Прејди на содржината

Патнички вагон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Патнички вагон

Патнички вагон — вид железнички вагон, односно железничко возило што е првенствено наменето за превоз на патници. Овие вагони обично се опремени со седишта за удобно патување на патниците.[1]

Изразот „патнички вагон“ може да опфаќа и различни специјализирани вагони што служат за потребите на патниците или за други конкретни улоги во патничките возови. Тука спаѓаат:

  • вагони за спиење (кои нудат легла или купеа за ноќно патување)
  • багажни вагони (за превоз на багаж)
  • вагон-ресторани (за послужување храна и пијалаци)
  • поштенски вагони (за превоз на пошта)
  • како и вагони за превоз на затвореници.

Првите патнички вагони биле изградени на почетокот на XIX век, со појавата на првите железници, и биле мали, малку повеќе од пренаменети товарни вагони. Раните патнички вагони биле изработени од дрво; во XX век, конструкцијата се префрлила на челик, а подоцна на алуминиум за подобрена цврстина. Патничките вагони значително пораснале во големина во однос на нивните најрани верзии, при што современите двокатни патнички вагони можат да превезуваат над 100 патници. Удобноста за патниците, исто така, се подобрила со текот на времето, со додатоци како осветлување, греење и климатизација. Во некои системи се нуди избор меѓу прва и втора класа на вагони, при што се плаќа доплата за првата.

На патничките вагони е монтирана следната опрема:

  • Внатрешна
  • Климатска
  • Санитарно-техничка

Во внатрешната опрема на патничкиот вагон спаѓаат уредите што го сочинуваат ентериерот на вагонот и го одредуваат неговиот распоред во согласност со намената (преградни ѕидови меѓу просториите, обложување на ѕидовите, подот и таванот, места за лежење или седење на патниците, места за багаж, како и прозорци, врати, разни арматури). Секој патнички вагон има систем за електрично напојување, кој обезбедува електрична енергија за сите негови потрошувачи (уреди за греење, осветлување).

Во климатските уреди на патничкиот вагон спаѓа комплексот опрема — инсталации за греење, вентилација и климатизација на воздухот, неопходни за обезбедување нормални температурни услови и размена на воздух во вагонот.

Во санитарно-техничката опрема на патничкиот вагон влегуваат санитарните јазли и системот за водоснабдување. До неодамна, уредувањето на санитарните јазли било такво што не можеле да се користат при минување на возот низ населени места. Искористената вода и нечистотиите се исфрлале право на пругите. Со ова е поврзано постоењето на санитарни зони, кога при минување низ големи градови тоалетите во вагоните се затворале на неколку часа. Со опремувањето на вагоните со биотоалети, проблемот постепено се решава.

  1. „Oxford Learner's Dictionaries – Find definitions, translations, and grammar explanations at Oxford Learner's Dictionaries“. www.oxfordadvancedlearnersdictionary.com. Архивирано од изворникот на 2011-08-07. Посетено на 2010-11-21.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]