Пајонско племенско и кралско монетоковање

Од Википедија — слободната енциклопедија


Пајонско монетоковање се јавува во VI век пр. н.е. што од една страна е резултат на влијанијата кои доаѓаат од малоазискиот простор, а од друга страна и резултат на созреаните општествени и економски односи. Првите пари биле ковани од пајонските племиња Дерони, Лајаи, Бизалти, Орески, Заелаи, Тинтени, Едони, но и градовите Лете (530-480 г. пр.н.е.) и Ихне (530-480 г.пр.н.е.). Овие племенски ковања имале паричен систем кој се засновал на статерот со тежина од 9,80 г. Независното племенско ковање било прекинато во 479 г. пр.н.е.

Покрај племенското ковање, пари биле емитувани и од пајонските владетели чии имиња се појавуваат на парите почнувајќи веројатно од третата четвртина на V век пр. н.е. кога е датиран сребрениот диобол на претпоставениот пајонски владетел Теутаос. Покрај оваа монета откриени се уште неколку примероци на други претпоставени пајонски владетели кои не се споменуваат во изворите, но нивните имиња се читаат на монетите: Теутамадос[1], Бастареј, Никарх, Симон, Теутиас и Диплај, ковани во редуциран феникиски, односно пајонски стандард. Првиот пајонски владетел потврден со изворите, кој кова свои пари е Ликеј (ц.356-ц.340 г. пр.н.е). Во негово име биле емитувани сребрени тетрадрахми и драхми според пајонски стандард. Следниот пајонски владетел Патрај (340/335-315 г. пр. н.е.) ковал тетратрахми, драхмите и тетраоболите. Неговиот наследник Авдолеон (315-286/5 г. пр. н.е.), ковал повеќе видови тетрадрахми, дидрахми, драхми, тетраоболи и бронзени монети. Од пајонскиот владетел Леон (ц.278-250 г. пр.н.е) и неговиот син Дропион познати се само бронзени пари.

Поврзано[уреди | уреди извор]