Паштицада

Од Википедија — слободната енциклопедија
Паштицада

Паштицада е традиционално и репрезантативно јадење кое се спрема од говедски бут во специјален сос и е мошне омилено јадење во Хрватска. Често се нарекува и далматинска паштицада, бидејќи потекнува од Далмација. Во Далмација, секое семејство и секој регион има свој рецепт за ова празнично јадење. За да се направи, потребна е долга подготовка: прво, месото се шпикува со лук, каранфилче, морков и сланина, потоа се маринира т.е. се остава да отстои преку ноќ (најмалку), во оцет разблажен со вода и вино. Потоа маринираното говедско месо се динста полека, заедно со кромид, лук, корен од магдонос, морско оревче, сливи, сос од домати со додавање на вода и вино (прошек). Динстањето може да трае и до 5 часа што зависи од месото. По готвењето, зеленчукот се пасира и се меша во сосот. Во Далмација, тоа е оброк кој се подготвува за важни празници, вклучувајќи свадби. Обично се служи со њоки или домашни тестенини.

Потеклото на паштицада не е познато, но се претпоставува дека е поврзано со варијанти на слични јадења од Грција, источна Италија, па дури и од јужна Франција. Далматинската паштицада има многу сличности со француското јадење дауб, иако не се знае дали тие имаат заедничко потекло. Најстариот запишан рецепт е од Дубровник, и датира од XV век. Во далматинското село Велико Брдо, на подножјето на Биоково, над крајбрежниот град Макарска, традиционално се служи паштицада на 30 септември за одбележување на денот на Свети Јероним, светецот-заштитник на селото.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]