Река му припаѓа на вардарскиот слив, но пастрмката која живее во нејзиниот горен тек се разликува од останатите пастрмки од сливот. Основна нејзина одлика по која се разликува по изглед од македонската пастрмка се интензивните црвени точки по целото тело, кои кај македонската пастрмка ги нема. Главата е долга и помалку зашилена, устата е длабоко всечена. Ралото има двоен ред заби. Нема официјален податок за нејзините максимални вредности на должината и тежината. Најголем примерок пелагониска пастрмка е уловен во Црна Река во текот на 2006 година со должина од 36 cm. Се претпоставува дека максималните димензии и максималната тежина која може да ја постигне пелагониската пастрмка се доста поголеми во однос на наведените.

Пелагониската пастрмка, како и останатите пастрмки, бара песокливо и каменито дно. Се мрести обично во периодот ноември-јануари, а зависно од температурата на водата, може да биде и порано или подоцна. Женските единки икрата ја исфрлаат на плитки места со силно струење на водата и на песочно-каменита подлога, во која претходно со опашката имаат направено длапка (гнездо) со димензии 20–30 cm ширина и 15 cm длабочина по што машките единки ја преливаат икрата со млеч. По оплодувањето, заради заштита на оплодената икра, машките и женските единки ја покриваат со камчиња и песок.

Дозволен е само рекреативен риболов. Се лови со вештачки и природни мамци.

  1. Salmo pelagonicus. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 23 април 2019.
  2. 2,0 2,1 2,2 „РИБОЛОВНА ОСНОВА ЗА РИБОЛОВНА ВОДА „СЛИВ НА ЦРНА РЕКА" ЗА ПЕРИОД 2017 – 2022 ГОДИНА“. Службен весник. 6: 15. 2017. Посетено на 2019-04-23.